Зошто Русија трипати пропуштила можност да го заземе Константинопол?

Наталија Носова
Русија многупати се обидувала да ја заземе старата престолнина на Византија, а во неколку наврати дури и навистина била на прагот на остварување на тој сон. Но, секојпат се откажувала.

Руските владетели со векови сонувале за тоа да воспостават контрола над мореузите на древниот Константинопол. Престолнината на Византиската империја, денешен Истанбул, ги спојувала Европа и Азија. Овој град бил клуч за доминација на Блискиот Исток и најкус пат од Европа во Индија. 

Екатерина Втора била обземена со Константинопол што дури и на својот внук му го дала името Константин (така се нарекувал првиот и последниот император на Византија). Нему сакала да му ја предаде власта во обновената империја. „Што ќе се случи со нас и со нашите правила ако една жена завладее со парче од светот од Сибир до Египет? Спасувај се кој може“, напишал во 1770 година италијанскиот филозоф Алесандро Вери. 

Тие многубројни обиди не биле поттикнати само од стратешки причини. Во Русија овој град се нарекувал Цариград. Се сметало дека тој е центар на православието (во него се наоѓа црквата Света Софија – една од најголемите православни светињи кои Турците ја претвориле во џамија), а војните биле третирани како мисионерски поход за ослободување на словенскиот свет од муслиманскиот јарем. 

Сепак, на Русија ниту еднаш не ѝ тргнало од рака да го припие Константинопол, иако двапати во историјата Русите можеле да го направат тоа без речиси никакви пречки. 

Доволна е и бесцаринска зона 

Според руските хроники прв кој успешно дошол до Константинопол е кнезот Олег, кој бил наречен Мудар. Тоа било во 907 година. Прекарот го добил поради својата проникливост. Олег бил добар војсководец. Тој со своите походи ги поставил темелите на староруската држава и нејзините граници. 

Хрониките пишуваат дека тој до Цариград стасал со пешадија и со флота од 2.000 бродови (историчарите сметаат дека биле многу помалку), Грците го затвориле градот така што крвавите битки се воделе во неговата околина. „И многу Грци беа убиени во околината на градот, и многу куќи беа урнати и цркви запалени. А, оние што беа заробени – дел беа убиени, други мачени до смрт, некои беа усмртени со стрели и со копја, а некои беа фрлени во море... и многу други зла Русите им направија на Грците како што обично правaт непријателите“, се наведува во летописот. 

Но, кога го зазел Константинопол, Олег дошол до заклучок дека мирот според условите кои ѝ одговараат на Русија е поповолен од експанзија. Поради тоа, како што гласи легендата, го закачил својот штит на градската порта и склопил со Константинопол поволен трговски договор, а со него добил и голем откуп. Оттогаш Русите по половина година можеле бесплатно да живеат во предградието на Константинопол. Добиле право да тргуваат без царина, а исто така и право на бесплатни намирници и поправка на бродовите на сметка на Византија. 

До Солуна сто сомуна 

Екатерина Втора плановите поврзани со воспоставување на древна Грчка монархија го нарекла „Грчи проект“. Овој проект не подразбирал непосредна руска експанзија, ами создавање нова држава со антички назив Дакија и ширење руско влијание. Програмата опфаќала протерување на Турците од Европа, ослободување на сите христијани на Балканот од муслиманскиот јарем и, се разбира, заземање на Константинопол. Но, „Грчкиот проект“ не заживеал зашто императорката не добила доволна поддршка во Европа, а интересот за Константинопол спласнал кога почнала новата руско-турска војна (и кога Крим бил припиен во Русија во 1783 година). 

Кон остварувањето на сонот на Екатерина најмногу се приближил нејзиниот трет внук, императорот Николај Први. Руската армија во 1829 година влегла во Адријанопол (денешно Едрене), 240 километри од Истанбул. Војската можела ова растојание да го мине за два дена и голема е веројатноста дека градот би паднал, зашто турската армија во тој момент била исцрпена. Наместо тоа, Николај Први постигнал договор со турскиот султан Махмуд Втори. Со возвишени пријателски зборови (кои биле заборавени по само 12 години) Турција го затворила мореузот за други земји. 

За волја на вистината, великодушниот гест на Русија имал и друга мошне важна заднина. Не било тешко да се заземе Константинопол, но немало доволно средства за издржување на новите територии. Покрај тоа, не би било паметно да се остави победничката армија да живее сиромашно во заземениот град, зашто би можело да избие буна. Згора на сè, заземањето на Константинопол би ја прекроил цела Југоисточна Европа и би предизвикало светска војна, зашто Англија и Франција не би се помириле со тоа. Многу полесно било  да не се претендира на градот и едноставно да се затвори тоа прашање со погоден мировен договор.

Подоцна многумина му замерувале на Николај Први што ја испуштил можноста да го заземе Константинопол, а тој одговарал дека му е драго што неговиот профил е единствената сличност со Екатерина Велика. На царот Николај Први не му се допаѓале методите со кои владеела неговата баба. Згора на тоа, слична ситуација се повторила во 1878 година, за време на следниот руски император Александар Втори. Повторно руската армија била разбиена, и бил отворен пат кон Константинопол. И повторно рускиот цар избрал мир под поволни услови, не сакајќи да предизвика светска војна. 

Зимата 1877 година, за време на Руско-турската војна 1877-1878 година, руската армија на чело со генералот Гурко минала преку Балканот, што ги вџашило Турците. Тие сериозно се исплашиле за судбината на Константинопол и затоа на подрачјето на Адријанопол сконцентрирале армија од 120.000 војници со цел барем да се обидат да ги задржат Русите. Меѓутоа, тврдината се предала без борба. Русите тргнале понатаму и запреле во близина на Константинопол. Имале можност без посебен напор да го заземат градот и реонот на Дарданелите. Но, со оглед на тоа дека таквиот чекор можел да предизвика прекин на односите со Австрија, која била поддржувана од Англија, и во иднина би се отежнале преговорите со Турција, рускиот цар Александар Втори најпрво се колебал, а потоа целосно се откажал од таа идеја. На Русија не ѝ бил потребен самиот град. Нејзе ѝ било потребно да има неколку бази на Босфор и на Дарданелите за да може да ги контролира мореузите.

Дознајте уште како Екатерина Велика го освоила Крим. 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња