Легијата на странци на Иван Грозни: Професионалци во редовите на руската армија

Историја
АЛЕКСЕЈ ТИМОФЕЈЧЕВ
До крајот на 15 век руската војска сè повеќе станала зависна од странски платеници. Овие борци често биле од Западна Европа, а нивното доаѓање ги означува извонредните промени во руските вооружени сили. Русија претходно увезувала војници од Скандинавија или јужните степи.

Од многу одамна платениците имаат место во руската армија, но од почетокот на XV век тие почнуваат да играат уште поважна улога. Начинот на водење војна станува многу посложен со текот на годините и Русија имала потреба од добро подготвени воени специјалисти од земји кои веќе ги совладале најнапредните за тоа време воени техники. Како резултат на тоа Русите почнале да најмуваат западни борци.

Приливот на западњаците кои доаѓале на воена служба во Русија, започнува во времето кога московското кнежевство го презема развојот кон централизирана руска држава (во почетокот на втората половина на XV век за време на владеењето на царот Иван Трети). Агендата на оваа новоформираната држава вклучува два традиционални елементи на руската безбедносна политика: континуирана заштита против нападите на номадите на југот и незапирливата борба против еден моќен противник (во тоа време тоа е полско-литванската заедница) на запад. Сето ова бара земјата да создаде посилна и посовремена армија. 

„Аристотел“ и производство на топ во Русија 

Човекот кого понекогаш го нарекуваат првиот западен платеник во Русија, е италијанскиот инженер и архитект Родолфо „Аристотел“ Фиораванти. Во Русија тој е познат најмногу со изградбата на Успенскиот собор во московскиот Кремљ и со дизајнот на ѕидовите и кулите. Помалку познат е фактот дека тој го основал „дворот“ во Москва и почнал да создава бронзени топови во Русија. 

Фиораванти учествувал во неколку воени кампањи на Иван Трети како артилериски командант. Некои луѓе се на мислење дека благодарение на улогата на „Аристотел“ и на други италијански воени инженери артилеријата во Москва била најдобра во Источна Европа во тоа време.

Кога внук на Иван Трети, Иван Четврти (или Иван Грозни) се искачил на тронот во средината на XVI век протокот на странски воени експерти кон Русија е голем. Царот сурово се пресметувал не само со реалната, ами и со потенцијална опозиција против управувањето, а освен тоа водел активни странски кампањи како на исток, така и на запад. За време на постојаните војни што ги води додека владее, Иван Четврти се потпира на западните воени специјалисти. Кон крајот на неговото владеење, во 1584 година, европските платеници бројат од 4 до 5 илјади војници од вкупно 100 илјади лица на служба во руската армија.

Прва руска флота 

Иван Грозни е првиот руски монарх, кој како резултат на судирите со Полска и Шведска, се обидува да ја премести битката во отворени води и ја создава првата руска флота во Балтичкото Море. На чело на оваа флота тој става странец, дански адмирал чиј штаб бил во новопреземеното пристаниште на Нарва. Во 1570 година флотата на Иван Грозни има шест брода, чии екипи се главно од дански и германски платеници. 

Флотата е многу успешна бидејќи успева да ги победи полските и шведските бродови. Сепак, Данска наскоро ќе ја заплени флотата, веројатно поради тоа што се плаши дека Русија ќе ја зајакне позицијата во Балтикот. 

Странски стилови на војување

Владеењето на Иван Четврти е само почеток на зголемувањето на бројот на странски платеници кои се борат за Русија. Двајцата први цареви од новата династија Романови, кои управуваат во XVII век ја продолжуваат политиката да се канат западни воени професионалци, која е надополнета со длабоката реформа на руската армија. Првите Романови - Михаил Први и неговиот син Алексеј Први – внимателно ги следат настаните околу триесетгодишната војна во Европа и решаваат да се обидат да внесат цели структури од современите западни воени организации. Така, во Русија се појавуваат полкови на новиот (странски) стил. 

Ова вклучува постојани, добро воспоставени армиски единици, за разлика од претходната практика на повикување волонтерска армија само во случај на војна. Според странски модел биле создадени и пешадија и коњаница. Во повеќето случаи овие единици се предводени од странци, а во нивните редови има и многу странци.

Во средината на седумнаесеттиот век, половина од коњаниците биле командувани од странски платеници. Во пешадијата присуството на наемниците е уште поочигледно, тие ги водат сите осум полка. Овие поделби се покажале како ефикасни и лесни, армијата го следи овој модел. 

Шкоти во руската армија 

Меѓу платениците во тоа време бил Џорџ Лермонтон од Шкотска. Тој е кавалериски офицер, а откако пристигнал во Русија го зема името Јуриј Андреевич Лермонтов. Тој го основал семејството чиј најпознат член во 19 век бил поет Михаил Лермонтов. Човекот кој е одговорен за обуката на руските војници за новите полкови во педесеттите години од седумнаесеттиот век е друг Шкотланѓанец – генерал Томас Далејл кој бил активен учесник во британските граѓански војни. 

Многу од овие платеници останале во Русија и по завршувањето на службата. Всушност, двајца од седумте „странски“ генерали кои служеле во воените кампањи на Петар Велики (во почетокот на 18 век) се потомци на платеници кои емигрирале во Русија. Како што забележува историчарот Вјачеслав Тихонов, од почетокот на 17 век сите странски династии го основале својот дом во Русија. Со генерации, тие служеле во руската армија и на крајот биле перципирани како „локални“ странци.