Мистеријата за страшната смрт на групата на Дјатлов

Деветмина млади излетници во 1959 година загинаа во снежните беспаќе на Северен Урал под мистериозни околности од кои крвта замира во вените. Нивната смрт никогаш не беше разјаснета. По отворањето на документите на стариот предмет во деведесеттите години од минатиот век, мистеријата уште повеќе се продлабочи. А, сега, стигнува и холивудски филм за неа.

Најпрво беа пронајдени петмина туристи. Јуриј Дорошенко и Јуриј Кривонишченко само во долна облека лежеле покрај некој кедар, на падините под напуштениот шатор, од кој биле оддалечени половина километар. Игор Дјатлов, водачот на групата туристи, бил облечен, но без обувки и со различни чорапи – со волнен чорап на десната и со памучен на левата нога. Лежел 300 метри од кедарот надолу на патот кон шаторот, со лицето в снег, прегрнувајќи една бреза. Со главата бил завртен во правец на шаторот. 300 метри понатаму лежела Зина Колмогорова. И таа била без обувки, и главата ѝ била свртена кон шаторот. Понатаму на надолнината, на 180 метри од Зина, лежел Рустем Слободин со пробиен череп. На десната нога имал валенка со четири чорапи, а левата нога му била боса.


Прикажи поголема мапа

Останатите се пронајдени многу подоцна, кон крајот на пролетта, односно по два месеци. Људмила Дубинина била покрај изворот, на колена, со лицето свртена кон изворот, а покрај неа лежеле прегрнати Семјон Золотарјов и Александар Колеватов, додека Николај Тибо-Брињол лежел во водата. Золотарјов бил без очи, а Дубинина без очи и без јазик. Се зборуваше и за некаква чудна боја на кожата на жртвите: црвеникава или портокалова.

Зошто млади, здрави луѓе кои знаеле каде е шаторот и сè што им е потребно за да преживеат гледале во него и седеле полуголи во снегот дури не смрзнале? Во извештаите пишуваше дека на нивните лица, свртени кон шаторот, имало израз на страв што не може да се опише. Што виделе?

Ова се случуваше во Советскиот Сојуз, во 1959 година. Весниците не пишуваа за вакви настани. Не постоеја зборови со кои би можело да се пишува за вакво нешто. Вистината е дека луѓето не беа навикнати да дознаваат што навистина се случува од печатот. На советските граѓани замена за медиумите им беа раскажувањата и градските легенди, кои популарно се нарекуваа „сарафанско радио“. На погребот на учесниците на походот се собра сиот Свердловск (така тогаш се викаше Екатеринбург).

Премногу мистериозни и страшни детали

Она што на сите морало да им падне в очи е тоа што околностите на нивната смрт биле претерано чудни. Од извештаите на истражните органи, кои подоцна станаа достапни, е јасно дека немало никакви јасни траги од други лица или од животни. Многу прашања останаа без одговор. Зошто млади, здрави луѓе кои знаеле каде е шаторот и сè што им е потребно за да преживеат гледале во него и седеле полуголи во снегот дури не смрзнале? Во извештаите пишуваше дека сите имале големи внатрешни крвавења, кои можеби ги оневозможиле да се движат. Некои имале и скршени ребра. Еден од членовите на групата имал згмечен череп без никакви надворешни повреди. Зошто истрчале полуголи од шаторите во суровата северноуралска зимска ноќ?


Причина за нивната смрт била стихијна сила која луѓето не биле во состојба да ја совладаат.

Заклучок во официјалниот извештај на иследникот Лев Иванов од 1959.

Во извештаите пишува дека на нивните лица, свртени кон шаторот, имало израз на страв што не може да се опише. Што виделе? Дали нешто дошло во нивниот шатор? Исто така, тие не истрчале од шаторот низ вратата. Тие направиле дупка на една од страните и низ неа излетале надвор. Се појави и верзија од извештаите според која нивните тела биле радиоактивни. Некои имале и сериозни изгореници... И тука не е крајот. Една група, која побегнала најдалеку од шаторот, направила легло во снегот од гранки на чинар – но сеедно не биле најдени во него, туку неколку метри подалеку, замрзнати. Сево ова, сепак, не го објаснува најбизарниот детаљ: што се случило со нивните очи и со нивните јазици?

Приказните за страшната смрт на туристите се вртеа со децении  пред да се појави првиот форум на рускојазичниот Интернет, кој беше посветен на загинатите од групата. Со текот на времето приказните добиваа сè повеќе измислени и реални детали, се пренесуваа од уста на уста, од колено на колено. Во педесеттите години од минатиот век во Русија во зачеток беше масовниот туризам, и тој тогаш не се асоцираше со фотографирање пред културноисториски споменици, туку со романтични походи во неистражените краеви на големата земја, со ранци, со шатори и со песни со гитара. Судбината на групата на Дјатлов за неколку генерации туристи претставуваше само мит за кој беше мошне интересно и мошне страшно да се разговара навечер пред логорскиот оган за време на одморот. Превојот на кој загинаа туристите го доби своето име по Игор Дјатлов. Сега таму има спомен-обележје. Го поставиле некои ентузијасти.

Јануари 1959: Људмила Дубинина се збогува со Јуриј Јудин откако тој решил да ја напушти групата заради болест и, благодарение на тоа, остана жив. Во заднината се гледа Игор Дјатлов. Фотографијата е преземена од филмот најден во кампот на местото на трагедијата на превојот кој подоцна го доби своето име по Дјатлов, а која била вметната во истражниот материјал.

Во деведесеттите години од минатиот век, по распадот на СССР, иследникот  Лев Иванов дал неколку интервјуа. Токму тој тогаш, во 1959 година, го затворил случајот со следнава формулација: „Причина за нивната смрт била стихијна сила што луѓето не биле во состојба да ја совладаат“. Во интервјуата тој јасно навестува дека таа „стихијна сила“ била поврзана со некаква паранормална појава: НЛО, „снежниот човек“ или нешто во тој стил.


Интересно, што ли не очекува на ова патување? Што ново ќе видиме?

Од дневникот на Зина Колмогорова, 23 јануари 1959.

Очигледно архивата на иследникот Иванов била главниот извор на документирани сведоштва поврзани за настаните со групата на Дјатлов. Членовите на групата во текот на својот поход постојано воделе дневници и непрестајно се фотографирале. Сите фотографии биле приложени во предметот. Постепено сета оваа фотоархива стана достапна за јавноста. Весели изрази на лицата, старомодни одела и впечатливи пејзажи на Северен Урал: планини и снег, снег, снег... Не постои официјална верзија за загинувањето на туристите и, очигледно е, дека никогаш нема ни да има. Но, сепак, како и при секој мистериозен настан, постојат скептици кои се убедени дека нема ништо мистериозно, и тоа убедување ним, изгледа, им причинува задоволство. Север, снег, зима... Па, да: снегот е виновен. Или ги затрупала лавина, или паднал голем снег кој им го затрупал шаторот, така што тие во паника и страв полуголи избегале од шаторот и потоа умреле од  студ.

Трејлер за филмот „Случајот Дјатлов“ (2013). За македонски превод притиснете „CC“. 

А, што ако сепак не е снегот во прашање? Северен Урал е ладно и ненаселено подрачје, никој не го познава во доволна мера и сосема е можно дека тука се наоѓал логор на Гулагот, или тајна нуклеарна фабрика, или полигон за тестирање тајно оружје, или ова е едноставно некакво маѓепсано место. Претставници на автохтониот северен народ Манси, кои во овие краишта живееле многу пред да дојдат Русите, превој го нарекле „планината на деветтемина мртви“. Во групата на Дјатлов имало токму деветмина туристи. Задача со огромен број базни податоци и без точно конечно решение претставува идеална приказна за класичен хорор филм.

Судбината на групата на Дјатлов за неколку генерации туристи претставуваше само мит за кој беше мошне интересно и мошне страшно да се разговара навечер пред логорскиот оган за време на одморот.

Згора на тоа, на оваа тема се водеа неверојатно долги и жестоки дискусии на Интернет-форумите, најпрво на локалните, уралските, а потоа и на московските. Беа правени мултимедијални презентации (фотографии од архивата на групата со злокобна електронска музика во позадината), популарните писатели на детективски приказни пишуваа статии, а разно-разни ентузијасти со години го проучуваа овој поход со сите негови детали и пишуваа книги за овој настан. „Дјатловманијата“ е еден од најзначајните феномени на рускиот Интернет-простор. Холивудскиот хорор за групата на Дјатлов пред пет години беше сензација, а сега луѓето само креваат со рамената и прашуваат: „Каде бевте досега?“.

Филмот на Рени Харлин секако нема да им се допадне на луѓето кои со години по форумите се препираа околу групата на Дјатлов, но тие никогаш нема да признаат (дури ни себеси) дека работата не е во филмот, туку во неизбежното претворање на локалната култна содржина во општопозната приказна. Никому не му се допаѓа кога андерграундот станува дел од поп-културата, но изгледа не постојат поинакви критериуми за „суперприказна“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња