- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Крај на XIX век. Златна рубља
Public domain
Министерот за финансии на Руската империја Сергеј Вите во 1897 година го воведе „златниот стандард“ на рубљата, кој беше на сила до избувнувањето на Првата светска војна. Една рубља беше еднаква на 0,77 g чисто злато. Еден долар изнесуваше 1,94 рубли, а 100 долари 194 рубли.
Тоа беше значителна сума. Месечната плата на работниците изнесуваше од 20 до 70 рубли, т.е. од 10 до 36 долари. За 100 долари можеше да се купи еден добар коњ, околу 13 тони компири, 8430 јајца или 388 кокошки.
Едно возење со кочија (тогашниот јавен превоз) во мал град чинеше 20 копејки, што значи дека за 100 долари сте можеле да се возите 970 пати.
Златарот Карл Фаберже во 1897 година го направи велигденското јајце „Коронација“ („Крунисување“) со златна кочија во внатрешноста и го стави на аукциска продажба за 7150 рубли (3700 долари). Денес, на аукциите, цените на слични лотови, поради нивната историска, јувелирска и културна вредност, се движат од 20 до 100 милиони долари.
Почеток на ХХ век. Советска рубља
Макс Алперт, Соломон Тулес, Аркадиј Шајхет/МАММ/МДФ
Почетокот на ХХ век во Русија го одбележаа револуциите, учеството во Првата светска војна, крајот на владеењето на династијата Романови, доаѓањето на болшевиците на власт и хиперинфлацијата.
Во текот на 1922-1924 година беше спроведена монетарна реформа и беше извршена деноминација на старата рубља. Односот на вредноста на новата рубља и рубљата од 1923 година изнесуваше 1:50000, а според банкнотите од 1917-1921 година (ако се земат предвид сите извршени деноминации) дури 1:50 милијарди рубли. Вредноста на доларот се стабилизираше на 2 рубли и 22 копејки.
За 100 долари (222 рубли) во 1924 година можеше да се купат 4440 кг компири, 444 кг месо или 6340 јајца. Просечната заработка изнесуваше 40-60 рубли месечно (18-27 долари).
Втора половина на ХХ век: „Хрушчовото затоплување“
Јуриј Абрамочкин / Sputnik
Монетарната реформа на Хрушчов (наречена по тогашниот генерален секретар на СССР Никита Хрушчов) беше спроведена во 1961 година. Тогаш 10 стари рубли се менуваа за 1 нова. Сразмерно се променија и платите и цените во продавниците.
Еден американски долар вредеше 90 копејки, а за 100 долари можеше да се добијат 90 рубли. Просечната плата изнесуваше 80-100 рубли, или околу 100 долари. Со тие пари можеа да се купат 900 кг компири (односно речиси 5 пати помалку од пред половина век), 690 јајца (10 пати помалку). За празник можеше да се купат 34 торти „Ленинград“ или 21 шише коњак. Со 100 долари можеа да се купат 1800 билети за метро.
Побогатите граѓани сонуваа за автомобил ГАЗ-21 „Волга“ кој чинеше 5100 рубли (5670 долари) или барем мотоцикл „Восход“ од 410 рубли (455 долари) за кој требаше да се издвојат 5 плати.
Крај на ХХ век: Перестројка
Roger JOB/Gamma-Rapho / Getty Images
Во СССР од 1985-1991 година беше во тек перестројка, која заврши со распад на Советскиот Сојуз. Тогаш цените пораснаа за 50% во однос на периодот пред Перестројката.
На почетокот на 1991 година беше спроведена „Павлова“ монетарна реформа (наречена по премиерот на СССР Валентин Павлов). Стануваше збор за повлекување од оптек и размена на банкноти од 50 и 100 рубљи од 1961 година. Периодот на размена траеше 3 дена, а во следните два месеци можеше да се разменат најмногу 1000 рубли. Официјалниот курс на рубљата во однос на доларот беше намален и сега 1 долар вредеше 1,75 рубли. Според пазарниот курс, соодносот беше 1:30, а наесен 1:55. Увезената стока често се продаваше на црниот пазар, додека цените се формираа според флуктуирачкиот курс.
Просечната плата на крајот на 1991 година изнесуваше 500-600 рубли (286-343 долари). За 100 долари (според официјалниот курс) можеше да се купат 11 кг говедско месо, 77 кг компири или 390 јајца. Можеше да се добијат и 29 билети за метро, 92 влезници за кино или да се платат 8 дена во одморалиште.
Денешно време
Михаил Воскресенски / Sputnik
Во февруари 2022 година Русија започна специјална воена операција во Украина. Како одговор, против неа беа воведени меѓународни санкции, вклучително и економски. Курсот на рубљата стана многу нестабилен: средниот девизен курс пред почетокот на оваа операција во 2021 година беше 73,7 рубли за долар, во 2022 година беше 63,5 (со максимум во март од 103,5 рубли за долар и минимум во јуни од 57 рубли за долар). Во 2023 година, т.е. за изминатите 8 месеци, средниот девизен курс изнесуваше 81,6 рубли за долар (со минимум 68,8 во јануари и со вредност од 95,3 рубли за долар во август).
За 100 долари во средината на 2023 година можеше да се купат 19 кг говедско месо, околу 250 кг компири или 1200 јајца, што е повеќе отколку во 1991 година, имено: 50% повеќе говедско месо и три пати повеќе компири и јајца.
Меѓутоа, некои други трошоци скокнаа. За 100 долари можете да купите 173 билети за метро (6 пати повеќе отколку во 1991 година) или 32 билети за кино (3 пати помалку од порано), и да платите за 3 пансиони во одморалиште (2,5 пати помалку).
Просечната плата изнесува околу 70000 рубли (во јуни 2023 година беше 76600 рубли според податоците на државниот завод за статистика „Росстат“), што е околу 800 долари (2,5 пати повеќе отколку во 1991 година). Просечната цена на автомобил во Русија е 1900000 рубли (околу 20000 долари), во Москва - 2900000 рубли (околу 30000 долари), а во Московската област 2600000 рубли (околу 27000 долари).
Ако се вратиме на коњот што во XIX век можеше да се купи за 100 долари, сега просечната вредност за грло околу 150000 рубли, т.е. околу 1600 долари.
Во статијата се користени податоци на Федералната државна служба за статистика (Росстат) и податоци од отворени извори.