Неверојатна е таа генерација која ги родила победниците во Втората светска војна. Секое познанство со некој од нејзините живи претставници ги открива најдобрите човекови доблести и војничките квалитети. За карактерот на херојот на Русија Павел Павлович Сјуткин кој годинава наполни 95 години, скромноста може да се препознае како најголема доблест. Никогаш не сакал да се сеќава на своите неверојатни воени подвизи, ниту да бара некакви посебни права кои се поврзани со воените ветерани.
1944 година. На фотографијата во весник се наоѓа еден советски војник со куп одликувања на своите гради. Надежда Зотовна Сјуткина веднаш го препознала сина си. Го видела потписот под фотографијата и низ солзи го прочитала следниов текст: „Трети белоруски фронт: На фотографијата е командантот на самоодната батерија, постариот поручник Павел Сјуткин. За време на ликвидацијата на група непријателски сили на Источнопрускиот сектор на фронтот, неговата батерија уништи девет германски тенкови, десет оклопни транспортери, дванаесет топови, осум минофрлачки позиции, десет бункери со митралески екипаж и претвори во прав и пепел околу 500 хитлеровци“. Една недела подоцна, од писмо на командантот на полкот, дознала дека нејзиниот Пашка бил во болница по своето второ ранување.
Наградите што офицерот Павел Сјуткин кој по војната забрзано завршил курс во Ростовскиот училиштен центар за самоодна артилерија, се остварени на крвавиот борбен пат кој го започнал од Брјанск низ Смоленск, Калининската област, Белорусија, Латвија, Литванија, Источна Прусија. На овој пат, немилосрдно бркајќи го непријателот на својот народ и на татковината, Павел Сјуткин бил рануван трипати, двапати повеќе бил повреден, петпати се извлекувал од запален самоодечки топ.
Медал за храброст, орден Црвено знаме, орден Александар Невски, орден Црвена ѕвезда итн. – секој медал е заслужен на тенката линија помеѓу животот и смртта. Херојот се сеќава на некои детали кои го одбележале неговиот воен пат.
„Се сеќавам дека во реонот на 'Ржево, дена и две ноќи се боревме со непријателот кој успеа да нè фати во тактичко опкружување. Моето самоодечко оружје тогаш погоди осум непријателски гранати, а целиот екипаж од јачината на тие удари се здоби со сериозни повреди. Но, ние успеавме да го пробиеме обрачот и да се споиме со нашите сили кои тргнаа да нè извлекуваат. Останавме практично без ниту една граната и без ниту еден куршум во личното вооружување“, се сеќава херојот.
Април 1945 година. За време на Битката за Источна Прусија, батеријата со тешки самоодни оружја СУ-152 со која командувал Павел Сјуткин, била ангажирана со својот полн капацитет. Тој со своите пријатели за само неколку дена интензивни борби успеал на непријателот да му нанесе толкави загуби во жива сила и техника, што е својствено за цел дивизион, па дури и за поголема формација. Самиот командир на батеријата и покрај здобиените контузии продолжи да го гони разбиениот непријател. За ваквата воена умешност, особено на планот на извонредната тактичка употреба на своите сили, но и на покажаната борбена инцијатива и на беспримерното херојство кое беше клучно за успешно завршување на воените операции Павел Сјуткин вонредно е унапреден во командант на 373 самостоен самооден артилериски полк, а од страна на највисоката команда определен е за добивање орден за херој на Советскиот Сојуз, кој поради некакви чудни околности никогаш не му бил доделен.
Сличен настан се одиграл и по војната кога ова највисоко звање требало да го добие како командант на 101 гардиски тежок самооден полк, но повторно неговиот заслужен орден се изгубил во лавиринтот на воено-бирократските канали. Сепак, неправдата е исправена неколку децении подоцна, кога на барање на ветеранската организација во Сочи позитивно одговорило Министерството за одбрана.
Факт е дека на судбината на Павел Сјуткин се рефлектирале сите мачни нешта од распадот на Советскиот Сојуз. Во 1969 година тој ја завршил воената служба како заменик командант на дивизијата која била распоредена во Естонија. На почетокот од последната деценија од минатиот век, за време на распадот на СССР, локалните естонски власти овој херој го прогласиле за окупатор и создале невозможни услови за опстанок во оваа држава – буквално направиле пекол од неговиот живот. Морал да ја напушти Естонија и да се пресели во Русија. Набрзо го продал станот на Балтикот и уплатил средства за купување недвижност која требала да се изгради во Серпухов. Но, локалните гангстери кои тие години дивееја во Русија, го прелажале ветеранот и го оставиле практично на улица без покрив над главата и без основни средства за живот. Следните три години бил практично скитник, а за да преживее работел како портир-чувар.
И така живеел сам. Напуштен од сите. Но, токму како и неговата самоодна машина, херојот бил полн со челична волја која ја одржувала неговата виталност. Тоа е тој нескршлив карактер кој не се жали, кој никој не може да го скрши. Пламен кој ја осветлува и најголемата темнина. Факел кој пламти во душите на оние чија судбина е предодредена да биде голема, често натчовечки дела.
На Павел еден ден се сетила една негова далечна роднина која живеела во Сочи и го примила во својот скромен еднособен стан. Но, Павел на сакал да им пречи на своите домашно. Тој се издвоил на застаклената тераса каде живеел и спиел. Најтешко му било некому да му биде товар. За неговиот случај на иницијатива на неговите роднини дознала организацијата на воените ветерани од Сочи. Тие со месеци им пишувале на релевантните државни институции за случајот на Павел. Но, бирократизираниот апарат преполн со нечувствителни апаратчици не одговарал на овие писма. Но, ветеранската упорност на крајот се исплатела. По некаква случајност писмото го заобиколило овој бирократски круг и стасало до Москва, до администрацијата на претседателот на Руската Федерација.
Павел Павлович Сјуткин и Владимир Путин
Прес-службата на Претседателот на РусијаПретседателот Путин веднаш реагирал и лично се заложил неправдата кон херојот веднаш да биде исправена. Ова се случи во 2008 година кога на Павел Павлович му е доделен најголемиот орден – херој на Руската Федерација. Следната година, со залагање на ветеранската организација од Сочи и на локалните пратеници, Павел Павлович Сјуткин добил клуч од станот и успева остатокот од животот на го проживее достоинствено, како што му доликува на последниот херој од Големата татковинска војна.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче