Верувале или не, операцијата која советскиот лекар Леонид Рогозов ја изведе на себе не е единствениот ваков случај. Уште во 1921 година американскиот хирург Еван О'Нил Кејн изведе експеримент во кој самиот себеси си го извади слепото црево и самиот си ја заши раната.
Разликата помеѓу овој и случајот на Рогозов е во тоа што советскиот лекар не бил во комфорна операциска сала опкружен со тим професионални хирурзи подготвени да му помогнат ако нешто тргне наопаку. Тој тоа не го направил за науката, ами за да преживее.
Помеѓу животот и смртта
Во 1960 година младиот 27-годишен хирург Леонид Рогозов се приклучил на Шестата советска експедиција на Антарктикот. Следната година започнал да работи како лекар во новоотворената Новолазаревска истражувачка болница.
На 29 април 1961 година Леонид Рогозин се разболел. Чувствувал слабост, мачнина, имал висока температура и болка во долниот десен дел од стомакот. Рогозов себеси веднаш си поставил дијагноза: акутно воспаление на слепото црево. Проблемот бил во тоа што тој бил единствениот лекар во станицата. Освен тоа, било невозможно да се организира превоз. Во близина немало ниту еден авион, а освен тоа, лошите временски услови не дозволувале летање.
Компликација во облик на перитонитис можела да доведе до фатален исход. Затоа Рогозов морал брзо да реагира. Како што подоцна рекол неговиот син Владислав, татко му се наоѓал на работ помеѓу животот и смртта, не можел да најде помош и морал самиот да се оперира.
„Мораше да го отвори својот стомак и да го извади цревото“, се сеќава Владислав. „Не знаеше дали е тоа воопшто изводливо“.
Неизбежна операција
Операцијата е изведена на 30 април. На Леонид му асистирале метеорологот Александар Артјомов кој му помагал со медицинските инструменти, и инженерот Зиновиј Теплински, кој држел огледало и ламба.
Рогозов се наоѓал во полуседечка положба потпрен на левата страна од телото. Откако самиот себеси си дал локална анестезија, вбризгувајќи си инјекција прокаин, направил рез долг 12 сантиметри на долната десна страна од стомакот. Со делумна помош на огледалото, а делумно потпирајќи се на допир, почнал да си го бара слепото црево.
Неговите асистенти за малку ќе се онесвестиле кога виделе како Рогозов си го бара слепото црево во својата утроба. Шефот на станицата Владислав Гербович, кој исто така присуствувал на операцијата, се сеќава дека двајцата асистенти биле бледи како крпа, но дале сè од себе да останат прибрани.
30-40 минути по почетокот на операцијата Рогозов почувствувал слабост и вртоглавица, поради што морал да прави куси паузи од 5 до 10 секунди на секои 5 минути. Лекарот се обидел да остане смирен и концентриран во текот на целиот процес.
Но, во завршната фаза Рогозов за малку ќе ги изгубел нервите. „Еве го конечно, проклето слепо црево! Со ужас забележувам дека на крајот има црна дамка. Тоа значи дека ќе пукнело ако почекав уште еден ден... Срцето ми се стегна и забележливо ја забави работата, чувствував како рацете да ми се од гума. Па, си помислив, лошо ќе заврши. Сè што ми останува е да го извадам слепото црево“, се сеќаваше подоцна.
Операцијата траела вкупно еден час и 45 минути и успешно е завршена. Пет дена подоцна температурата се нормализирала, а по два дена извадени се конците.
Втор Гагарин
Кога Леонид Рогозов се вратил дома, бил дочекан е како херој и славна личност. Станал познат не само во Советскиот Сојуз, ами и во странство.
На Рогозов му биле посветени бројни статии, книги, филмови и песни. Добивал стотици писма од луѓе од целиот Советски Сојуз и од други земји. За својата храброст е одликуван со Орден за труд со црвено знаме, што е едно од највисоките одликувања на Советскиот Сојуз. Исто така му бил доделен и стан во Ленинград.
Од некаква причина Рогозов е споредуван со првиот човек во космосот Јуриј Гагарин, кој својот легендарен лет го изведе 18 дена пред операцијата на Рогозов. Рогозов, навистина, не бил првиот човек на светот кој самиот себеси си го извадил слепото црево, но во Советскиот Сојуз го доживувале како некој кој го сторил невозможното. Во секој случај, условите во кои е изведена операцијата воопшто не биле погодни.
„Постоеше значајна сличност помеѓу нив зашто обајцата имаа 27 години, обајцата потекнуваа од работнички семејства, а постигнаа нешто што никој пред нив не успеал да го направи. Беа прототип за идеален национален суперхерој“, вели неговиот син Владислав.