1. Таа трагична 1941 година Вермахтот го окупирал поголемиот дел од Балтичкиот регион, Белорусија и половина Украина, а се приближувал до Ленинград (денешен Санкт Петербург) и на Москва. Затоа била многу невообичаена одлуката на советското раководство да отвори фронт во Иран илјадници метри далеку од Европа.
Public domain
2. Иран многу ги загрижувал сојузниците. Иако се декларирал како неутрален, сепак бил изразито наклонет кон Германците. Третиот рајх имал огромно влијание врз иранската политика и економија. Германската разузнавачка служба во Иран извршувала големи операции. Иранскиот шах Реза Пахлави ги отфрлил сите британски и советски молби да ги протера од земјата многубројните германски државјани.
Дмитриј Минскер / Sputnik
3. Ваквата состојба била неприфатлива, делумно и поради тоа што важна делница за транспорт во согласност со Законот за заем и наем водела преку иранската територија низ таканаречениот персиски коридор. Сојузниците се договориле да преземат контрола над земјата до крајот на војната за да се исклучи секоја можност Иран да им помогне на силите на Оската или дури и да им се приклучи. Така на 25 август 1941 година советските и британските единици влегле во Иран. Оваа воена интервенција го има добиено називот „Операција Слога“.
Public domain
4. Советскиот Сојуз нашол легитимна причина за интервенција, така што не му објавил војна на Иран. Се повикал на Руско-персискиот договор од 1921 година во кој пишува: „Доколку трета страна посака да ја искористи персиската територија како база за операција против Русија, Русија има право да испрати свои единици во длабочината на персиската територија за изведување воени операции кои се потребни за нејзина одбрана.
Public domain
5. Советската и британската интервенција со падобрански десанти во непријателската заднина била неочекувана, а сојузничката авијација имала апсолутна доминација на небото, така што побројната иранска армија немала многу шанси да се одбрани. Во првите денови Иранците се обиделе да дадат отпор, но набрзо се дале во хаотично бегство и масовно се предавале.
Public domain
6. Откако видело дека армијата ги губи битките на сите фронтови, иранското раководство на 29 август им наредило на своите единици да го положат оружјето. Следниот ден британските и советските единици се сретнале во Санандаџ, а на 31 август Советите и Британците се ракувале во Казвин, на само 160 километри од Техеран.
Public domain
7. Сојузничката војска на 15 септември влегла во Техеран, каде организирала заедничка воена парада. Советите во целата кампања изгубиле 40, а Британците 22 војника. Иранците изгубиле над 800 војници, додека 200 цивили загинале кога сојузниците ги бомбардирале иранските градови.
Public domain
8. Советските единици ги окупирале северните, а британските јужните и југозападните делови од земјата. Иран добил нов лидер. Шахот Реза Пахлави се одрекол од престолот во корист на својот син Мохамед Реза Пахлави, под чие раководство земјата ѝ објавила војна на Германија. Со тоа е овозможено непречено функционирање на персискиот коридор, а потоа и одржување на конференција на сојузничките лидери во Техеран во 1943 година.
Public domain
9. Било одлучено сојузниците да го напуштат Иран шест месеци откако завршила војната. Велика Британија благовремено ги евакуирала своите единици, а Советите не брзале. Сталин организирал основање на неколку марионетски држави – Азербејџанската Народна Република и курдската Република Махабад на северот од Иран со цел подоцна да ги анектира.
Public domain
10. Овој чекор имал голем дипломатски одек на Запад и во ООН, што на крајот го принудил Советскиот Сојуз да попушти и да ги остави марионетските држави на милост и немилост на судбината. Набргу потоа иранската армија повторно воспоставила контрола над своите северни територии.
Public domain