Мајчинскиот додаток е вид на државна поддршка што ја обезбедува руската влада за семејства со новородени или посвоени деца. Во моментов исплатите се 587.000 рубли (6660 евра) за прво дете и 775.600 (8800 евра) за второ.
Руските семејства се примарни корисници на оваа форма на државна поддршка. Меѓутоа, тука спаѓаат и семејствата во кои еден од сопружниците е странец. Државјанството на мајката на детето и државјанството на детето се примарните критериуми за подобност. И мајката и детето мора да бидат државјани на Русија.
Државјанството на таткото е неважно. Право на ваков вид државна помош имаат и мешаните бракови во кои сопругот е државјанин на друга земја. Освен тоа, семејствата можат да се квалификуваат за мајчински додаток кога ќе станат натурализирани државјани на Русија, дури и ако не биле кога се родиле нивните деца.
Во некои ретки случаи, странски сопруг на руска државјанка може да стане примател на мајчински додаток. Тоа се случува кога руската мајка на детето ќе умре, ќе изврши кривично дело над своето дете или ќе биде судски лишена од родителското право.
Ако странец има дозвола за престој во Русија, тој или таа може да имаат право на низа социјални бенефиции обезбедени од државата. Тоа вклучува бесплатна медицинска нега, но не е само тоа.
Странкиња која има дозвола за престој во Русија може да биде квалификувана за следново:
– надомест за бременост и породување;
– еднократен надомест за регистрација во медицинска установа во Русија пред дванаесеттата недела од бременоста;
– еднократен надомест при раѓање на бебе;
– Месечен надомест за нега на бебе до 1,5 година.
Износот што се исплатува варира од случај до случај во зависност од различни фактори, но, заедно, овие надоместоци може да изнесуваат повеќе од половина милион рубли (околу 5700 евра)
Даночните олеснувања се достапни за даночните резиденти на Русија, без оглед на нивното државјанство. Странец кој легално престојува во земјата најмалку 183 дена во годината и има законски оданочен приход има право на оваа мерка на поддршка од руската влада.
Даночните олеснувања се достапни и за луѓето кои купуваат или продаваат недвижен имот или земјиште [за изградба на куќи] во Русија, плаќаат за образование за себе или за своите деца во акредитирани институции во Русија, плаќаат сметки за здравствена заштита, даваат редовни придонеси за одреден вид животно осигурување или доброволно уплаќаат пари во својот пензиски фонд.
Исто така, резидентите кои остваруваат приход од вложување на рускиот пазар на акции преку индивидуална инвестициска сметка [посебен вид инвестициска сметка која е во спротивност со брокерската сметка која не ги нуди истите бенефиции] или продаваат хартии од вредност со маржа откако ќе ги поседуваат најмалку три години - без разлика на видот на сметката што ја користат - тие исто така можат да бараат даночен одбиток.
Социјалниот фонд на Русија овозможува неколку видови пензии. Ова ги вклучува стандардните старосни пензии, социјалните пензии, инвалидските пензии и пензиите што им се даваат на одредени категории луѓе – како малолетници, издржувани постари или неспособни – доколку го изгубат изворот на приход поради смрт на родител/старател.
Странските граѓани кои имаат дозвола за престој во Русија имаат право на сите овие видови пензија. Меѓутоа, странските државјани мора да исполнуваат и одредени услови покрај дозволата за престој.
На пример, странците кои сакаат да имаат право на старосна пензија во Русија мора да имаат најмалку 15 години документирано работно искуство во земјата и да достигнат минимален пензиски коефициент кој се пресметува секоја година; корисниците на социјална пензија исто така мора да живеат во Русија најмалку 15 последователни години. Подносителите на барање за инвалидска пензија мора да достават придружни документи издадени во Русија.
Кликнете овде за да дознаете како да донесете ПАРИ во Русија во 2023 година.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче