Русија за време на Романови и Кина за време на династијата Ќинг: Што е заедничко за двете царства?

Историја
ОЛЕГ ЕГОРОВ
Изненадувачки, но вистинито: двете големи и мошне различни царства се развивале според слично сценарио и тоа во исто време. Интересно е што и двете царства пропаднале во првата половина на 20 век.


Во музејот на Московскиот Кремљ се отвори изложбата „Богатството на царската палата на Забранетиот град: Процутот на Кина во 18 век“. Московјаните можат да го видат сето богатство на династијата Ќинг: свечена облека и портрети на кинеските цареви, нивните симболи на власт и лични предмети од накит до садови.

Судбината на Кина за време на владеењето на династијата Ќинг (17-20 век) во многу нешта се поклопува со судбината на руската империја. Погледот на источниот сосед ќе ни помогнеме да ја сфатиме руската историја. Значи, што ги формирало овие две царства? 

Царства настанати на урнатини

Првата впечатлива сличност претставува близината на временската рамка во која Романови и монарсите на династијата Ќинг владеат со Русија и со Кина. Првиот владетел на династијата Романови, Михаил Фјодорович, стапил на престолот во 1613 година. Во 1644 година, триесетина години подоцна, во Пекинг, поразувајќи ја династијата Минг, дошол младиот цар Шун-хи, првиот владетел од династијата Ќинг. Владеењето на Романови и на династијата Ќинг престанала во речиси исто време (1917 и 1912 година), а обете власти биле симнати од власт за време на револуции.

Но, постојат и разлики. Монарсите на династијата Ќинг биле странци во Кина: по потекло од Манџурија, ти всушност ја освоиле Кина, искористувајќи ја слабоста и непопуларноста на династијата Минг го придобиле поголемиот дел од населението на своја страна. Од друга странам во Смутната доба Романови го бранеле царството од странските освојувачи – Швеѓаните и Полјаците. Но, обете династии ги изградиле своите царства на остатоците од минатото: руското царство на Рјурикович, а кинеското на династијата Минг. Многу работи требало да се обноват.

Реформатори и освојувачи

Во Русија, во улогата на човек кој ги донел промените се појавува Петар Велики (владеел од 1682 до 1752 година). Токму тој го објавил создавањето на царството (во тоа време Кина со гордост го имала тој статус од 221 година пред нашата ера), спроведувајќи радикални реформи, па како резултат на Северната војна (1700-1721 година) против Шведска ја претворил Русија во полноправна европска сила.

Во Кина првите цареви на династијата Ќинг исто така настојувале, колку што било можно, да го модернизираат царството: така царот Кангси (владеел од 1661 до 1722 година) вовел даночна реформа, ослободувајќи ги на тој начин селаните од дополнително даночно угнетување, што довело до економски пораст и до демографска експлозија. Кинезите, како и Русите, морале да војуваат против другите европски земји. Кон крајот на 17 век Кинезите ги победиле Холанѓаните кои го окупирале Тајван.

Освојувањата на династијата Ќинг не биле ограничени на Тајван. Кинеските морнари максимално ги прошириле границите на царството, покорувајќи ги Монголија, Синкјанг и Тибет. Романови, во свое време, припоиле нови територии на руското царство. Во периодот од 18 до 19 век под негова контрола се нашла огромна територија од Полска до Курилските острови и Алјаска.

На тој начин Русија на Романови и Кина на династијата Ќинг веќе во периодот од 17 до 18 век се претвориле во центри на моќ: власта на руските и на кинеските цареви влијаела на судбината на милиони луѓе и на огромни територии. Не изненадува фактот што во тоа време патиштата на двете големи царства се вкрстувале, а тоа не минало без проблеми.

Судири во Сирија

Главниот предмет за судирот помеѓу Русија и Кина кон крајот на 17 век биле земјите во басенот на Амур, северно од Кина, каде активно продирале руски имигранти кои ги населувале ненаселените територии и ги граделе првите положби. Династијата Ќинг била внимателна во врска со ова ширење, кинеските цареви овие подрачја го сметале за свои и покрај тоа што таму речиси воопшто немало кинеско население.

По кусата војна од осумдесеттите години на 17 век, Русија и Кина во 1689 година го потпишале Нерчинскиот мировен договор, кој бил поповолен за Кина, одошто за Русија. Русите привремено се откажале од плановите за развој на Амурската област и за Далечниот исток.

Процут

Династијата Ќинг во 18 век успеала да ја зацврсти својата моќ и да оствари стопанско закрепнување: Кина самостојно се снабдувала со сè што ѝ било потребно, па така станала и главен извозник на текстил и на порцелан. Царевите се грижеле за културата, ги обновувале книжевните споменици од претходните епохи и составувале речници и енциклопедии.

Од друга страна, Кина останала аграрна земја, изолирана од надворешниот свет и лошо запознаена со модерните изуми и со земјоделските системи.

Русија во 18 век во времето во кое епохата на дворските преврати го заменил „просветителскиот апсолутизам“ на Екатерина Втора, била, секако, поотворена европска држава, но и во неа на сила останала апсолутната моќ на монархот и потпирањето на аграрната економија. Во обете земји и понатаму постоеле противречности помеѓу надворешниот сјај и длабоките внатрешни проблеми, што довело до тешки последици. Кина на династијата Ќинг со нив се судрила порано и претрпела повеќе.

Пад

И Санкт Петербург и Пекинг кон средината на 19 век независно еден од друг се бореле против западните сили и во тие војни изгубиле. Русија во Кримската војна (1853-1856) изгубила од алијансата која била составена од Велика Британија, Франција и Османското Царство, додека Кина била немоќна пред Велика Британија и Франција во „опиумските“ војни (од четириесеттите и педесеттите години од 19 век), кога Европејците ѝ наметнале на Кина низа договори, претворајќи ја дефакто во колонија на Западот. Русија го искористила моментот и во 1860 година ја убедила Кина да ја потпише Пекиншката конвенција, според која го добила правото на Амурската област и на Приморскиот крај.

И покрај поразот во Кримската војна, Руското царство уште шеесетина години постоело релативно успешно. Кина на династијата Ќинг, и покрај обидите да се спроведе реформа и да го унапреди стопанството, ја потресувале катаклизми, народни востанија кои траеле со децении, па владеењето на последните цареви добило прилично церемонијален карактер, додека со земјата владееле странци.

Обете царства во втората деценија од 20 век престанале да постојат како резултат на револуции: Хсинхајската револуција од 1912 година во Кина и Февруарската револуција од 1917 година во Русија. Династијата Романови и домот Ќинг паднале, а од хаосот во кој завршиле Русија и Кина двете земји ги извлекле некои сосема други луѓе.