Што сѐ правеа познати светски државници да го избегнат сочниот бакнеж на Леонид Брежнев (Фотографии)

Историја
RUSSIA BEYOND
Генералниот секретар на ЦК на КПСС Леонид Брежнев беше познат по социјалистичкиот братски троен бакнеж. Меѓутоа, не сите светски лидери беа желни за оној третиот - в уста.

Советските лидери беа познати по топлата прегратка и присниот бакнеж. Сталин ги бакнуваше советските пилоти, а Хрушчов првиот човек во вселената Јуриј Гагарин.

Но најпознатиот по сочниот бакнеж в уста беше Леонид Брежнев, генералниот секретар на ЦК на КП на Советскиот Сојуз од 1964 до 1982. По повод тие бакнежи кружеа многу шеги. Таканаречениот „троен Брежнев“ стана познат во светот (нешто како што денеска е начинот на кој се ракува Доналд Трамп): еден во левиот образ, еден во десниот и третиот бакнеж усни на усни.

Некои државници не беа среќни поради таквиот начин на поздравување и бараа начин да го ескивираат. На пример, кубанскиот лидер Фидел Кастро одлучи по слетувањето во Москва да излезе од авионот со томпус во устата. Брежнев едноставно остана без можност да го покаже своето руско добредојде.

Романскиот лидер Николае Чаушеску, кој наводно пател од бактериофобија, најде начин да го избегне бакнежот и притоа да не го навреди Брежнев. Вистина, не ни е познато како му успеа тоа. Можеби работата беше во тоа што Романија уживаше посебен статус во Источниот блок?

Некои државници сепак немаа ништо против бакнувањето со советскиот лидер. Бакнежот на премиерката на Индија Индира Ганди и Брежнев и денес го краси ѕидот на нејзиниот дом-музеј. А бакнежот на Тито и Брежнев велат бил толку силен што на Јосип Броз му прокрварела усната.

Велат дека еден од првите „политички“ бакнежи на Брежнев беше оно со палестинскиот лидер Јасер Арафат, кој го посети Советскиот Сојуз 1968 година.

Но најпознатиот бакнеж на Брежнев е секако оној со лидерот на Источна Германија Ерих Хонекер 1979 година, кој стана бесмртен благодарение на сликарот Дмитриј Врубељ. Уметничкото дело е насликано на Берлинскиот ѕид со зборовите „Боже, помогни ми да ја преживеам оваа смртоносна љубов!“

Брежнев не ги бакнуваше само лидерите на социјалистички земји, туку и капиталистите. Така еднаш „настрада“ и американскиот претседател Џими Картер.

Уште една Американка, педагог по танц Ени Холман беше во составот на американската делегација која го посети СССР 1973 година и имаше можност да ги почувствува топлите усни на Леонид Брежнев. Фотографијата ја прослави девојката на двете страни на Атлантикот.

Меѓутоа не сите во раководството на ЦК на КПСС го одобруваа страсниот бакнеж на Брежнев. Јуриј Андропов, следниот генерален секретар на ЦК на КПСС и прв човек на КГБ во времето на Брежнев, еднаш изрази крајно незадоволство по повод овие бакнежи, велејќи: „Одвратно! Гостинот е болен, носот му тече, а тој [Брежнев] тргнал да се бакнува...“