Документите во јули ги обелодени Клинтоновата претседателска библиотека. Во објавените материјали има вкупно 56 белешки. Меѓу нив има и извештаи за лични средби и за телефонски разговори.
Како што истакнува Џејмс Голдгеер на страниците на весникот „Тексас нешионал секјурити ривју“, „двајцата лидери воспоставиле тесни лични односи и ги користеле со цел ефикасна соработка, дури и кога имале отворени несогласувања за неко прашања, меѓу кои најсериозни биле прашањата за НАТО и војната во Косово“.
„Клинтон во текот на политичката криза во 1993 година во Русија и финансиската криза во 1998 му даваше целосна поддршка на Елцин“, истакнува авторот.
На пример, два дена по тенковскиот оган врз зградата на парламентот во Москва (кој „не беше одраз на здрава демократија“, се оградува Голдгеер) американскиот претседател му се јавил на рускиот колега и му ја изразил својата поддршка, истакнувајќи дека сега „не постои препрека за организирање демократски избори“.
Во разговорот за време на Првата чеченска војна Клинтон ја изразил својата загриженост во врска со тоа како оваа војна ќе влијае врз имиџот на Елцин.
Во 1996 година Елцин го замолил Бил (како што го нарекувал во личните разговори) да му помогне со итен кредит од 2.5 милијарди американски долари за изборна кампања. Рускиот претседател исто така во разговор истакнал дека парите му се потребни и за пензии и плати. Клинтон му ветил дека ќе поработи со Меѓународниот монетарен фонд и со „некои пријатели“, и дека „ќе види што може да направи“.
Во април 1996 година Елцин му се пожалил на Клинтон за поддршката што американските медиуми им ја даваат на комунистите, прикажувајќи ги како чесни и добри, а тие, наводно, сакале да го вратат Крим и дури правеле некакви планови за враќање на Алјаска.
Во телефонскиот разговор за време на бомбардирањето на Југославија, Клинтон му рекол на Елцин дека „хулиганот“ Милошевиќ не треба да биде пречка во нивните односи. „Штета што е Србин. Ќе беше добро да е Ирец или нешто слично, но што да се прави“, рекол американскиот претседател. Елцин му се пожалил дека „нашите луѓе сега ќе бидат во лоши односи со Западот“. Според него, тој има постигнато многу во насока на подобрување на ставот на руските политичари кон Западот и конкретно кон САД, а „сега сето тоа пропаднало“.
Но, кога во 1999 година со учество на Русија е постигнат договор во Југославија, Елцин со топли зборови му се обратил на Клинтон: „Би сакал да ве прегрнам и да ве бакнам. Искрено се радувам што во олку тешка ситуација нашето пријателство не е нарушено“. Но, кога неколку дена подоцна руските војници го зазедоа приштинскиот аеродром Клинтон луто му се обратил на Елцин и му се заканил дека ќе се откаже од организирањето на самитот Г-8.
Wow. Without fanfare, a comprehensive archive of White House documents covering nearly all of Bill Clinton’s meetings and phone calls with Boris Yeltsin from 1993-1999 has been declassified and is now online. https://t.co/OyW6R2bqUX 1/ pic.twitter.com/sMZanglzjs
— Andrew S. Weiss (@andrewsweiss) August 30, 2018
Во септември 1999 година Елцин телефонски му соопштил на Клинтон која личност ја планира за наследник. Шефот на руската држава зборувал за тоа како долго се двоумел околу кандидатот, сѐ дури не го нашол Путин. „Дознав дека тој е човек на кој може да му се верува, кој е добро запознаен со различни нешта од сферата на неговата компетенција. Покрај тоа е темелна и силна личност. Мошне е комуникативен, лесно може да воспостави односи и да комуницира со луѓе кои му се партнери. Уверен сум дека во него ќе препознаете вискоквалификуван партнер. Јас сум уверен дека неговата кандидатура на изборите во 2000 година ќе биде поддржана“, рекол Елцин.
За време на личниот разговор во Истанбул во ноември 1999 година, Клинтон прашал кој може да победи на претседателските избори во Русија следната година, а Елцин без двоумење одговорил: „Путин, секако. Тој ќе биде наследник на Борис Елцин. Тој е демократ, и тој го познава Западот“. Потоа додал: „Тој е непоколеблив, има внатрешна цврстина, внатрешна непоколебливост. Јас ќе сторам сѐ тој да победи (во административно-правна смисла, секако). И тој ќе победи. Вие со заеднички сили ќе вршите многу работи. Тој ќе ја продолжи линијата на Елцин насочена кон развој на демократијата и на економијата, и проширување на контактите на Русија. Тој има енергија и ум кои се потребни за да се оствари успех“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче