Москва е изградена како резултат на жесток конфликт меѓу сизерен и вазал, а страсната природа на неговите први владетели помогнала градот да се развива побрзо.
Основањето на Москва традиционално му се припишува на кнезот Јуриј Долгоруки од Суздаљ. Одамна се смета дека традиционалниот датум на основањето на градот е 1147 година. Таа година Москва првпат се споменува во руските летописи како место каде кнезот Јуриј Долгоруки се сретнал со владетел на едно од многубројните кнежества кои во тоа време биле во постојан конфликт.
Сепак, првично, земјата и селата кои се наоѓале на местото на денешна Москва, не припаѓале на кнезот. Тие било сопственост на болјарот Кучка и биле нарекувани Кучково. Кучка паднал во немилост на Долгоруки и бил осуден на смрт и конфискација на сите негови поседи.
Кнежевска страст
Според некои сведоштва кои ни се познати од делото на познатиот руски историчар од XVIII век Василиј Татишчев, основањето на Москва се темели на љубовна приказна. Според Татишчев, сопругата на Кучков му била љубовница на кнезот Долгоруки. Кога кнезот заминал во воен поход, Кучка останал дома и ја затворил својата сопствена сопруга, планирајќи целосно да му сврти грб на Долгоруки и да избега во Киев кај непријателите на Долгоруки. Меѓутоа, на кнезот му било јавено за затворањето на неговата љубовница, по што тој се налутил, се вратил и го егзекутирал болјарот.
Децата на Кучка биле одведени на дворот на Андреј, синот на Долгоруки, кој подоцна ќе стане наследник на Јуриј и еден од познатите кнезови на Стара Русиј. Се смета дека децата никогаш не ја заборавиле судбината на нивниот татко и дека подоцна се осветиле со заговорот за убиство на Андреј.
Името на Кучка долго време се поврзува со Москва. До XV век во центарот на Москва постоел реон кој се нарекувал Кучково поле.
Мала тврдина
Пред овие настани, кога кнезот Јуриј сѐ уште бил на власт, тој подигнал дрвена тврдина на местото на денешен Кремљ. Таа не била голема – ѕидовите на тврдината биле долги околу 500 метри, а била изградена со цел да се брани Суздаљското кнежество од узурпаторите од соседните западни кнежества.
Москва е изградена на местото каде во тоа време се вкрстувале важните патишта. Благодарејќи на тоа, градот со текот на времето станува сѐ поголем и сѐ поважен.
Според археолошките податоци, на територијата на Москва постоеле населби околу 1000 години п.н.е. Најверојатно им припаѓале на угрофинските народи. Во IX век од нашата ера на нивното место дошле Словените.
Москва – дом на мечки
Одделни научници сметаат дека топонимот „Москва“ потекнува од некои угрофински јазици. Многумина се согласуваат дека градот го добил името според истоимената река. Но како реката го добила името?
Според мислењето на историчарот Стефан Кузнецов, зборот „Москва“ има потекло од угрофинските зборови „maska“ (мечка) и „ava“ (насип). Тоа би значело дека Москва била место каде живеела мечката, која можела да биде тотемско животно на тамошните племиња.
Приврзаниците на словенското и балтичкото потекло на зборот „Москва“ најчесто го поврзуваат овој топоним со стариот збор за влага и мочуриште, со оглед на спецификите на теренот. Во средновековна Русија многумина го поврзувале овој назив со зборот „Мешех“ („Мосох“), како што се викал еден од синовите на Јафет. Така руската историја била вклопена во поширок меѓународен контекст.
Подемот на Москва
По основањето во средината на XII век, за 200 години Москва станува неприкосновена меѓу руските кнежества во ерата на монголската доминација на Стара Русија. Таквиот брз напредок сѐ уште ги збунува историчарите. Обично се смета дека најважниот фактор е поврзан со географската положба. Градот и кнежествата околу Москва се наоѓале токму во центарот на руската територија и биле заштитени од надворешните непријатели благодарејќи на околните племиња и на мошне прометните трговски патишта.
Сепак, постојат и други причини. Москва била мал град на периферијата. Неговите владетели биле свесни за тоа и сфаќале дека можат да се потпираат само на сопствената иницијатива, или кажано на современ јазик – на својот претприемачки дух. Токму тој станал силата што го придвижила развојот на Москва.