КГБ на тркала: 8 најдобри автомобили на советските и руските тајни служби

Историја
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Овие легендарни црни автомобили втерувале страв во коските и на странските шпиони и на обичните советски граѓани. Посилни и побрзи од домашните возила, тие можеле да следат и да бркаат мерцедеси и БМВ на западните дипломати.

ГАЗ-А

Во дваесеттите години од минатиот век Министерството за внатрешни работи на СССР за бркањето злосторници имало на располагање само странски автомобили. Таквите автомобили биле ретки на градските улици, па било невозможно некој да не забележи дека е следен. Проблемот бил решен во 1932 година со појавувањето на ГАЗ-А, копија на моделот А на Форд. Но, за советските тајни служби тој бил премногу бавен, неудобен и несигурен. 

ГАЗ-М1 

НКВД (претходникот на КГБ) во 1936 година го замени ГАЗ-А со поуспешниот автомобил ГАЗ-М1. За несреќа, овој автомобил се претвори во тажен симбол на чистките на Сталин, зашто агентите по жртвите доаѓале токму со ваков автомобил. 

ГАЗ-11-73

Помодерната верзија ГАЗ-11-73 имаше посилен мотор со шест цилиндари (два повеќе од својот претходник). Втората светска војна, меѓутоа, во голема мера го отежна производството на овој автомобил зашто неговите мотори беа потребни за полесните тенкови и за самоодните топови. 

ГАЗ М-20Г

Првата повоена деценија советските агенти главно користеле запленети германски и американски автомобили. Овие силни машини, како и претходно не одговараа за незабележливо следење на советските улици. Потребата на КГБ дури во 1956 година ги задоволи ГАЗ М-20Г „Победа“. Однадвор воопшто не се разликуваше од обичниот ГАЗ М-20, но наместо 105, развиваше брзина од 132 километри на час. 

ГАЗ-23

Во шеесеттите години од минатиот век ГАЗ М-20Г го замени ГАЗ-23 „Волга“, која беше специјално направена за КГБ и за другите служби од државите од Варшавскиот пакт. Колата не можеа да си ја дозволат себеси ниту обичните луѓе, нити најголемите комунисти во државата. 

Во шеесеттите и во седумдесеттите години од минатиот век настанаа многу митови поврзани со „Волга“. Една „црна Волга“ без шофер, да кажеме, постојано кружеше по улиците во Полска и во Унгарија, киднапираше мали деца и им ги продаваше на Американците и на Арапите.

ГАЗ-24-24 

Еден од најбрзите советски автомобили ГАЗ-24-24 развиваше брзина од 170 километри на час, а внимателниот набљудувач чесно можеше да го разликува моделот на КГБ од цивилниот. Автомобилот на тајните служби беше малку понизок поради додадените два ауспуха споени на крајот во еден.

ГАЗ-31013 

Еден од последните автомобили на КГБ ГАЗ-31013 се појави во осумдесеттите години од минатиот век. Со него активно се следеле странските дипломати, но автомобилот им служел и на советските лидери. 

Фалкатус

По распадот на Советскиот Сојуз руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) доби можност да го користи најбрзото и најјакото возило на светот, така што исчезна потребата да се развиваат домашни автомобили. Но, сеедно, ФСБ продолжува да смислува возила за своите единици за специјални намени како што е овој оклопен „Фалкатус“ кој како да излегол од некој стрип, па затоа и го нарекуваат „бетмобил“.