Советско-американска љубовна приказна како создадена за холивудски филм

Ова е приказна за скршено срце, депортација, затвор и освета, а сето тоа започнало кон крајот на Втората светска војна и траело со децении. А, по сето тоа следувал среќен крај!

Зоја Фјодорова игра главнa улогa во филмот „Три жени”

Руската филмска ѕвезда Зоја Фјодорова и американскиот офицер на морнарица Џексон Тејт се запознале во Москва каде тој стасал во јануари 1945 година во рамките на воената мисија кон крајот на Втората светска војна. Се сретнале на еден прием во советското Министерство за надворешни работи и се заљубиле на прв поглед. Кога ја поканил Зоја на состанок, Џексон не знаел на каков ризик се изложува: каква било врска со странец можела да го одведе советскиот државјанин зад решетки. Но, Зоја сметала дека Џексон е неверојатно згоден, а Американците биле советски сојузници во војната, па решила да ризикува. По несреќниот брак, запознавањето со Џексон за неа бил здив свеж воздух. На негово изненадување Зоја од него барала на нивните состаноци никогаш да не носи воена униформа и секогаш да биде тивок за луѓето да не знаат дека е странец.

Викторија значи победа

Тајноста на нивните состаноци само ги зајакнала нивните заемни чувства. Љубовниците ковале планови за заеднички живот, а ноќта на 9 мај Зоја му рекла на Џексон дека чувствува оти ќе забремени таа вечер. Решиле на детето да му дадат име во чест на победата на сојузниците: Виктор или Викторија.

Дури и во тие сурови години на Сталиновиот режим младата двојка сепак имала шанса да остане заедно, но сите изгледи за среќа ги уништил најзлобниот човек од кругот на најблиски соработници на Сталин, Лаврентиј Берија. Тој бил познат како организатор на терори и репресии, но и како голем љубител на жените и како сексуален предатор. Токму тој бил човекот од кого во 1941 година Фјодорова побарала помош за да го спаси својот татко, револуционер и предан комунист, кој бил уапсен поради случајна шега на сметка на Сталин. Импресиониран од нејзината убавина, Берија го ослободил нејзиниот татко. Тогаш ја повикал на „роденденот на својата жена“, очекувајќи дека ќе биде награден за услугата што ја направил. Но, кога Зоја стасала во неговиот дом, жената на Берија не била дома. Младата актерка решително го одбила неговото додворување пред тој, обземен од бес, да ја исфрли од куќата.

Почетокот на војната ја спасил Зоја од апсење, но излегло дека Берија не заборавил на неа и дека продолжил да го следи текот на нејзиниот живот. Набргу по 9 мај 1945 година Зоја неочекувано била испратена на турнеја на брегот на Црно море за да настапува за ранетите војници, додека Џексон бил протеран од Советскиот Сојуз. Освен тоа, тој ја напуштил земјата пред да дознае дека Зоја имала добро претчувство: таа била бремена.

Зоја Фјодорова настапува на линија на фронтот во 1943 година.

За бременоста на Зоја прва дознала советската полиција НКВД. Таа била под надзор дури и во болницата кога раѓала. Дури тогаш сфатила дека Берија сигурно ѝ се одмаздува.

Џексон со скршено срце ѝ испраќал писма на Зоја од Америка, но таа никогаш не ги добила. Не треба ни да зборуваме дека не можела да му одговори. Џексон има добиено само едно анонимно писмо, во кое пишувало дека повеќе не треба да ја вознемирува Зоја. Пимото веројатно било испратено од НКВД.

Таткото изгубен, мајката пронајдена

Малата Викторија сѐ уште немала ниту една година кога нејзината мајка била уапсена. За време на сослушувањето на Зоја ѝ рекле дека Џексон е шпион и дека таа му помогнала да проследува информации. Актерката била обвинета за организација на криминална група која наводно имала намера да го убие Сталин. Осудена е на 25 години затвор, а сиот нејзин имот бил конфискуван. Но, малата Викторија не завршила во дом за сираци благодарение на сестрата на нејзината мајка која била протерана во
Казахстан каде ја прифатила својата внука и ја одгледала како сопствено дете.

Зоја Фјодорова со ќерката Викторија

Во 1953 година, по смртта на Сталин, Зоја била ослободена. И покрај сѐ што преживеала, таа повторно почнала да глуми и успеала да си ја земе Викторија и да ѝ каже која е нејзината вистинска мајка.

Прв обид да контактира со таткото во Америка

Плашејќи се што може да се случи со ќерката доколку повторно ја уапсат, Зоја почнала да бара начини за да контактира со Џексон и да му каже за нивната ќерка. Се појавила можност кога еден нејзин пријател кој работел во хотел „Украина“ каде често отседнувале странци, ѝ советувал да разговара со Американската Ирина Кирк, професорка на Универзитетот во Конектикат, која работела во тоа време во Москва како преведувач. Кирк била потомок на офицер-белогардеец кој ја напуштил Русија и го минала своето детство, гледајќи филмови во кои играла Зоја.

Тогаш Зоја на својата ќерка првпат ѝ кажала кој е нејзиниот татко (претходно ѝ велела дека татко ѝ бил руски пилот кој загинал во војната). Тогаш Викторија имала 15 години и отсекогаш сакала да има татко, особено зашто била пoзната како ќерка на „непријателот на народот“. Затоа била мошне возбудена кога дознала за својот татко во Америка и сакала да го запознае. Но, не било лесно да го пронајде во САД. Дури по неколку години Ирина успеала да ја најде адресата на Џексон преку пријател на нејзин пријател. Му испратила писмо со фотографија на Викторија, а тој веднаш ја признал како своја ќерка

Зоја не ја дознала вистината за Џексон

Но, дури и кога дознал за својата ќерка, Џексон не успеал да воспостави контакт со неа и со Зоја. Ирина успеала да им каже дека го нашла и дека тој ја признал Викторија за ќерка дури по неколку години кога се вратила во СССР. Дотогаш Зоја и Викторија, благодарение на КГБ, веќе поверувале дека Џексон ги напуштил.

Викторија Фјодорова стана глумица како и нејзината мајка. На постеруот за филмот „За љубов”.

Единствен начин Викторија да го запознае татка си бил да отпатува во САД, но како државјанка на СССР не можела да ја напушти земјата без официјално прифатлива причина. Ниту Џексон не можел да дојде. Бил болен и имал 75 години. Писмата на Џексон не секогаш стасувале до Викторија, а сите нивни телефонски разговори биле снимани. Често неговите повици не биле проследувани. „Никој не одговара“, му велел глас од другата страна.

Како медиумската кампања ѝ помогнала на Викторија да стаса во САД

Сфаќајќи дека ситуацијата е безизлезна, Викторија им се обратила на американските новинари. На 27 јануари „Њујорк тајмс“ објавил долга статија под наслов „Советско дете на војната сака да го посети татка си во САД“. „Лос Анџелес тајмс“ исто така објавил текст за Џексон, во кој тој се сеќава на настаните од пред 30 години.

Во потрага по сензација новинарот од американскиот неделник „Нешионал енкуајерер“ Хенри Грис стапил во контакт со Викторија и решил да ѝ помогне да замине во САД, ветувајќи ѝ дека списанието ќе го плати нејзиното сместување, билетите и другите трошоци во замена за ексклузивни права да ја објави приказната за првата средба на ќерката со татка си.

Зоја и Викторија Фјодорова

Средбата на Викторија со татка си била многу трогателна и таа не сакала да се врати во СССР. Се омажила за пилот од американската авиокомпанија „Пан Америка“ и останала во Америка. Зоја добила виза да патува во Америка еднаш годишно, а во 1976 година конечно повторно се сретнала со саканиот Џексон, две години пред тој да почине од рак.

Зоја Фјодорова и Викторија Фјодорова со својот сопруг и син

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња