Специјал по повод 75-годишнината од кршењето на опсадата на Ленинград: Операција „Искра“

Слободан Ѓукиќ
Се навршија точно 75 години од завршувањето на големата офанзивна операција на Црвената армија која имаше за цел пробивање на опсадата на Ленинград, на чии жители по тешкото бомбардирање и перманентниот глад, им се закануваше целосно физичко уништување. Нејзиното кодно име го смислил лично Јосиф Сталин, и во него се огледала последната надеж за спас на овој град.

Кон крајот на воената 1942 година општата ситуација на Ленинградскиот фронт беше исклучително тешка. Единиците на Ленинградскиот фронт и на Балтичката флота беа отсечени од светот. Земјена врска со остатокот од слободната територија не постоеше. Жителите на Ленинград се наоѓаа на работ на физичка егзистенција. Во градот владееше целосна немаштија на речиси сите есенцијални животни прехранбени производи. За гориво и за муниција да не зборуваме. Во текот на 1942 година Црвената армија се обиде со сите расположливи сили што можеше да ги собере во тој момент два пати да го деблокира градот. Но, и двете операции со цел деблокада на Ленинград „Лубањска“ и „Сињавинска“) завршија неуспешно. Подрачјето помеѓу јужниот брег на Ладошкото езеро и населеното место Мга (ова подрачје уште се нарекува и шлиселбургско-сињавинско плато) претставуваше најјужен германски клин кој физички ги раздвојуваше опколените единици на Ленинградскиот фронт од единиците на Волховскиот фронт кои се наоѓаа на надворешната страна на обрачот. Ширината на овој клин изнесуваше 12-16 километри воздушна линија, и тој како некаков кордон, беше населен и утврден со борбено мошне искусната единица на 18 германска армија.

Оперативната ситуација на Ленинградскиот фронт кон крајот на 1942 година

На 18 ноември 1942 година командата на Ленинградскиот фронт на Врховниот штаб на Црвената армија му го претстави својот план за подготовка на нова офанзивна операција за деблокада на овој град и на силите кои се наоѓаат во обрачот. „Шлиселбургската операција“ беше планирана за крајот на декември 1942 година, покрај единиците на Ленинградскиот фронт, во неа требаше да учествуваат и единиците на Волховскиот фронт. Главна цел на оваа операција била од два стратешки правци да се изведе офанзивен напад на германскиот одбранбен бедем кој се наоѓал на шлиселбургско-сињавинското плато, со цел негова ликвидација, што би довело до деблокада на Ленинград. Основна задача на оваа операција беше да се обезбедат услови за да се направи железничка пруга долж езерото Ладога со цел снабдување на опколениот град-херој кој умираше. Истовремено, овој план опфаќаше и офанзивни дејствија на Ленинградскиот фронт на западен правец, со цел спојување со опколената енклава околу градот Ораниенбаум (сега град Ломоносов), и поврзување како на Ленинградската, така и на Ораниенбаумската одбранбена зона со слободната територија. Оваа енклава ја бранеа единиците на Балтичката флота, кои благодарение на енергичните продори на германските оклопно-механизирани единици, беа изманеврирани и исфрлени на самиот морски брег.

По деталното проучување на предложениот воен план, Врховната команда на Црвената армија го одобрила почетокот на подготовките за изведување на „Шлиселбуршката операција“, додека во тој момент се откажале од деблокада на опколената група на Балтичката флота околу градот Ораниенбаум. Планот официјално бил одобрен од Врховната команда бр.170696, на 2 декември 1942 година. Кон крајот на 1942 година, Ј.В. Сталин на оваа операција ѝ го дал кодното име „Искра“. Сите подготовки за нејзино изведување требале да бидат завршени до крајот на 1942 година. Нејзиниот почеток бил закажан за 1 јануари 1943 година.

Со генералниот план е предвидено единиците на Ленинградскиот и на Волховскиот фронт да го уништат непријателскиот распоред кој е потпрен на населените пунктови Липка, Гајтлово, Московска Дубровка, Шлиселбург, и на тој начин да извршат деблокада на Ленинград. Завршувањето на активната фаза на офанзивната операција „Искра“ е определен со избивање на единиците на линијата: рак Мојка-Михајловски-Тортолово. Покрај тоа, разгледувана е и активација на „Мгијската“ операција („Искра-2“) која би бика концентрирана на тесно подрачје околу населениот пункт Мга и кога зафаќала добар дел од Кировската железничка пруга која е пресечена со германскиот клин. Оваа операција би следувала како природно продолжение на операцијата „Искра3, поточно нејзина втора фаза а нејзиниот почеток бил планиран за февруари 1943 година. Нејзината основна цел била понатамошна експлоатација на постигнатиот успех што требало да го оствари „Искра-1“ со значително проширување на коридорот и деблокада на пругата која ги поврзувала Ленинград со слободната територија на СССР. Нејзиното завршување е планирано со избивање на офанзивните сили на Црвената армија на линијата Ворново-Сиглово-Војтолово-Воскресенско.

Подготовка на операцијата „Искра“

За подготовка на операцијата определен е временски период од речиси еден месец. Особено внимание е насочено кон организацијата на заедничкото дејствување на офанзивните групи на двата фронта. Во таа смисла, нивните штабови ги усогласија плановите, ги определија точните граници на своите офанзивни зони, со особен акцент на деловите на операцијата кои подразбираа заедничко дејствување со цел спојување на точно определени локации во длабочината на непријателскиот фронт. Договорено е доколку некои од офанзивните групи успее прва да стаса на зададената точка, веднаш и без запирање да продолжи понатаму во пресрет на офанзивната група која доаѓа од спротивната страна.

Со оглед на тоа дека советските единици немаа доволно искуство во борбата против длабоко ешалонираната одбрана на непријателот која е густо стационирана на мочуришно земјиште, организирани се специјални тактички полигони кои имаа за задача колку-толку да го подготват советскиот војник за изведување на вака комплексна задача. Командата на Ленинградскиот фронт, генерал-полковник Говоров, вршеше чести ротации на своите сили на фронтот со цел практично сите оперативни единици да ја минат обуката на овие полигони. Единиците на 67 армија во градски услови вежбаа насилно форсирање на реката Нева која била замрзната, со обезбедување премин безбеден за минување на тешка артилерија и тенкови.

Претстојната операција е оценета како мошне тешка и сложена. Единиците на Ленинградскиот фронт мораа да ја совладаат широката водена препрека, за воопшто да дојдат на офанзивно растојание од првите огнени точки на непријателот. Потоа мораа да водат мошне тешка и исцрпувачка битка со цел кршење на позициската одбрана на непријателот која била уредувана речиси 16 месеци. Благодарение на тешкото земјиште и на тесните коридори за напад, не постоеше никаков простор за маневар. Практично, Ленинградскиот и Волгоградскиот фронт мораа со фронтален удар да ја скршат одбранбената позиција на непријателот. Затоа од исклучително значење беше што поквалитетна подготовка на нападот, особено во фазата на форсирање на водните препреки и премин во офанзива.

Покрај организацијата на ударните борбени единици, командантот на Ленинградскиот фронт разви методи и принципи за ефикасна употреба на артилеријата во претстојната операција. Во таа смисла образувани се артилериски групи вооружени со оружје со голем дострел, потоа артилериски групи за посебни намени, како и артилериски групи за контрабатирање. Во мешовитите артилериски групи за посебни намени додадени се и гардиски минофрлачки батерии.

До почетокот на операцијата, благодарение на разузнавачките напори, советската команда имала прилично детален увид во организацијата и структурата на непријателската одбрана, а благодарение на мошне високата безбедносна култура на својот офицерски кадар, и добро организирани контраразузнавачки мерки, во целост го затвори секој облик на „протекување“ на информации за претстојната операција и за нејзините најважни сегменти.

Кон крајот на декември, по одмрзнувањето, мразот на Нева не беше доволно силен за безбедно преминување на пешадијата и на лесната борбена техника, а мочуришното земјиште стана практично непроодно. Ова во голема мера ја искомплицира целата ситуација, така што согласно предлогот на командантот на Ленинградскиот фронт, почетокот на операцијата е одложен за 12 јануари 1943 година.

Ангажирани сили во операцијата „Искра“

Црвена армија

Ленинградскиот фронт во својот состав имаше три армии (67 А, 55 А и 13. воздухопловна армија). Командант на сите овие сили беше генерал-полковникот Говоров. Волховскиот фронт во својот состав имаше 4 армии (2 ударна армија, 54 А, 8 А и 14 воздухопловна армија). Главен командант на овие сили беше генералот на армијата Мерцеков. Координацијата во нападот на Ленинградскиот и на Волгоградскиот фронт непосредно ја следела Врховната команда на чело со маршалот Жуков и Ворошилов.

