Како Кина и Русија за влакно избегнале Трета светска војна?

TASS
Пограничниот конфликт околу малечкиот остров на Далечниот Исток можеше да предизвика војна од широки размери. Како беше избегната таа катастрофа?

Сè започна во раните зори на 2 март 1969 година. Претходниот ден 300 кинески војници по мраз ја преминаа замрзната река Усури, а тоа утро Кинезите ненадејно нападнаа 55 советски граничари на Даманскиот остров. „Тие од голема близина убија голем дел од нашите луѓе“, се сеќава Јуриј Бабански, генерал-поручник и Херој на Советскиот Сојуз кој тој ден преживеал за разлика од многу други граничари кои не стасаа да се заштитат.

Помош стасала од соседната караула. Поручникот Виталиј Бубенин неочекувано ги нападна Кинезите на оклопни транспортери и ги натера да се повлечат од островот. Но, со тоа судирот не беше завршен.

Масакр на истурена положба

Фотографија што ја објави Кинеската информативна агенција. Кинески војници се спротивставуваат на советските војници на 7 февруари 1969 година на спорниот Дамански остров (кој Кинезите го нарекуваат Женбао).

Даманскиот остров е мало (0.74 квадратни метри) ненаселено парче земја на реката Усури чие корито е помеѓу границата на СССР и Кина. Островчето беше поблизу до кинескиот брег. Околу него во текот на шеесеттите години од минатиот век изби пограничен спор зашто според меѓународното право границата треба да минува на средниот главен тек на реката Усури, но Москва се придржуваше на договорот од 1860 година според кој кинескиот брег на реката служел како граница.

Неколку недели пред отворениот судир Кинезите почнаа да ги провоцираат советските граничари, барајќи островот да ѝ припадне на Кина. „Во текот на 1968 и во 1969 година тие често по мразот се приближуваа до островот и носеа мотики, секири, а понекогаш и пушки... Ние имавме судир со нив, но само со тупаници. Така беше до 2 март“, вели Бабански.

Две недели подоцна Деманскиот остров (или Женбао, како што го нарекуваат Кинезите) повторно стана поприште на судири. Имено, на 15 март цела пешадиска дивизија го нападна островот и по повеќечасовна жестока борба ги принуди советските војници да се повлечат. Русите се налутија и донесоа тешко артилериско оружје од другиот брег, па со него го уништија непријателот. На овој начин беше завршен вооружениот судир во кој загинаа 58 советски војници и неколку стотини кинески војници.

Што всушност се случи?

Советски војници подготвени за акција во близина на Камената планина на кинеско-совтската граница во текот на кратката војна помеѓу Русија и Кина.

Во текот на шеесеттите години од минатиот век и СССР и Кина на Мао Ѕедунг тврдеа дека се залагаат за социјализам и дека се противници на капиталистичкиот Запад. Како се случи нивните односи толку да деградираат и меѓу нив да дојде во вооружен судир?

Само една деценија претходно Мао Ѕедунг ѝ беше пријател на Москва. Впрочем, и Јосиф Сталин ја поддржа Комунистичката партија на Кина кога победи во граѓанската војна и ја презеде контролата над поголем дел од Кина (со исклучок на Тајван). Кога Мао ја посети Москва во 1949 година повика „пријателството и соработката помеѓу Кина и СССР да трае 10.000 години“, за потоа во 1950 година двете земји да потпишат договор за пријателство, заемна помош и сојуз против Западот.

Кина во 1950 година испрати армија од милион „доброволци“ да се борат во Корејската војна, каде и Кина и СССР го поддржуваа Северот. Советскиот Сојуз истовремено ја помагаше сиромашната земјоделска и пренаселена Кина дa изгради своја тешка индустрија. Илјада советски стручњаци учествуваа во создавање цврста инфраструктура. Но, сојузот на црвените џинови не траеше долго.

По смртта на Сталин во 1953 година односите на двете сили почнаа да се влошуваат. Мао Ѕедунг беше доволно амбициозен за да спроведува сопствена политика, со оглед на тоа дека ја презираше новата политика на „мирна коегзистенција“ на социјалистичкиот блок и Западот што ја спроведуваше Никита Хрушчов. Мао беше многу порадикален од Хрушчов, дејствуваше агресивно, велеше дека САД се „тигар од хартија“ и алудираше на тоа дека Кина не се плаши од нуклеарна војна.

„Мао Ѕедунг се обидуваше да ја искористи смртта на Сталин и осцилациите во советската надворешна политика за да ја крене Кина на ранг на нов лидер на социјалистичкиот блок“, објаснува историчарот Алексеј Богатуров. На Москва тоа не ѝ се допадна и така кинеско-советското пријателство тргна по надолна линија. До 1960 година сите советски стручњаци ја напуштија Кина, а владејачките партии на обете земји почнаа жестоко да се критикуваат.

Ескалација

Советско-кинескиот пограничен конфликт од 1969 година. Кинески војници се обидуваат да влезат на Даманскиот остров во СССР.

Ситуацијата се влоши до таа мера што дојде до воена тензија помеѓу поранешните сојузнички зашто Пекинг изјави дека не ја признава границата помеѓу СССР и Кина која била повлечена во 19 век. Ова ги вознемири советските власти, така што СССР постави свои единици во Азија. На границата со Кина во 1967 година имаше помеѓу 250.000 и 300.000 војници.

„Ги обезбедивме единиците на истокот со најефикасно оружје и пред сè испративме таму вооружување и техника“, вели поранешниот заменик на началникот на Генералштабот на СССР Андријан Данилевич. „Властите сфатија дека политичкото и военото раководство на Западот е поразумно од кинеското“. Тоа го докажа и инцидентот на Даманскиот остров.

Кина тогаш веќе поседуваше нуклеарно оружје, така што вооружениот конфликт помеѓу овие две социјалистички држави можеше за миг да прерасне во нуклеарна војна. Необично е тоа што конфликтот траеше неколку месеци (без директни судири, но со спорадични препукнувања на целиот остров), а страните сепак успеаја да се примират. Советскиот премиер Алексеј Косигин го посети Пекинг на 11 септември 1969 година. Тој и неговиот колега Џоу Енлај постигнаа договор за запирање на вооружените инциденти, со цел двете земји за почнат преговори за прекројување на границата.

Решение

Фотографија направена на 28 септември 2016 година. Есенски амбиент на островот Женбао на северот од Кина.

Кина и СССР до крајот на осумдесеттите години од минатиот век беа во раздор. Мао Ѕедунг дури се сврте кон Вашингтон, барајќи сојуз со „капиталистичкиот непријател“, и отиде далеку во тоа. Американскиот претседател Ричард Никсон во 1972 година го посети Пекинг, по што двете земји најавија нормализација на односите и дефакто формираа антисоветски блок во Источна Азија.

Советскиот печат се нафрли по кинеските „предавници“, но, генерално речено, Москва не беше претерано незадоволна зашто имаше и други проблеми на меѓународната политичка сцена – имаше ракетни кризи во Западна Европа и војна во Авганистан, така што дури и ѝ одговараше статус кво на кинеската граница.

Дури во 1989 година Михаил Горбачов и Денг Сјаопинг потпишаа договор за демилитаризација на границата и за нормализација на билатералните односи. Неколку години подоцна СССР престана да постои, а во 1991 година Русија официјално ѝ го отстапи на Кина Даманскиот остров (Женбао).

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња