Личното обезбедување на Владимир Ленин беше катастрофално организирано, и поради тоа врз Ленин имаше извршено неколку атентати.
За безбедноста на Ленин непосредно беше задолжен Степан Гиљ, возачот на Ленин кој претходно работел во императорската гаража. Тој носеше само пиштол со кој требаше да го одбрани лидерот на новата држава во случај на опасност. Проблемот е во тоа што Ленин мразеше телохранители.
Гиљ подоцна ќе напише: „Владимир Илич категорично одби каков било вид заштита. Тој никогаш не носеше оружје, освен минијатурен Браунинг од кој никогаш немаше пукано, па и мене ме замоли да не се вооружувам. Еднаш кога зад мојот појас виде револвер во футрола, со благ тон ме запраша: 'Што ќе ти е тоа, другар Гиљ?' Јас сепак продолжив да носам револвер, но внимателно го криев од Владимир Илич“.
Ленин, судејќи според сè, веруваше дека тој е безбеден во болшевичката држава со која управува народот, и дека никој нема да го нападне. Но, го нападнаа.
„Дваесет здрави мажи губат време околу мојата маленкост“
Во декември 1917 година некој го украде автомобилот на Ленин додека Гиљ замина на шолја чај. Подоцна автомобилот беше најден во рацете на некои криумчари кои се обидоа да го префрлат автомобилот во странство. Потоа на 1 јануари 1918 година беше отворен оган врз автомобилот во кој се наоѓаше Ленин. За малку не беа погодени Владимир Илич и неговата сестра. Според сè, ги има спасено Фриц Платен, швајцарскиот пријател на Ленин кој и двајцата ги натерал да легнат под седиштата.
Во август 1918 година во Петроград беше убиен познатиот болшевик Мојсеј Урицки. Истиот ден врз Ленин беше извршен атентат од една жена која се викаше Фани Каплан. Тоа се случи по неговиот говор во една московска фабрика. Степан Гиљ не забележа, ниту го спречи овој напад. Лени беше тешко ранет. Постојат верзии според кои оваа рана на крајот предизвикала влошување на неговото здравје и смрт.
Дури по овој, речиси фатален обид, беше формирана првата официјална единица за обезбедување на Ленин која беше составена од 20 офицери. Но, Ленин сè уште ги мразеше сите овие мерки. Еднаш во својата московска резиденција во населбата Горки рече: „На револуцијата ѝ е потребен секој војник, а тука дваесет здрави мажи губат време околу мојата маленкост“.
Во јануари 1919 година Ленин беше повторно нападнат. Овој пат стануваше збор за група обични криминалци кои не го препознаа. Гиљ ги возеше Ленин и неговата сестра во московската населба Сокољники за да ја посетат сопругата на Ленин Надежда Крупскаја во болница. Ненадејно нивниот Ролс-Ројс го запреа тројца мажи со пиштоли. Гиљ и овој пат беше беспомошен. Бандитите ги извлекоа од автомобилот Ленин, неговата сестра и возачот, ги опљачкаа и заминаа. Водачот на нападот беше убиен неколку дена подоцна за време на апсењето.
Последниот обид беше направен во септември 1919 година кога еден терорист фрли бомба во собата во која Ленин планираше да одржи говор. Беа убиени 12, а ранети 55 лица, но целта не беше постигната. Потоа не се познати други случаи на напад. Во 1922 година Ленин по мозочниот удар беше изолиран во населбата Горки каде го чуваа 20 офицери.
„На другарот Сталин треба да му се забрани да се шета низ Москва“
По смртта на Ленин во 1924 година Службата за безбедност на шефот на советската држава е целосно реформирана. Од 1923 до 1929 година за безбедноста на советските раководители беше одговорна Политичката управа на советската армија и воената морнарица. Од 1929 година, кога Сталин решително ја зазеде власта во своите раце, безбедноста започна да зајакнува, за во 1934 година одговорноста за обезбедување на „народниот водач“ беше доверена на Народниот комесаријат за внатрешни работи (НКВД), односно Министерството за внатрешни работи на Советскиот Сојуз.
Сталин мошне личел на Ленин, стар револуционер кој бил навикнат да биде надвор од законот. Тој често одел пеш да се прошета преоблечен како обичен човек со мантил и со капа. Се случувало од Кремљ да мине пеш еден цел километар до зградата на Централниот комитет на КПСС или до зградата на Бољшој театар. Агентите на службата за безбедност беа должни да го следат во текот на овие прошетки. Обезбедувањето на Сталин во 1931 година уапсил еден поранешен офицер на царската армија кој носел пиштол. Офицерот се судрил со Сталин на улицата Иљинка во близина на Кремљ и малку фалело тој да го извлече оружјето.
По овој инцидент министерот за надворешни работи на СССР Вјачеслав Молотов издал наредба до службите за безбедност: „На другарот Сталин треба да му се забранат прошетки низ Москва“. Од тој момент Сталин и останатите раководители можеле да се движат само во придружба на сопственото обезбедување, дури и на територијата на Кремљ.
Системот за безбедност на Николај Власик
Реформата на личната безбедност на Сталин ја спроведе Николај Власик кој од 1927 година беше на чело на оваа служба. Кога Власик за првпат дојде во вилата надвор од градот кадешто живееше Сталин виде дека таму „владее апсолутен неред. Немаше ниту пералница, ниту садови, нити персонал... Почнав од тоа што организирав во вилата да се испратат постелнина, чаршави и садови, а исто така и храна од блискиот совхоз (советско земјоделско стопанство). Исто така испратив готвач и чистачка, и воспоставив директна телефонска врска со Москва“. Во текот на триесеттите години од минатиот век и готвачите и чистачките, и сиот останат персонал во вилата на Сталин, како и во резиденциите на другите високи функционери, најпрво минувале обука во службите за државна безбедност.
Власик пред војната во 1938 година уште подобро ја организираше безбедноста на Сталин. Тој со четворица заменици контролираше огромен безбедносен систем кој опфаќаше и приватни одморалишта на брегот на Црното море, приватно производство на намирници, центри за обука на припадниците на службата за безбедност итн. Власик особено внимание посвети на здравјето на Сталин зашто советскиот водач тогаш имаше голем број заболувања, а ова особено важеше за последните години од неговиот живот. За високите функционери беше организирана специјална „Кремљска“ клиника, а подоцна дури и специјална болница.
Единицата на личното обезбедување на Сталин броеше околу 200 лица за да може да се обезбеди ефикасна ротација по смени. Тука имаше 30-40 телохранители, во една смена по 9 до 12 лица, вклучувајќи двајца возачи – еден главен и еден резервен кој го следеше автомобилот на Сталин во друго возило заедно со обезбедувањето. На телохранителите им беше забрането да му се обраќаат на Сталин со лични молби. Многу се зборуваше за тоа како Сталин се однесувал со своето обезбедување, и овие приказни варираат од целосно игнорирање на нивното присуство до повик на партија шах. Меѓутоа, ниту една ваква приказна не е документирана.
Власик разработи систем за заштита на советскиот лидер во текот на неговите посети. Во негова придружба имаше неколку исти автомобили кои се движеа по различни патеки и само мал број луѓе знаеја во кој автомобил е Сталин. Покрај тоа, веројатно се користени и двојници маскирани со театарска шминка, со цел да личат на Сталин и уште повеќе да ги збунат евентуалните атентатори.
Покрај тоа, Власик користеше и метод кој го применуваа службите за безбедност на руските императори. За време на заминувањата на Сталин во својата резиденција надвор од градот и враќањето од неа, припадниците на обезбедувањето се подредувале од двете страни на патот по должина на целата маршрута со цел да се спречи каков било евентуален обид за напад. Кога Сталин патуваше со воз, пред и зад неговиот воз одеа возови полни со припадници на службата за безбедност.
Безбедносните мерки на Власик навистина беа ефикасни. Додека тој беше на местото шеф на обезбедувањето на Сталин не е преземен ниту еден обид за атентат врз Сталин. Во секој случај не е познат ниту еден таков случај. Власик во 1952 година беше сменет од оваа функција по реорганизацијата на Министерството за внатрешни работи што ја спроведи Лаврентиј Берија. Сталин почина во 1953 година и неколкуте последни часови од животот по мозочниот удар ги мина сам во својата вила.
Прочитајте исто така: Кој ги чувал животите на руските цареви?