Четири извонредни трика на Црвената армија во Втората светска војна

Getty Images
Како да се тргне на непријателот со тенк кога немаш тенк? Како да се открие идеално камуфлиран шпион? Како да се збунат најголемите мајстори на криптографијата?

Русите работат без план, но кога ќе почнат да импровизираат им нема рамни! Оваа позната шега одлично ја опишува снаодливоста на народот во безизлезни ситуации. Ова се можеби најнеобичните трикови на руските војници во Втората светска војна.

1. Тенк-трактор НИ-1

Во првите денови од војната германската армија уништила поголем дел од советската воена техника. На Црвената армија многу ѝ биле потребни тенкови и други оклопни возила.

На бранителите од Одеса им паднало на ум на мегдан наместо со тенкови кои ги немале, да излезат со трактори. Се надевале повеќе на психолошкиот фактор зашто ниту еден трактор со топ не може да му парира на метален гигант од 30 тони.

Излегло дека на романските окупатори тргнале 20 трактори покриени со метални листови. Нападот е изведен ноќе со сирени и силни светла, па Романците морале да избегаат.

„Тракторите во Советскиот Сојуз се правеле така што можеле лесно да се преправат во тенкови. Дури и ширината на гасеницата на советските трактори одговарала на ширината на гасеницата на советските тенкови“, вели историчарот Јарослав Листов. Непријателите тогаш помислиле дека им се приближуваат „тенкови со необична конструкција“, па во паника почнале да се повлекуваат. А, советските војници овој модел на тенк го нарекле НИ-1 – „На испуг“, односно „На плашење“.

2. Фалсификувани документи

За време на блокадата на Ленинград германската команда редовно испраќала во градот свои шпиони и диверзанти кои во рацете имале документи, список на адреси и сите потребни контакти за операцијата да биде успешно изведена. Но, Русите секој пат што ќе фрлеле поглед на фалсификуваните документи, лесно ги откривале германските шпиони.

Германците никако не можеле да сфатат каде грешат зашто најголемите професионалци на својот занает работеле на овие документи, користеле советска хартија, ја повторувале нијансата на сите бои, сите потребни жигови, но залудно.

Дури по војната дознале дека шпионите биле откривани поради еден мошне едноставен пропуст. Имено, Германците за документите користеле спојници од нерѓосувачки метал, додека советските лични карти имале зарѓани спојници.

3. „Селски“ снајперист

Во една битка против германската војска во горниот тек на Дон советските снајперисти без жртви ликвидирале цела минофрлачка единица на непријателот.

Германските војници биле камуфлирани како што треба и имале одлична позиција, но тоа не запрело двајца советски снајперисти. Успеале да се вовлечат во блиското разурнато село каде сè било уништено и се вовлекле во печката на една куќа без ѕидови.

Утрото следниот ден немало ниту еден жив Германец. До крајот никој не сфатил дека снајперистите пукаат од старата печка во самиот центар на изгореното село.

4. Школуван германски криптограф против неписмен црвеноармеец

Криптографите на Хитлер можеле без мака да ги дешифрираат сите радиопораки и шифри на советските војници за врска, сè дури партизаните не решиле намерно да прават правописни грешки за да ги збунат Германците.

Така се појавиле зборовите „бранетронаспаааартеры“ наместо „бронетранспортеры“ (оклопни возила), „сомалеты“ наместо „самолёты“ (авиони), „вовтоматы“ наместо „автоматы“ (автоматски пушки), „бонбешки“ наместо „бомбежки“ (бомбардирање) итн.

Но, шлаг на тортата секако бил „распонот на мисли и богатство“ на рускиот јазик, односно погрдната лексика. Кога на советските војници за врски конечно им дозволиле во разговорите да користат разни руски пцости, германските криптографи сфатиле дека се прелажале, мислејќи дека го знаат рускиот јазик.

Прочитајте уште: Како еден германски војник стана Херој на Советскиот Сојуз

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња