Незамислива операција: Како Черчил планирал за започне Трета светска војна

Во последните денови од Втората светска војна Винстон Черчил смислил необичен план според кој Велика Британија и САД требале заеднички да го нападнат СССР. Но, кога му било кажано каков е односот на силите, воинственоста на британскиот премиер спласнала.

Винстон Черчил  во 1942 година.

На осми мај 1945 година, кога луѓето во целиот свет го славеле крајот на Втората светска војна, една мрачна личност планирала започнување на Трета светска војна. Иако мастилото на документите со кои е потврдена капитулацијата на Германија не било исушено, британскиот премиер Винстон Черчил го замолил својот воен кабинет да состави план за напад на Советскиот Сојуз.

На генералите кои останале без зборови им било предложено да осмислат начини со кои на „Русија би можела да ѝ биде наметната волјата на САД и на Британската империја“. Черчил уверувал дека во тој напад главната улога ќе ја играат САД со поддршка на разбиената германска армија.

Неколку фактори влијаеле врз воинственоста на Черчил. Во делото „Војната на Винстон“ Макс Хастингс пишува дека радоста на Черчил од падот на нацизмот била „речиси сосема помрачена“ со руските победи во Источна Европа.

СССР во 1945 година бил мошне помоќен, а Велика Британија мошне послаба одошто очекувал Черчил. Како што истакна тој, на Кримската конференција 1945 година „од една страна била големата руска мечка, од друга големиот американски слон, а меѓу нив кутрото мало британско магаре“.

Освен тоа, Черчил зазел поостар став кон Советите кога дознал дека американската програма за создавање атомска бомба е успешно завршена. Според началникот на главниот штаб на британската армија Алан Брук, Черчил на Конференцијата во Потсдам во јули 1945 година рекол: „Ние можеме да кажеме дека ако инсистираат на ова или на она, едноставно ќе ја збришеме Москва, потоа Сталинград, потоа Киев, потоа Севастопољ“.

Винстон Черчил, Френклин Рузвелт и Јосиф Сталин на Кримската конференција во 1945 година.

Замислувајќи го незамисливото

Британските генерали кои биле замолени да се подготват за војна, и тоа само неколку дена по завршувањето на најкрвавата војна во историјата, сметале дека премиерот не може без војување. Брук во својот дневник напишал: „Имам впечаток дека Винстон копнее по нова војна“.

Генералите направиле план кој го добил називот „Незамислива операција“. Предложено е западните единици на ги нападнат Советите на фронтот кој се протега од Хамбург на север до Трст на југ.

Воениот кабинет ја навел борбената состојба на сојузниците во Европа која била актуелна на 1 јули 1945 година: 64 американски дивизии, 35 британски и доминониски дивизии, 4 полски и 10 германски дивизии. Германските дивизии биле фиктивни зашто по поразот што го доживеале германските војници во судирот со Русите, повеќе не брзале во војна. Сојузниците во најдобар случај би собрале 103 дивизии, вклучувајќи и 23 оклопни.

На нив би им се спротивставиле 264 советски дивизии, меѓу кои 36 оклопни. Москва само на германската граница имала на располагање 6.5 милиони војници. Во руска униформа имало вкупно 11 милиони мажи и жени.

Авијацијата на тактичките единици на военото воздухопловство на сојузниците во Северозападна Европа и во Средоземното море поседувале 6.714 ловци и 2.464 бомбардери, а Советите имале 9.380 ловци и 3.380 бомбардери.

Воениот напредок на СССР

Германците на своја кожа почувствувале дека војувањето против СССР не е пријатна разонода. Воениот кабинет изјавил. „Руската армија има стекнато способни и искусни команданти. Тоа е исклучително сурова армија која функционира до многу помалку логистика од која било западна армија, применува смела тактика која се засновува главно на игнорирање на загубите во постигнување на целта“

„Руската техника е брзо усовршена за време на целата војна и сега е навистина добра. Доволно се знае за нејзиниот развој за да може да се каже дека таа секако не е лоша од техниката на големите сили“.

„Русија има покажано исклучително голем капацитет во развојот и во усовршувањето на соодветно вооружување и техника, како и во нивното масовно производство. Познати се случаи кога Германците ги копирале главните црти на руското оружје“.

Во процената што ја има потпишано началникот на Штабот на армијата на 9 јуни 1945 година изведен е следниот заклучок: „Ние не би имале сила да постигнеме брз, но ограничен успех и би биле вовлечени во долготрајна војна во која би имале сериозни тешкотии. Згора на тоа, овие тешкотии би биле непредвидливи доколку Американците би забавиле и би станале индиферентни, и доколку повеќе би се заинтересирале за војна на Пацификот“.

Полошо од ракетата V-2

На 10 јуни 1945 година Черчил одговорил: „Доколку Американците се повлечат во својата зона и ги преместат главните свои сили во САД и на Пацификот, Русите ќе добијат можност да извршат продор кон Северно море и кон Атлантикот. Молете се колку што е можно подобро да проучите како можеме да го заштитиме нашиот остров“.

Германската балистичка ракета V-2.

Генералите одговориле дека Советите можат да ги нападнат британските острови кога ќе стасаат на Атлантик, и тоа со пресекување на поморските комуникации, инвазија, воздушен удар, ракети или други нови методи.

„Сосема е можно руското воено воздухопловство со авионите што ги поседува да се обиде да ги нападне сите важни цели во Велика Британија“.

Најголема опасност претставувале ракетите. „Русите најверојатно во целост ќе го искористат новото оружје како што се ракетите и беспилотните авиони... Ние треба да очекуваме многу поголеми размери на напади одошто беа нападите на Германија (како ракетата V-2)“, рекол началникот на штабот.

Обично фантазирање

Воениот кабинет заклучил дека оваа задача ги надминува можностите на 103 дивизии на сојузничките единици во Европа и дека војската не може да го направи она што не можеле да го сторат и Наполеон и Хитлер. Брук во својот дневник има напишано: „Идејата, секако, е обично фантазирање. Не постојат никакви шанси да се постигне успех. Сега повеќе не постои сомнеж дека Русија е семоќна во Европа“.

Британските генерални конечно здивнале кога стасала веста од претседателот на САД Хари Труман. Тој изјавил дека не постојат никакви шанси Американците да дадат помош, а особено да предводат акција за исфрлање на Русија од Источна Европа,

Така „Незамисливиот случај“ бил затворен.

Започнување на Студената војна

Сталин брзо ја увидел замислата на Черчил и му рекол на својот главен војсководец генералот Жуков: „Овој човек е подготвен за сè“. Еден шпион од Лондон ги пренел британските планови за вмешување во повоена Германија. „Незамислива операција“ заедно со нуклеарната самоувереност на Труман создала сомнеж и горчина во редовите на поранешните сојузници. Може да се каже дека „Незамислива операција“ била орозот за Студената војна.

Изопачен ум

Черчил имал многу разни предрасуди. Според Хастингс, во меморандумот упатен до Воениот кабинет во ноември 1942 година и посветен на политиката кон Италија, Черчил пишува: „Сите индустриски центри треба да бидат подвргнати на интензивни напади и да се вложат сите напори во насока на тероризирање на населението“.

Отприлика во исто време Черчил инсистирал на палење на германските населени места како што се Дрезден, Лајпциг и Кемниц, по што во 1945 година животот го загубиле 200.000 цивили. Тоа бил единствениот начин на кој Британците би можеле да го потврдат своето учество во војната.

Во 1944 година Черчил го одобрил „катастрофалниот план“ за создавање на Германија во „претежно земјоделска и селска земја“. Доколку се реализирал Планот Моргентау, од глад само во првата година би умреле 10 милиони Германци. Американскиот претседател Френклин Рузвелт рекол дека Черчил е „откупен“ кога Американците се согласиле да ѝ понудат на Велика Британија 6.5 милијарди долари преку Законот за заем и наем (англ. Lend-Lease) (Кога Черчил изгубил на изборите, новата лабуристичка влада го отфрлила овој план).

Опишаниот начин на размислување не бил необичен за човек кој свесно и со многу ентузијазам го предизвикал Големиот бенгалски глад 1942-1943. По извезувањето големо количество храна од Индија во Велика Британија умреле над 4 милиони Индуси. Черчил исто така сакал да го стави Ганди во затвор до крајот на животот. Еднаш рекол: „Ги мразам Индусите. Тие се ѕверски народ со ѕверска религија“.

Кога во 1890 година бил тажен поради смртта на еден војник кој му бил другар, Черчил рекол: „Војната е валкана и одвратна работа која може да ја започне само будала“. Тогаш, најверојатно, не можел да претпостави дека го опишува токму идниот британски премиер.

Прочитајте уште: Откриен тајниот план за инвазија на Велика Британија врз Русија

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња