Во мај 1997 година, еден МиГ-25Р на индиското Воено воздухопловство (IAF) влета длабоко во пакистанскиот воздушен простор во текот на извидувачка мисија. Фотографираше важни воени објекти и го проби звучниот ѕид, ослободувајќи моќна сонична експлозија над Исламабад. Пред да можат Пакистанци да сфатат што ги снашло и да ги подигнат своите ловци, „дрскиот“ МиГ-25 (кого инаку НАТО според својата класификација го нарекува „летачка лисица“, т.е. „Foxbat“) веќе беше назад во индискиот воздушен простор.
Деталите за мисијата се тајна, така што останува мистерија зошто индискиот пилот решил да го открие своето присуство над густо населените области на Пакистан. Некои извори како што е „Spyflight“ – вебсајт специјализиран за извидувачки и шпионски авиони - шпекулираат дека пилотот на наведениот МиГ-25 сакал да покаже дека Военото воздухопловство на Пакистан е обично зајче за Индија.
„Авионот влезе во пакистанскиот воздушен простор со супсонична брзина (т.е. со брзина помала од брзината на звукот) на висин од околу 20000 метри и никој не го забележуваше“, наведува „Спајфлајт“. „Потоа, откако го прелета целниот реон и ги сними стратешките инсталации во близината на главниот град - Исламабад - авионот се сврте назад кон Индија. Можеби со намера да им го истрие носот на Пакистанците, пилотот на „летачката лисица“ одлучил да забрза на два Маха и да ослободи силна сонична експлозија додека излегуваше од воздушниот простор на Пакистан. Неколку авиони F-16A на пакистанското Воено воздухопловство (PAF) беа подигнати во тревога, но немаше време за ефикасно пресретнување“.
Индија го негираше целиот случај, но министерот за надворешни работи на Пакистан Гохар Ајуб Кан смета дека „Foxbat“ фотографирал стратешки инсталации околу Исламабад. Порталот Air Power International вели дека пакистанска влада го смета пробивањето на звучниот ѕид за намерна провокација и тоа со цел да се укаже на тоа дека PAF во својот инвентар нема авиони кои би можеле да му се приближат на МиГ-25.
Летајќи со брзина од близу три Маха – т.е 3700 км/ч. - на висини во распон од 20000 до 30000 метри, авионите МиГ-25 се движеа побрзо и на поголеми висини од било што што непријателот поседуваше. Летајќи на работ на вселената, авионот беше практично невидлив за радарската мрежа на Пакистан. Само соничната експлозија и необичното спуштање ѝ овозможија на пакистанската истурена оперативна база да ја детектира „летачката лисица“ и да подигне неколку F-16A во потера од воздухопловната база Саргода.
Но, бркотницата по „летачката лисица“ беше бесмислена. Извори од PAF изјавија за Air Power International дека немало потреба да се пресретнува авион кој лета на речиси 20000 метри, затоа што F-16 можат да се искачат до максимум од 15 илјади метри.
Во текот на периодот од 25 години, кој се протегаше од 1981-2006 година, осум МиГ-25 од ескадрилата „Трисоник“ базирана во Барејли во државата Утар Прадеш на северот на Индија без конкуренција прелетуваа над Пакистан (а понекогаш и над Тибет), правејќи безброј фотографии со висока резолуција, како и радарски слики на ситуацијата на земјата. Освен тоа, ги снимаа електронските сигнали на пакистанските и кинеските комуникациски мрежи. Во просек летаа на 10-15 мисии месечно.
Миг-25 беше тајното оружје на Русија против американските бомбардери, и затоа не им беше даван ни на најблиските сојузници од Варшавскиот пакт. Меѓутоа, дезертерството на предавникот Виктор Беленков 1976 година ја компромитира тајноста, па така авионот стана достапен за извоз. Воздухопловниот експерт Шив Арур го цитира поранешниот началник на индиското Воено воздухопловство Идриз Латиф: „Бев шокиран и воодушевен од сознанието дека Советите всушност ни го нудеа МиГ-25 во 1980 година. Ѝ телефонирав на госпоѓата (Индира) Ганди и ми рекоа дека сум слободен да донесам одлука... „Летачката лисица“ беше најдобрата на светот, а ни стана достапна“.
Иако фотографиите кои „Трисоникси“ ги направија остануваат тајна до ден-денес, легендарниот авијациски автор Ефим Гордон фрла малку светлина врз мистериозниот свет на овие авиони со високи перформанси.
„Foxbat R“ нема одбранбено вооружување туку се потпира на својата брзина од три Маха и неговиот висок плафон на лет за да му избега на кој било напаѓач. Во книгата „МиГ-25 Foxbat, МиГ-31 Foxhound: Руската дефанзивна прва линија на фронтот“, Гордон пишува: „МиГ-25РБ (извидувачко-напаѓачката верзија) и неговите верзии беа популарни кај своите екипажи поради своите исклучителни перформанси: големата брзина, совршениот квалитет на сликата, способноста за извидување на широк подрачја во еден единствен прелет, како и малата ранливост на противничкиот оган“.
Шпионската „летачка лисица“ можеше да детектира паркирани авиони, возови, бродови, како и да ја визуелизира состојбата на мостови и слични структури. IAF често организираше специјални мисии за индиските копнени сили кога беа потребни разузнавачки информации за оклопните капацитети на Пакистан. Сликата што ја генерираше радарот беше развивана на терен со помош на комбиња со специјална опрема. Според поранешниот командант на винг на индиското воено воздухопловство Алок Чаухуан: „Овие авиони можат да мапираат држава со големина на Пакистан во едноцифрен број на мисии“.
Леталото можеше да се користи во сите видови климатски услови и никогаш не беше потребно „галење“ во хангари со клима уреди. МиГ-25 беше исклучително лесен за одржување и употреба, и за него беше потребна помалку специјализирана опрема и персонал отколку што тоа беше случајот со слични авиони од западно потекло.
Гордон додава: „Веројатно најимпресивното нешто во врска со МиГ-25 е тоа што вакви неверојатни перформанси се постигнати кај релативно конвенционален авион кој беше доволно едноставен и евтини што можеше да се произведува во голем број, па така и да се извезува. Интересно е што единствената потврдена воздушна победа на Ирачаните во текот на Заливската војна 1991 година беше заслуга на апарат Миг-25, кој собори F/A-18 „Хорнет“ на американската воена морнарица. Миг-25 и понатаму може суверено да владее со небото на многу земји“.
МиГ-25 е носител на 29 светски рекорди, меѓу кои е и рекордот во висина остварена од летало со млазни мотори. На 21 август 1977, рускиот пробен пилот Александер Федотов се искачи на висина од 37649,81 метри.
Кога Индија набави сателити со висока резолуција способни за производство на фотографии од кои можеше да се прочитаат дури и броевите на регистарските таблички на било кој паркиран воен камион, потребата од прелети на извиднички летала над непријателска територија исчезна. Миг-25Р почна да личи на оружје од Студената војна.
Втората причина беше прашањето на резервни делови од Русија. Офицерите на IAF известија дека Русите ги затвориле фабриките кои ги правеа деловите за „летачките лисици“. Се ослободиле дури и од проектните планови. (Ова инаку не е толку невешто како што може да се чини, и Американците ги уништија нацртите за своите супертајни шпионски авиони SR-71) IAF затоа беа принудени да се потпираат на делови правени во Индија, што носеше потенцијални ризици по функционалноста на толку софистицираните авиони.
Величествената ескадрила „Трисоник“ замина во историјата, но да се надеваме дека IAF еден ден ќе ги обелодени приказните за смелите мисии што ги изведуваа овие моќни МиГ-ови и храбрите луѓе кои управуваа со нив над Исламабад и Тибет.
Ракеш Кришнан Симха е новозеландски новинар и аналитичар за меѓународни односи. Ставовите изнесени во оваа статија се лични.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче