Како што пренесуваат руските медиуми, мајсторот на спорт Владислав Карелин изјави дека две недели по настрадувањето на Дјатловците тој со група пријатели се упатил во поход по трагата на настраданите студенти, по рута која одела 50 километри јужно од нивната. За време на патувањето туристичката група регистрирала светла трага на небото.
„Откако разменивме мислења, заклучивме дека е во прашање метеор. Меѓутоа, неколку години подоцна видовме фотографии од лансирање на ракета од Бајконур, снимени одоздола, така што токму тоа е она што и јас го видов 17 февруари“, рече Карелин. Според неговите зборови, и други трагачи виделе слична светлина на 31 март 1959 година.
Карелин рече дека за неуспешните лансирања од полигонот Капустин Јар, извршени во февруари 1959 година, дознал 2010 година од книгата „Задача од посебна државна важност. Од историјата на создавањето на ракетното нуклеарно оружје и ракетните сили за стратешка намена“.
Авторите на публикацијата се експертите за историја на ракетно-артилериското вооружување Иван Ивкин и Григориј Сухин, а во книгата се објавени документи поврзани со советската ракетна индустрија.
Како што нагласи Карелин, пронајдените замрзнати траги од туристите кои воделе од шаторот во шумата и замрзнатите камени гребени сведочат за топлотна активност.
„Во наредните години никој никогаш не виде мраз. Го имало само во 1959 година. Овие факти упатуваат на заклучок дека е апсолутно можно да станува збор за некое силни топлотно дејство, технолошко без сомнение, кое и можело да ја предизвика трагедијата“, рече тој.
Академик Петар Вартоломеј, член на управата на Фондот за зачувување на споменот на групата на Дјатлов рече дека обвинителството во текот на проверката ја омаловажило улогата на сведоците кои учествувале во потрагата.
Тој смета дека клучни сведоци во овој предмет треба да бидат поранешниот заменик-раководител на истражното одделение за Свердловската област Евгениј Окишев и иследникот Лав Иванов, кои во 1959 година ја водеа кривична постапка.
Како што прецизира тој, двајцата сведоци првично зборувале дека планинарите ги натерала во бегство од шаторот токму технолошка катастрофа.
Раководителот на Фондот за зачувување на споменот на групата на Дјатлов Јуриј Кунцевич најави обраќање на оваа организација до истражниот комитет со барање да се обнови истрагата.
„Ви се обраќаме со барање да спроведете истрага во врска со кривично дело без број, за туристите-скијачи кои ги загубија животите зимата 1959 година на подрачјето на планината Отортен на Северен Урал. Ве молиме да го сторите тоа додека сѐ уште се живи сведоците, вклучени во операцијата за потрага спроведена тие години и додека сѐ уште се чуваат материјалните докази“, прочита Кунцевич дел од писмото што го потпишаа членовите на Фондот, Руското географско друштво и роднините на загинатите.
Во март оваа година Истражниот комитет на Русија соопшти дека екстремните временски услови во кои се нашла групата на Дјатлов ја предизвикале нивната смрт и дека за појавата на толку многу верзии кои трагичните настани ги толкуваат со мистични причини е заслужна немарноста на истрагата.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче