Имено, иако практично осамен, успеал да задржи цел еден германски баталјон во напад, кој на неговите позиции јуришал речиси 20 пати. И покрај тоа што тогаш бил тешко ранет, успеал да ликвидира повеќе од 300 хитлеровци и да ја спаси својата чета од уништување.
Вјачеслав Иванович Чемодуров се родил 1919 година во градот Саратов во работничко семејство. Основно училиште учел до 6 одделение кога останал без двајцата родители и почнал да се грижи самиот за себе. Го напуштил училиштето и почнал да работи во локалната печатница. Набрзо дошла Големата војна. Во август 1943 година стапува во редовите на Црвената армија и тоа во пешадиските единици на Брјанскиот фронт. Наскоро учествува во Курската битка, а потоа и во операцијата на Црвената армија за ослободување на Белорусија. Во текот на овие години е и рануван. За одлично покажаната воена умешност и за иницијативата во овие борби е одликуван со орден Црвена Ѕвезда и со две медали.
Старешините кои му биле надредени веднаш во него препознале мошне храбар борец кој покрај оваа доблест бил и многу подвижен, силен и издржлив. Особено вешто ракувал со митралез и имал некаква вродена тактичка интелигенција за преглед на фронтот што било од исклучителна важност за неговото формациско место.
Селото Руднаја било централна точка на непријателскиот одбранбен распоред во реонот на градот Жлобин. Германските единици многу добро го утврдиле и го оспособиле за упорна одбрана. Селото било премрежено со ровови со полн профил. Фортификациите биле поврзани со бункерите во кои се наоѓале германските единици со митралези. Севкупниот појас на локални комуникации и на околните ораници кој гравитирал кон ова село бил миниран со голем број противтенковски и противпешадиски мини, а отсеците на фронтот биле раздвоени со бодликава жица.
На одбранбениот појас на населената област Руднаја изведени се неколку самостојни тенковско-пешадиски напади, но безуспешно. Советската команда морала потемелно да подготви акција за кршење на ова истурено германско упориште. Чемодуров бил во составот на 3 пешадиски баталјон кој имал задача преку бришан простор да го подигне предниот крај на одбраната на селото и да го стави под огнена контрола. Во духот на оваа заповед овој баталјон кој броел 500 борци од движење преминал во напад, но е пречекан со урагански оган од страна на непријателот кој практично целиот стрелечки строј го заковал за земја.
Користејќи алат за сечење жица, како и ашови и бајонети за чистење мински полиња, групата со Чемодуров успеала некако да дојде до првите ровови и во блиска борба да го избрка непријателот од неговиот преден крај на одбраната.
По артилериската подготовка, баталјонот се обидел да продолжи со својот продор кон централниот дел на непријателскиот одбранбен распоред, но е дочекан со силен оган од неспоредливо побројниот непријател кому во меѓувреме му пристигнало зајакнување. Забележувајќи една височинка која се наоѓала над рововите, Чемодуров донел смела и клучна одлука. Да ја заземе со својот митралески одред. Групата војници на чело со Вјачеслав успеала некако да дојде до таа височинка и со прирачни средства дополнително да се утврди и да ја претвори во привремена отпорна точка. Од оваа точка Чемодуров можел да набљудува и со оган да ја покрие блиската тактичка длабочина на непријателот.
Наскоро следувал германскиот противудар на левото крило од четата која се наоѓала во заземен ров. Нападот го поддржала батерија минофрлачи. Се развила жестока битка на левото крило од фронтот во која советските војници дале жилав отпор и го одбиле првиот напад на непријателот. Кратко потоа, Чемодуров на својот нишан видел група непријателски војници од еден пешадиски вод кои почнале од длабочината да ги зајакнуваат предните краеви на германскиот фронт. Отворил урагански оган по непријателот, практично по живо месо, и ја преполовил германската формација. Воочувајќи ја митралеската точка која збришала еден германски вод, непријателската концентрација на минофрлачки и митралески оган се пренесува на делот од фронтот каде се наоѓал Чемодуров со своите војници. Едноставно оваа огнена точка морала да се ликвидира за воопшто да успее германскиот противудар со цел повторно заземање на одбранбената линија.
Во таа смисла, командата на германските сили врши прегрупација на своите единици во селото и практично со сите расположливи средства тргнува во насока на Чемодуров и на неговата чета која со еден дел се наоѓала во заземениот ров, а еден дел бил расфрлен по околните шумички. Во нападот на оваа чета во еден момент учествува цел еден германски баталјон кого го поддржувале неколку батерии минофрлачи. Со добро организиран напад од страните Германците успеваат под целосна огнена контрола да го стават сиот збришан простор зад грбот на истурената чета и на тој начин практично да ги отсечат од останатите советски сили.
Вјачеслав Иванович Чемодуров
Фотографија од архиваБез оглед на крајно неповолниот и опасен развој на ситуацијата, Чемодуров и неговата чета остануваат на заземените позиции. Со оглед на тоа што германскиот напад обезбедил изолација на оваа чета од евентуалните зајакнувања од длабочината, непријателот сите расположливи сили ги насочува кон истурениот советски „клин“, а сè со цел негово опкружување и физичка ликвидација. Но, на нивниот пат се испречил храбриот митралезец кој непрекинато дејствувал по непријателот кој се групирал на некои 200-300 метри од советските војници, и подготвувал отсуден напад. Германските ударни групи бомбаши никако не можеле да му пријдат на Чемодуров и да ја ликвидираат неговата позиција со употреба на рачни бомби. Неговата положба го покривала практично целиот простор, и тоа како од фронталната страна, така и од страните. Револтиран од оваа ситуација која „тапка во место“ поради една обична митралеска позиција, непријателот решава целото ова подрачје буквално да го „срамни со земја“. Комплетната артилерија која била во состав на овој германски баталјон, вклучувајќи го тука и привлекувањето на противтенковски топови Пак-40, тргнуваат да дејствуваат на Чемодуров и на неговите храбри војници. Користејќи силен артилериски удар кој се состоел од неколку стотини минофрлачки и топовски гранати, како и облак од густ чад кој тогаш се формирал околу советската положба, на непријателот му тргнало од рака да се приближи на помалку од 100 метри од бранителите. Наскоро престанала да дејствува германската артилерија која можела да ги закачи и своите истурени делови кои премногу се приближиле на објектот на нападот.
Германската пешадија тргнала во завршната фаза на нападот. Предниот дел толку се приближил што само што не влегол во рововите со малобројните советски војници кои ги извадиле пиштолите и ладното оружје за крајна борба. Во тој момент, на изненадување на сите, а особено на Германците, се огласил Чемодуров со својот митралез. Неговиот силен оган го протерал германскиот стрелечки строј назад на почетната позиција. Но, и покрај изненадувањето, Германците не се откажале. Наскоро кон советските позиции со основно тежиште кон местото од кое дејствувал Чемодуров, биле организирани дури 19 непрекинати јуриши во кои учествувал целиот германски баталјон, вклучувајќи ги и неговите офицери. Но, сите овие напади биле одбиени благодарение на неверојатно упорниот и пожртвуван Чемодуров. За време на овие борби наредникот Вјачеслав Чемодуров бил тешко ранет. Но, без оглед на тешката рана, тој дејствувал сè дури Германците конечно не се откажале од своите напади и додека истурениот советски „клин“ не бил дефинитивно зачуван!
Користејќи ја темнината, на позициите на оваа чета дошло зајакнување од длабочината на фронтот. Набргу на позициите каде наоѓал Чемодуров се пробила група советски војници кои го нашле во мошне тешка состојба, предизвикана од обилно крвавење. Исто така и неговото оружје било практично нефункционално поради големите оштетувања добиени во време на борбата. Тој итно на носилка бил префрлен во баталјонскиот стационар, каде со голема заложба на лекарскиот персонал му е спасен животот. Вјачеслав Иванович Чемодуров починал во декември 1957 година во Харков, во својата 38 година од животот.
За овој подвиг без преседан каде практично самиот одбил напад на цел еден германски баталјон, наредникот и командир на митралескиот оддел 79.пч/858.пп, Вјачеслав Иванович Чемодуров е одликуван со Орден херој на Советскиот Сојуз (медал „Златна Ѕвезда“), кој му бил врачен заедно со Орденот Ленин. Ова високо, поточно највисоко одликување на СССР му било доделено на 15 јануари 1944 година.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче