Овој случај започнал како лукава бизнис-махинација, а завршил во стилот на вистински холивудски блокбастер. Кон крајот на минатата деценија градежната фирма „Старград“ победила на тендер за реконструкција на преминот помеѓу Театралниот плоштад и Никољската улица – две големи културни и туристички знаменитости во близина на Црвениот плоштад.
Договорот бил потпишан и сѐ било легитимно, што значи дека можело сѐ добро да се заврши доколку директорот на компанијата не бил фатен во една мошне сомнителна работа. Во обидот да ја зголеми површината за издавање во екстремно скапиот центар на градот фирмата „Старград“ започнала сопствен илегален „градежен проект“ од невидени размери и со невидена дрскост. Станува збор за копање и изградба на подземен простор на три нивоа со површина од 7000 квадратни метри, и тоа под историските градби во центарот на градот од кои некои датираат од XV век.
Дивизија на диверзанти
Амбициозниот проект започнал и работниците копале тунели под најстариот дел на Москва. Земјата ја узвлекувале во вреќи за смет кога ќе се стемнело. Никој не ја забележал активноста со толкав интензитет која се одвивала буквално пред носот на Федералната служба за обезбедување (ФСО), иако би требало во целост да го контролира просторот околу Кремљ.
„Ова место може да прикрива цела дивизија диверзанти“, вели за изданието Russia Beyond Дмитриј Абрамов, шеф на канцеларијата за локална историја и проучување на Москва на Историскиот и архивски институт на Рускиот државен хуманистички универзитет (РГГУ).
Абрамов ја предводеше експедицијата во подземниот простор кој денес изгледа како огромен напуштен паркинг со впечатливи пропорции во фаза на распаѓање. „Топловодот бил отворен и водел кон Кремљ“, вели научникот за порталот Russia Beyond.
Со оглед на строгите мерки за безбедност, на полицијата и на безбедносните служби кои сега дејствуваат во Москва, мошне е тешко да се замисли дека толку луѓе, а меѓу нив и гастербајтери специјално ангажирани за градежништво, слободно талкале во непосредна близина на Кремљ. Тие, според Абрамов, практично непречено пристапувале на еден од најдобро чуваните реони на руската престолнина.
Акцијата на Федералната служба за безбедност
Обидот е ненадејно прекинат во 2008 година кога до тогашниот градоначалник Јуриј Лужков стасала жалба за таинствен градежен проект со кој се загрозуваат историските објекти во центарот на градот. Следуваа соопштенија во медиумите, а потоа полицијата и ФСБ извршија претрес на овој простор.
Судејќи според соопштенијата на медиумите, шефот на компанијата „Старград“ Борис Петросјан избегал од земјата, стравувајќи за својот живот, со оглед на тоа, како што се наведува, парите за овој голем прект ги добил од неименувани криминални кругови, а не успеал да го реализира.
„Тие (градежниците) имаат изнесено мошне важен археолошки материјал и ние не можеме да бидеме сигурни дека не нашле нешто вредно“, вели Абрамов.
Тоа била грандиозна замисла, но на целиот случај брзо била ставена точка, а подземниот простор останал во затекнатата состојба. Така беше до неодамна, а потоа неколку новинари успешно продреа во подземјето низ три скриени, но слободни влеза.
Сега федералната служба за обезбедување (ФСО) посериозно пристапува на ова прашање и ги бликираше сите влезови кои потенцијално можат да ги загрозат стратешките објекти, односно Кремљ и метро-станиците во близина.
Се чини дека целиот случај е затворен. Едно прашање, сепак, останува нерешено. Како е можно градските власти да не забележале активности со толкав интензитет во своето најблиско опкружување?
Прашањето останува отворено, дури и ако е точно она што Петросјан го тврдеше пред да исчезне: дека градбата била легална и дека градските функционери го одобриле проектот.