Од Сталин до Путин: Кој и за што има добиено руски награди

Историја
АЛЕКСЕЈ ТИМОФЕЈЧЕВ
Што треба да знаеме за наградите како што е Државната награда на Русија и звањето Херој на Руската Федерација? Зошто писателот Александар Солженицин ја одбил ваквата чест?

Државата го финансира поголемиот дел награди што граѓаните на Русија ги добиваат за храброст или за придонес во уметноста или во науката. Многу од нив потекнуваат уште од периодот на Советскиот Сојуз, а некои се дури и од 17 век.

Државна награда 

Државната награда на Руската Федерација е основана во 1992 година, во нова Русија по распадот на Советскиот Сојуз. Оваа награда е наследничка на Советската државна награда, која, пак, е наследничка на Сталиновата награда. 

Сталиновата награда е воведена во 1940 година за постигнувања во науката, културата, воената сфера и во уметноста, а исто така и за „унапредување на методот на производната работа“. Постоеле три степени и се доделувале во времето на Сталин. Со првата награда се добивале 100.000 рубли (19.000 американски долари според официјалниот советски курс од тоа време). Се тврдело дека парите за наградите доаѓаат од странство и дека се добиени со објавување на делата на Сталин. 

Неколку луѓе имаат добиено повеќе од една Сталинова награда. Конструкторот на авиони Сергеј Иљушин (меѓу другото го има конструирано и офанзивниот авион Ил-2) во оваа смисла има постигнато рекорд: со оваа награда е удостоен вкупно седум пати. 

По 20 конгрес на КПСС, кога Никита Хрушчов jа започнува својата прочуена десатлинизација, името на Сталин е тргнато од називот на оваа награда и таа станала Ленинова награда. Воведена е во 1956 година и се доделувала за исклучителен успех со 10.000 рубли (околу 9.000 американски долари). 

Државната награда е основата во 1967 година и се доделувала за малку помали достигнувања од Лениновата награда, па затоа со неа се добивале и помалку пари – 5.000 рубли. 

Во деведесеттите години од минатиот век воведена е Државната награда на Руската Федерација наместо сличните советски награди и со неа се добивале 100.000 рубли (17.000 американски долари). Оваа сума во 2004 година нагло порасна и сега изнесува 5 милиони рубли (185.000 американски долари). Од друга страна, наместо некогашните дваесет награди, сега годишно се доделуваат само осум.

Оваа награда се доделува на 12 јуни на Денот на Русија. Меѓу најновите добитници (за достигнувања во 2016 година) се познатиот композитор Едуард Артемјев, кој има компонирано музика за филмовите на Андреј Тарковски и на Андреј Кончаловски, и познатиот кореограф Јуриј Григорович.

Херој на Руската Федерација 

Звањето Херој на Русија е највисоката награда што ја доделува руската држава. Таа се дава за исклучителни подвизи. На добитниците обично им се прави и биста. 

Како и во случајот со Државната награда, ова звање е продолжение на советската традиција. Звањето Херој на СССР постоело од 1934 година до распадот на земјата. Први добитници биле пилотите кои учествувале во операцијата за спасување на бродот „Чељускин“ на Арктикот. 

Последното звање Херој на Советскиот Сојуз го има добиено нуркачот Леонид Солотков на 24 декември 1991 година, кога државата ги одбројуваше своите последни денови. Дотогаш добитниците обично велеа „Му служам на Советскиот Сојуз!“, а Солотков, примајќи го ива признание, едноставно рече „Благодарам“. 

Првото звање Херој на Русија е доделено на космонаутот Сергеј Крикаљов за извршување на задача во орбитата на вселенската станица „Мир“. Последниот добитник е исто така космонаут, Алексеј Овчинин. Тој во септември 2017 година беше награден за мисијата на Меѓународната вселенска станица. 

Орден свети апостол Андреј Првозвани 

Меѓу угледните награди во Русија има и такви што не ги доделува државата. Православната црква исто така официјално доделува награди. Една од нив е Орденот на свети апостол Андреј Првозвани. Воведен е пред три децении по повод илјадагодишнината од покрстувањето на Русија.

Овој орден може да им биде доделен и на поглавари на помесните православни цркви кои посебно се залагале за христијанството. Меѓу петтемина наградени поглавари се константинополскиот патријарх Вартоломеј и претходниот поглавар на Руската православна црква Алексеј Втори. 

Постои и световна (цивилна) верзија на Орденот на свети апостол Андреј Првозвани. Тоа е највисока руска државна награда што ја има воведено Петар Први кон крајот на 17 век, а ја обнови претседателот Борис Елцин во 1998 година. 

Една година подоцна познатиот писател Александар Солженицин ја доби оваа награда, но одби да ја прими. Според изјавите на сопругата на писателот Наталија, тој ја донел оваа одлука зашто земјата во текот на деведесеттите години не била во најдобра состојба и многумина се бореле за опстанок.