Операцијата „Искра“ ја поддржуваше и артилеријата на Балтичката флота и Ладошката флотила.

Германски единици

Групата „Север“ во чиј состав се наоѓаше 18 армија непосредно беше одговорна за овој сектор, како и за 1 воздухопловна флота за воздушна поддршка. Овие единици му беа потчинети на фелдмаршалот Георг фон Кихлер.

Главни задачи и структура на офанзивните групи на Црвената армија

За непосредното изведување на операцијата образувани се ударни групи од единици од Ленинградскиот и од Волховскиот фронт, кои се во голема мера зајакнати со артилериски, тенковски и инженерски единици, како и со резерва која беше под директен патронат на Врховната команда. На Ленинградскиот фронт му е додадена една пешадиска дивизија, четири пешадиски бригади и една артилериска дивизија. Волховскиот фронт беше зајакнат со пет пешадиски дивизии, три пешадиски бригади и една скијачка бригада, како и со една инженерска бригада.

Вкупните сили на двата фронта се проценети на 302.800 војници и офицери кои ги поддржуваа 4.900 артилериски оружја од различен калибар, повеќе од 600 тенкови и 809 авиони.

Со правилна концентрација на своите сили, Советите успеаја да создадат видна предност во бројот во однос на непријателот, кој изнесувал 4.5:1. Исто така, воспоставени се и постабилни линии за логистика на снабдувањето на предните краеви на фронтот: со муниција, гориво, вода, храна и други неопходни работи.

Офанзивна група на Ленинградскиот фронт

Основната ударна група на Ленинградскиот фронт е формирана врз база на 67 армија, и ја сочинувале 2 ешалони. Првиот ешалон бил составен од 45 гардиска пешадиска дивизија, 256, 136 и 86 пешадиска дивизија, 61 тенковска бригада, 86 и 118 самостоен тенковски баталјон. Вториот ешалон бил составен од 13 и 123 пешадиска дивизија, потоа 102, 123 и 142 пешадиска бригада, додека армиската резерва располагала со 152 и 220 тенковска бригада, 46 пешадиска дивизија, 11, 55 и 138 пешадиска бригада, 34 и 35 скијачка бригада. Огнената поддршка на ударната група на Ленинградскиот фронт требало да го обезбеди артилерискиот дивизион во склоп на армијата, фронтот како и оружјето на Балтичката флота. Сите овие сили располагале со повеќе од 1.800 артилериски цевки, додека 13 воздухопловна армија располагала со 414 авиони.

Главната задача на ударната група 617А била да ја форсира 12 километри долгата река Нева, и под борбата да образува мостобрани на линијата Шлисербург-Арбузово. По преминувањето на реката оваа ударна група требало енергично да излезе на јуришно растојание, и со помош на тенкови и на авијација да го пробие фронтот на непријателот со концентрација на главниот удар на населениот пункт Сињавино и на Работничката населба бр. 50 кои се определени како главни точки на спојување со ударната група на Волховскиот фронт која наѕирала од исток.

Ударна група на Волховскиот фронт

Оваа офанзивна група била образувана од единиците на 2 ударна армија и делови од 8 армија. Во рамките на 2 ударна армија во првиот ешалон се наоѓале 128, 372, 256, 327, 314 и 376 пешадиска дивизија, 122 тенковска бригада, 32 гардиски тенковски полк и 4 самостојни тенковски баталјони. Вториот ешалон во својот состав ги имал 18, 191, 71, 11 и 239 пешадиска дивизија, како и 16, 98 и 185 тенковска бригада. Во армиската резерва биле и 22 и 147 пешадиска дивизија и 11, 12 и 13 скијачка бригада. На левото крило од нападот настапувала 8 армија која се состоела од 80 и 364 пешадиска бригада, 73 бригада на морнаричката пешадија, 25 самостоен тенковски полк и два самостојни тенковски баталјони. Огнена поддршка давале фронтовската и армиската артилерија со 2.885 артилериски цевки, како и 14 воздухопловна армија со 395 авиони.

Главната задача на 2 ударна бригада била на фронтот со ширина од 12 километри да изврши пробив на непријателската одбрана од делот Липка-Гајтолово, да завладее со овие населени места и енергично да го продолжи продорот кон Сињавина и Работничката населба број 05. По спојувањето со предните делови од Ленинградскиот фронт, оваа ударна група имала за задача своите офанзиви да ги развие на левото крило на својот напад, со зел заземање на Работничките населби број 02 и број 06. Единиците на 8 армија кои се наоѓале на левото крило од нападот, имале задача да ја пробијат непријателската одбрана во делот Гајтолово-Мишкино и да продолжат со офанзивните дејствија со цел избивање на линијата Тортолово-Михајловски.

Германските сили на одбранбениот шлисербуршко-сињавски бедем

Германскиот клин го бранеле единиците на 26 армиски корпус и делови од 54 армиски корпус кои се наоѓале во состав на 18 германска армија.

Без оглед на значителната предност на советската армија во жива сила и во техника, германската команда проценила дека ќе може да ги одржи своите позиции, пред сè благодарение на цврстината на својот одбранбен бедем, но и на борбената вредност на ангажираните единици кои ја претставувале елитата на Вермахтот. Сите населени места на ова подрачје биле дополнително утврдени и претворени во точки на упоришта. Предните делови од фронтот, како и неговата длабочина, масовно биле попречен со мински полиња, препреки од жица и биле обезбедени со бункери. На бранителите значајна предност им давало и тешкопроодното земјиште составено од тресетишта, кое практично ја парализирало пошироката употреба на оклопната борбена техника.

Кон реката Нева, односно на единиците на 67 армија на Ленинградскиот фронт, биле поставени 227 и 170 пешадиска дивизија и делови од 5 ридска дивизија. Овие единици организирале одбрана во два појаса со потпора на објектите кои доминирале на боиштето, со сите населени места кои се наоѓале во системот на одбрана. Во правец на напад на 2 ударна армија и 8 армија, се наоѓала 1 пешадиска дивизија и главнината од 227 пешадиска дивизија, како и делови од 207 и 223 пешадиска дивизија. Овие единици ја организирале одбранат со потпора на населените пунктови Липка, Работничко село број 08, селата Гајтлово и Тортолово и пошумениот комплекс Круглаја.

Вкупната сила на 26 армиски корпус изнесувала околу 60.000 војници и офицери распоредени во четири пешадиски дивизии (секоја по 15.000 луѓе). Во резервата се наоѓала главнината на 5 ридска дивизија и целата 96 пешадиска дивизија. Покрај овие единици тука се наоѓал и елитниот 502 тежок тенковски баталјон „Мамути“, во чиј состав служел и познатиот германски тенковски ас Ото Кариус кој командувал со тенковската чета „Schwere Panzer-Abteilung 502“ во чиј состав имало вкупно 27 тенкови PzKpfw III. Но, кон крајот на 1942 година 502 тенковска бригада станува прва германска оклопна формација која добива тешки тенкови Pz.Kpfw.VI „Тигар“ (9 парчиња), кои тогаш за првпат биле борбено употребени.

Значи, вкупната концентрација на германските сили на шлиселбуршко-сињавскиот правец е проценета на 6 пешадиски дивизии (околу 90.000 луѓе) кои биле поддржани од 700 артилериски оружја и 27 тенкови.

Воздухопловна поддршка на 18 армија, како и на целокупната Група армија „Север“ ја организирала 1 воздухопловна флота која во својот состав имала околу 200 авиони. Според податоците на други автори во операциите кои ги изведувала Групата армија „Север“ 1 воздушна флота ангажирала 400-500 авиони.

Првиот ден на операцијата Искра

Дејствијата 67 армија на Ленинградскиот фронт

Во раните утрински часови на 12 јануари советските бомбардери од составот на 13 и на 14 воздушна армија извеле масовно бомбардирање на непријателските одбранбени линии со посебен фокус на точките на кои се очекувал пробој. Мета на нападите биле и германските аеродроми, како и железничките станици во длабочината на непријателскиот фронт.

Точно во 9 часот и 30 минути започнала повеќечасовна артилериска подготовка на двата краја на непријателската одбрана. Некаде околу 11 часот и 50 минути под силна артилериска канонада прва во напад тргнува 4 пешадиска дивизија/67 Армија која започнува насилно форсирање на реката Нева. Секоја дивизија е зајакната до 4-5 артилериски и минофрлачки полкови, противтенковски полк и со 1-2 инженерски баталјони за уривање препреки и за формирање премини за тешката техника. Нападот непосредно го поддржувала 61 тенковска бригада која во својот состав имала 147 лесни тенкови Т-60 и оклопни автомобили БА-10, кои можеле да минат преку замрзнатите плочи со кои била окована реката Нева.

На првиот ден од операцијата „Искра“ најголем успех е постигнат на централниот дел од преминот, благодарение на исклучително силниот и прецизен артилериски оган на 38 гардиски минофрлачки полк. Со воведување во борбата на 268 пешадиска дивизија и на 86 самостоен тенковски баталјон, како и на 136 пешадиска дивизија кој била зајакната со тенковски баталјон на 61 тенковска бригада, формирани се мостобрани во реонот на населеното место Марино. До крајот на денот советските единици успеале да го скршат отпорот на германската 170 пешадиска дивизија и да формираат компактен мостобран со површина од 15 до 18 квадратни километри. Истовремено, инженерските единици започнале со изработка на премин за средната и за тешката оклопна техника во реонот на населеното место Марино.

За разлика од централниот правец, страните на 67 армија немале толкав успех. На десното крило се наоѓале 45 гардиска пешадиска дивизија и 118 самостоен тенковски баталјон опремен со тенкови Т-26 и БТ-5. Еден полк на 45 гардиска пешадиска дивизија успеал да ја премие реката северно од населеното место Абразово каде во жестока борба успеал да напредува само 500-600 метри во длабочината на непријателскиот фронт каде по значајните загуби и силните непријателски огнови бил запрен. Борците на 45 гардиска пешадиска дивизија успеале некако да ја заземат првата линија на германските ровови, но никако не можеле да одат понатаму. Останатите два полка на оваа дивизија се обиделе да ја форсираат Нева нешто посеверно во реонот на населеното место Киров, но безуспешно. Притоа огнот од непријателските бункери и позициите каде биле поставени германските ат-топови и тенкови, уништен е практично целиот 118 тенковски баталјон, а двата пешадиски полка од 45 гардиска пешадиска дивизија исто така претрпеле тешки загуби.

На левото крило на 67 армија во реонот на градот Шлиселбург напаѓала 86 пешадиска дивизија на самиот почеток на преминот преку реката Нева била запрена од жестокиот оган на непријателот од нејзиниот спротивен брег. Откако го виделе ефектот на непријателскиот оган, како и организацијата на неговата одбрана на овој правец, командата на 67 армија решила да го затвори овој правец и дивизијата да ја пренасочи на отсекот на 136 пешадиска дивизија која успешно ги развивала своите дејствија во реонот на селото Марино. Оваа дивизија имала задача од централниот дел на фронтот, долж источниот брег на реката Нева да напредува на север и од таа страна да го загрози градот Шлиселбург.

Дејствијата на 2 ударна армија и Волховскиот фронт

Во 11 часот и 15 минути ја започнала својата офанзива и 2 ударна армија, а 15 минути подоцна и единиците на 8 армија. И покрај силната артилериска канонада, одбранбениот фронт на непријателот и понатаму бил жив и мошне активен. Особено отежнувачка околност претставувал и тешкопроодниот терен кој се состоел од огромни полиња на мочуришни тресетишта.

На десното армиско крило биле развиени 3 пешадиски дивизии (128, 372 и 256) кои успеале да го пробијат предниот крај на одбраната на германската 227 пешадиска дивизија и да се постават на 2-3 километри во длабочината на нејзиниот одбранбен распоред. И покрај големата желба на борците од овие три дивизии да ги освојат населените места Липка и Работничката населба број 08, отпорот на германските единици бил исклучително жилав.

На левото крило на армискиот распоред најголем успех имала 327 пешадиска дивизија која со поддршка на тешките тенкови Кв-1 успеала да заземе најголем дел од пошумениот комплекс Круглаја, и од јужна страна да пријде до Работничката населба број 09 чија посада се нашла во опасност од опколување. Останатите единици на 2 ударна армија и на 8 армија на крајот од левото крило и покрај големата заложба на борците не успеале да ја скршат одбраната на искусната 1 пешадиска дивизија која благодарение на големиот број убиствени антитенковски оружја Flugzeugabwehrkanone Flak-18 со калибар од 88 милиметри мошне умешно го бранела делот Гајтановска Липка-Гајтаново-Торолово.

Веќе првиот ден од операцијата „Искра“ командантот на 26 армиски корпус одлучила да ги зајакне најкритичните делови на фронтот со воведување во борба на своите резерви. На фронтот интервентно биле испратени единиците на 96 пешадиска дивизија и на 6 ридска дивизија, како и борбената група „Хикнер“ со два пешадиски полка на 61 пешадиска дивизија.

Борбените дејствија во периодот од 13 до 17 јануари

Во овој временски период битката влегува во фаза на својата кулминација. Борбите се водат со необично голема жестина и траат деноноќно. Непријателот на сите сектори од фронтот бил мошне организиран и упорно се бранел, масовно користејќи го добро уредениот систем на ешалонирана одбрана. Советската команда одлучува во борба да го воведе и вториот нападен ешалон, со цел конечно кршење на одбраната на непријателот.

На правецот на напад на 67 армија најголем успех има 136 пешадиска дивизија кој ја крши германската одбрана во правец на Работничката населба број 05. На оваа дивизија ѝ асистира главнината на 61 тенковска бригада. За обезбедување на нејзината лева страна во борба е воведена 123 пешадиска бригада која напаѓа во насока на Работничката населба број 03, а нешто подоцна на нејзината десна страна се воведува комплетната 123 пешадиска дивизија и 152 тенковска бригада опремена со тенкови Т-34 кои вршат притисок на непријателот кој е распореден на делот Работничка населба број 06-Сињавино. По неколку дена исклучително тешки и исцрпувачки борби, 123 пешадиска бригада успева да ја заземе Работничката населба број 03 и да избие во реонот на Работничките населби број 01 и број 02 кои се наоѓаат на самиот брег на езерото Ладога. Со овој удар германските сили со еден пешадиски полк кои го бранат градот Шлесинбург, доаѓаат во мошне тешка ситуација која се заканува со отстапување. За тоа време 136 пешадиска дивизија и 61 тенковска бригада избиваат на пушкомет од Работничката населба број 05, а о активната одбрана на непријателот не успеваат да ја заземат.

Истовремено, 86 пешадиска дивизија и тенковски баталјон од 61 тенковска бригада напредуваат долж источниот брег на Нева и од југ му припаѓаат на Шлесинбург. Оваа офанзива ја поддржува и 34 скијачка бригада како и делови од 55 пешадиска дивизија кои напредуваат преку замрзнатото езеро Ладога. До 15 јануари овие единици успеваат да ја скршат надворешната одбрана на Шлесинбург и со јуришните единици да упаднат во неговите предградија. Иако нападнат од сите страни, германскиот гарнизон не го напушта Шлесинбург, решен да се бори практично до последниот човек.

На 14 јануари за време на изведувањето на контранападот по нападната група на 61 тенковска бригада кај Работничката населба број 05 се појавува дотогаш непозната оклопна техника. Имено, со цел спречување на заземањето на оваа населба која практично се наоѓа во центарот на германската одбрана, од резервите е ангажиран германскиот 502 тежок тенковски баталјон за првпат опремен со тешките тенкови Pz. kpfw. VI „Тигар“. По воведниот шок, советските војници успеале да онеспособат еден од овие тенкови, а уште еден да заробат. Овие два „Тигри“ (сериски број „100“ и „121“) се испратени на тенковскиот полигон Кубинка каде руските стручњаци ги прегледале неговите конструкции и техничките елементи и ги идентификувале најголемите слабости кои биле од круцијална важност за подоцнежната борба против овие мошне способни оклопни средства.

На десното крило од армискиот распоред, нападот го продолжила 45 гардиска пешадиска единица која на почетокот на операцијата немала никакви конкретни успеси. Поради недостигот на каков било напредок, командата на 67 армија на овој правец ја воведува 13 пешадиска дивизија. Во тешка ситуација се нашла и соседната 268 пешадиска дивизија која некако успева од северна страна да го заобиколи екстремно утврдениот реон на непријателската одбрана околу населбата Киров и локалната електростаница. Имено, и покрај концентрираното дејствие на артилеријата, никако не можеле да се замолчат огнените точки на непријателот распоредени на овој сектор што контролирале добар дел од фронтот. 45 гардиска пешадиска дивизија и 268 пешадиска дивизија едноставно не можеле да се развијат ниту чекор напред. Освен тоа, на ова подрачје пристигнало и интервенирало засилување составено од делови на 5 ридска и 96 пешадиска дивизија од каде заедно со 502 тежок тенковски баталјон иницирале жесток противудар во страна на советските единици кои се движеле кон Работничката населба број 05. Неколку дена советската 268 пешадиска дивизија се наоѓала во фаза на одбранбен бој, со цел да ја заштитат десната страна на главниот удар на 136 пешадиска дивизија и 61 топовска бригада кои напредувале кон централниот јазол на германскиот одбранбен распоред. Со воведувањето на зајакнување од вториот ешалон и од армиската резерва (123, 102 и 142 пешадиска дивизија) овој противудар е скршен, а германските единици кои го бранеле Киров и електростаницата биле ставени во еден вид полуопкружување.

На правците на напад на 2 ударна армија непријателот продолжил со огорчена одбрана на линијата Липка-Работничка населба број 08-Работничка населба број 07. И покрај воведувањето во борба на 18 пешадиска дивизија и на 98 тенковска бригада, како и на комплетната 71 пешадиска дивизија на централниот сектор на фронтот, напредокот бил безначаен. Следниот ден, командата на 2 ударна армија решава со сите расположливи сили да изведе напад преку пошумениот појас Круглаја и тресетиштето северно од Гајталово, воведувајќи ги од вториот ешалон и од резервата 11. 191. 239 пешадиска дивизија, 122 тенковска бригада и 13 скијачка бригада. И покрај големата надмоќ во луѓе овој напад нема сразмерен успех. Поголем успех единствено прави 256 пешадиска дивизија која на 14 јануари успева по тешки борби од блиско растојание да ги заземе железничката станица Подгорнаја, работничката населба број 08 и да се приближи на Сињавина.

На 15 јануари реонот на Липка го напаѓа 128 пешадиска дивизија зајакната со 12 скијачка бригада која преминува преку замрзнатото езеро Ладога, со цел да го заземе населеното место Липка од неговата северна страна. На централниот сектор од фронтот непријателската одбрана конечно попушта и се ослободуваат Работничките населби број 08 и број 04. До 17 јануари 372 пешадиска дивизија доаѓа во близина на Работничката населба број 01, а 18 пешадиска дивизија и 98 тенковска бригада води жестока борба за ослободување на Работничката населба број 05 која истовремено од западна страна ја напаѓаат единиците на 67 армија (136 пешадиска дивизија и 61 тенковска бригада).

Конечен пробој на блокадата! Борбите од 18 до 20 јануари

Рано наутро на 18 јануари единиците на Ленинградскиот и на Волховскиот фронт ги раздвојувале само неколку километри воздушна линија. Германската команда, која ја согледувала сета сериозност на ситуацијата решила да се откаже од понатамошната одбрана на Шлесинбург и на Липка, и овие сили да ги употреби за затворање на критичните зони за одбрана во реонот на Сињавина. Борбената група „Хихер“ имала задача дополнително да ја зајакне одбраната на населените места на Работничките населби број 01 и број 05, со цел да ги одбрани овие линии.

На тој 18 јануари Црвената армија ја продолжила својата офанзива. Некаде околу 9 часот и 30 минути, делови на 123 пешадиска дивизија на 67 армија се спојуваат со извидувачката чета на 372 пешадиска дивизија на 2 ударна армија, во центарот на Работничката населба број 01, со што доаѓа до прв контакт на единиците кои упорно го бранеа отсекот на фронтот северно од Работничката населба број 05, и упаѓаа во тактичко опкружување. Со цел деблокада на овие сили, Германците изведуваат противудар од Работничката населба број 05 на делови од 136 пешадиска дивизија со цел формирање коридор за извлекување на опколените сили. Со енергично дејство на 136 пешадиска дивизија овој напад е одбиен, а во гонењето на непријателот дивизијата влегува во Работничката населба број 05 каде се спојува со делови од 424 пешадиска дивизија на 2 ударна армија. Нешто подоцна единиците на 86 пешадиска дивизија во соработка со 61 тенковска бригада го ослободува градот Шлиселбург, а до крајот на денот единиците на 34 скијачка бригада воспоставуваат врска со претходниците на 128 пешадиска дивизија и на 12 скијачка бригада на 2 ударна армија кои претходно ја ослободија Липка.

Со ваквиот развој на борбената ситуација можело со сигурност да се каже дека опсадата на Ленинград е дефинитивно разбиена!

Меѓутоа, тукушто пробиениот коридор сè уште не бил обезбеден зашто во опкружувањето се нашла групација од околу 8.000 германски војници која се повлекувала кон Сињавина и кон Работничката населба број 06 и која не ни помислувала за евентуално предавање. За се избегне целосно уништување, опколените германски единици извршиле деконцентрација на своите сили, го напуштиле и го онеспособиле целото тешко вооружување, образувале помали тактички борбени групи за пробој, и тргнале во насока на југ. За прифаќање на овие сили, на овој простор пристигнала 4 СС мотомеханизирана полициска дивизија која заедно со 5 борбена дивизија и 1 пешадиска дивизија образувала нов фронт кој се протегал на линијата Киров на реката Нева-Московска Дубровка-Работничка населба број 06-Сињавино-Гајтолово. Овој фронт е потоа зајакнат со 28 ловечка дивизија, како и со 11, 21 и 212 пешадиска дивизија на 18 армија

Човечки и материјални загуби во операцијата „Искра“

СССР

Вкупната загуба на Црвената армија во текот на изведувањето на првата фаза од операцијата „Искра“ (ќе се осврнеме на периодот од 12.1 до 20.1.1943 година)изнесувала околу 95.000 онеспособени луѓе, од кои загинале 23.000 војници и офицери. Ленинградскиот фронт имал 35.000 онеспособени, додека Волховскиот околу 60.000. Кога станува збор за оклопната техника, Црвената армија во овој период изгубила околу 40 тенкови, над 380 различни артилериски оружја и 41 авион. Според други извори, како советски, така и германски, загубите на Црвената армија во оклопна техника биле многу поголеми. Само Ленинградскиот фронт за време на пробојот изгубил над 200 тенково. Додека загубите во авијацијата биле значајни (најмалку 180 авиони).

Германија

Според советски извори германските загуби за цел јануари 1943 година изнесувале околу 19.000 онеспособени војници, додека 1.275 биле заробени. Непријателот изгубил 272 артилериски оружја, 1.200 митралези и повеќе од 300 минофрлачи. Соборени се и околу 100 авиони.

Германските извештаи за загубите на 18 армија за периодот од 12.1 до 30.1.1943 година зборуваат дека нејзините единици изгубиле 22.619 лица. Во првата половина од јануари, 18 армија имала 6.406 онеспособени војници, додека во втората половина од месецот процентот на загуба е значително зголемен. Имено во тој период кога операцијата „искра“ влегла во својата кулминација, 18 армија изгубила 16.213 војници од кои 4.569 загинале. По дивизии 18 армија ги имала следниве загуби:

  • 1 пешадиска дивизија (2.342 онеспособени),
  • 61 пешадиска дивизија (2,706 онеспособени)
  • 96 пешадиска дивизија (3,202 онеспособени)
  • 170 пешадиска дивизија (1,679 онеспособени)
  • 227 пешадиска дивизија (2,444 онеспособени), и
  • 28.ловечка пешадиска дивизија (1,849 онеспособени)

Сериозни загуби претрпел и елитниот 502 тежок тенковски баталјон кој кон крајот на јануари спаднал на само 2 тенка Pz.Kpfw.VI „Тигар“ и неколку парчиња PzKpfw III. За време на операцијата Искра оваа германска оклопна единица изгубила вкупно 20 тенкови, од кои 6 биле нови „Тигри“.

Исходот од операцијата „Искра“

Единиците на Ленинградскиот и на Волховскиот фронт на 18 јануари 1943 година ја пробиле опсадата на Ленинград. Самиот воен успех во територијална смисла не бил нешто спектакуларен. Ширината на коридорот изнесувала само 8-11 километри. Но, во политичка, психолошка, и ако сакате симболична смисла, успехот бил од гигантски размери! Во период од само неколку недели е направена железничка пруга и асфалтен пат, и покрај тоа што за сето ова време на изградбата и подоцна при експлоатацијата била под урагански оган од илјада германски топови и авиони. Од огнот и пепелот подигнати се и мостови преку Нева. Градот едноставно морал да живее и да преживее. Веќе на почетокот од февруари во Ленинград почнале да пристигнуваат првите железнички композиции со неопходната стока, со што во голема мера се поправила ситуацијата кај исцрпеното население, но и кај бранителите на градот.

Операцијата „Искра“ била преломен момент во битката за Ленинград. Таа и во теориска смисла ги урнала сите надежи на германската војска за заземање на овој град. На крајниот северозапад на фронтот, Црвената армија од фаза на грчевита одбрана преминала во фаза на стратешка иницијатива која траела сè до 1944 година кога непријателот и конечно бил скршен и избркан од овој простор.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња