Што земале Германците?
И на едната и на другата страна на линијата на фронтот најмногу се ценела непријателската опрема.
Германските војници од паднатите руски војници пред сè ги симнувале советските шлемови СШ-39 и СШ-40. Тие биле многу потешки од германските, но подобро ја штителе главата од гелери и куршуми испукани од автоматите што Русите и Германците ги користеле во борбените дејствија.
Советските шлемови особено станале ценети во германската војска пред крајот на војната кога германската индустрија ослабела поради недостиг на ресурси, па германските шлемови станале уште потенки.
Руската зима за Германците исто така била голем проблем, па затоа војниците Вермахтот од паднатите руски војници ги симнувале зимските капути и капите „ушанки“, за подобро да се згреат.
Во почетната фаза на војната на Германците најдраг трофеј им била полуавтоматската пушка Токарев, тогаш најново советско полуавтоматско оружје кое војската го добила само две години пред нацистичкиот напад на СССР.
За време на опсадата на калето во Брест во првите денови на војната германската пешадија не можела да ѝ пријде на тврдината доволно близу за да може да ги користи германските автомати сè дури на бранителите не им завршила муницијата. Добро увежбаниот војник од пушката Токарев (доколку магацинот бил полн) можел во една минута да испука 25 куршуми со калибар 7.62х54 милиметри (тие пробивале ѕид од тула на растојание од 100 метри).
Штом дошле до првите пушки Токарев, нацистите веднаш ги испратиле директно во Германија каде врз база на рускиот модел е направена германската полуавтоматска пушка G-41. Сепак, биле потребни две години ова оружје да се усоврши и да се решат сите технички проблеми, така што германската воена индустрија дури во 1943 година ја направила пушката G-43 со која до денешен ден се фалат колекционерите.
Напоредно со пушката Токарев меѓу војниците на Вермахтот исто така бил популарен и советскиот автомат Шпагин со калибар од 7.62х25 милиметри.
И овој трофеј воените заробеници во германските погони го прилагодувале на муницијата со калибар 9х19 милиметри за моделот МР-40 по што оружјето било враќано на фронтот под назив Maschinenpistole 717.
Што земале советските војници?
Од 1943 година во СССР се формирани „трофејни бригади“ кои го собирале оружјето од убиените Германци и ги испраќале во базите за нивна понатамошна преработка или распределба. Претходно собирањето „воени трофеи“ било доста хаотично, односно секој земал сè што ќе начекал – и од своите и од германските загинати војници.
Советските војници исто така собирале шлемови, особено неоштетени. Ги собирале и своите и непријателските шлемови. За неоштетен советски шлем добивале по три рубли. Толку чинела една векна леб.
Во собирањето трофеи приоритет сепак имало непријателското оружје и борбената техника. Неоштетената непријателска техника им била испорачувана на советските единици, а оштетената или „уништена“ била расклопувана на делови, и тоа на лице место доколку постоела можност, или била транспортирана во фабричките погони. Ретко кој германски тенк или оклопен транспортер не бил оштетен, и тие биле користени на полигоните за тестирање оружје и муниција кои требало да бидат испратени на фронтот.
На истиот начин се постапувало и со други видови оружје. Топовите по прегледите се користени за производство на сопствено оружје (доколку не биле исправни) или биле транспортирани во складиштата и фабриките за да служат за тестирање.
Подоцна, кога трофејното оружје се натрупало, Советскиот Сојуз еден дел од него го подарил, а другиот го продал на лојалните власти во земјите од Африка, Азија и Јужна Америка за време на Студената војна која беше водена за сферата на влијанието во светот.