10 советски брендови кои постојат и денес

Russia Beyond (Photo: М. Филимонов/Sputnik, Archive photo)
Највкусната советска торта, омилениот парфем на советските жени и руската вотка која е најпозната во странство – ова се популарни брендови од времето на СССР чии производи можат да се купат во современа Русија.

1. Парфем „Црвена Москва“ („Красная Москва“)

Постои голем број легенди за тоа како настанал омилениот парфем на советските жени, кои од 1925 година го произведува фабриката „Новаја Зарја“ (рус. Новая Заря).

Според една од нив, тоа е варијанта на парфемот „Букетот на императорката“ („Букет императрицы“), кој во 1913 година сопственикот на руската фабрика за сапуни, помади и парфеми Генрих Брокар ѝ го подарил на сопругата на Николај Втори, царицата Александра Фјодоровна.

Некои сметаат дека советските парфимери се обиделе да ја реконструираат француската арома на Chanel №5, додека други се уверени дека тоа е копија на L'Origan на Франсоа Коти од 1905 година.

Според уште една легенда, креирањето на „Црвена Москва“ лично го надгледувала сопругата на советскиот министер за надворешни работи Вјачеслав Молотов Полина Жемчужина, но не постојат документи што би го потврдиле тоа, како и во случаите со другите митови за парфемот.

Фабриката до денес не сака да ја открие комплетната формула на парфемот, а во списанието „Хемија и живот“ од 1973 година тој е опишан на следниов начин: „Суптилна, топла, благородна арома со нота на цвет од портокал“. Парфемот воопшто не беше евтин и чинеше 5 рубли. За тие пари можеа да се платат месечните комуналиите, сепак жените стоеја во редици поради парфемот „Црвена Москва“.

Неговата популарност со текот на времето започна да опаѓа и луѓето го доживуваа како нешто застарено и надминато. Фабриката во 2004 година се обедини со парфимерите во заедничкиот проект „Нова Зора - Nouvelle Etoile“. Тие продолжија да го продаваат „Црвена Москва“ и дури на јавноста ѝ ги открија нотите на парфемот: од бергамот и масло од нероли (од цветови на горчлив портокал) со грејпфрут па сè до јасмин, ружа и примеси на ирис, ванила и амбре.

Современите купувачи често се жалат дека во современиот парфем нема останато речиси ништо од советската „Црвена Москва“, но цената е достапна, само 713 рубли (8,15 евра) за 42 милилитри.

2. Патики „Две топки“ („Два мяча“)

Јаки, удобни бели патики со смел дизајн за тогашно време, со лого и со цртеж на ѓонот и ребрест гумен врв, се појавија во СССР во 1965 година. Ги носеа сите, од Јуриј Гагарин и Виктор Цој до Волкот во цртаниот филм „Ну, погоди!“ („Само ако те фатам“). Особено беа популарни кај младината, и покрај високата цена за тоа време од 4 рубли. Станатите спортски обувки можеа да се купат за 1,25 рубли.

Како што се приближуваа деведесеттите години од минатиот век, луѓето сè повеќе се вртеа кон посовремените модели патики. Освен тоа, по распадот на СССР во Русија почесто почнаа да се појавуваат работи од странство кои тогаш беа побарувани од облеката и од обувките од домашно производство.

Во 2016 година Евгениј Рајков, дипломец од Факултетот за менаџмент на Научно-истражувачкиот универзитет „Висока школа за економија“, го ревитализираше брендот „Две топки“ и повторно почна да ги продаваат патиките кои се произведуваат според советската технологија. Единствената разлика е во разновидноста на понудата на бои и во современите анатомски влошки, додека цената се движи од најмалку 4,2 илјади рубли (околу 48 евра) за чифт.

3. Фотоапарат Зенит

Топлата зрнеста фотографија со тркалезно разлевање е нешто поради што дури и современите фотоаматери го сакаат фотоапаратот Зенит, особено во комбинација со советскиот објектив „Хелиос“.

Овие фотоапарати на Красногорскиот механички завод започна да ги произведува во 1952 година. Различни модели на фотографски техники почнаа да се произведуваат тука сè до деведесеттите години од минатиот век. Фотоапаратот чинеше од 90 до 300 рубли во зависност од опремата (односно колку една или колку неколку плати на советски граѓанин), така што ова задоволство не беше евтино.

Во 2019 година заводот започна да произведува дигитална верзија на советскиот апарат Зенит М без огледало. Заедно со објективот Зенитар 1/35 тој денес чини 470 илјади рубли (5.400 евра). Поради тоа современиот модел е популарен кај поимашните поклоници на советската естетика. Сите останати купуваат стара советска фототехника на сајтовите за огласи. Цената на легендарните фотоапарати и објективи, за среќа, ретко надминуваат 5 илјади рубли (60 евра).

4. Чоколада „Аљонка“

На почетокот на шеесеттите години од минатиот век советската влада воведе нова програма за прехранбено производство според која СССР требаше да започне производство на достапна млечна чоколада. Рецептот го смислија кондиторите од московската фабрика „Црвен Октомври“ (Красный Октябрь).

Во почетната етапа на обвивката „Аљонка“ носеше сина марама и понекогаш се појавуваше во друштво со куче или со зајче. Фабриката сакаше на обвивката исто така да ја стави сликата на Виктор Васнецов „Аљонушка“, но специјалната комисија не ја поддржа ова идеја. Тогаш раководството на фабриката објави конкурс на кој победи фотографијата на новинарот Александар Геринас кој ја фотографираше својата осумгодишна ќерка Лена со свилена шамија. Слаткото девојче на обвивката со цена од 80 копејки (што во тоа време беше поевтино од кесичка мајонез) брзо го привлече вниманието на купувачите во целиот Советски Сојуз.

Чоколадата се произведуваше во различни фабрики ширум СССР, вклучувајќи ги „Рот Фронт“ и „Бабаевски“, но по распадот на СССР марката му припадна на „Црвен Октомври“.

Денес „Аљонка“ има свои брендирани продавници во кои освен класичната чоколада и нејзините варијации, можат да се купат и други слатки работи на „Црвен Октомври“ и на други производители.

5. Часовник „Победа“

„Додека чука овој часовник и јас ќе живеам, мамо“, вака за механичкиот часовник „Победа“ со тркалезен бројчаник говореше поетот од фронтот Сергеј Орлов, кој часовникот го има добиено како подарок од својата мајка во 1946 година. Покрај тоа, тој го служеше буквално до неговата смрт. Орлов имаше срцев удар и неговиот часовник се скрши за време на паѓањето.

Производството на часовници од оваа марка започна во Пензенскиот завод во 1945 година во чест на победата на СССР во Големата татковинска војна. Првата серија беше составена од 10 илјади парчиња. Часовникот чинеше 475 рубли, повеќе од една месечна плата во тие години.

Во педесеттите години часовниците „Победа“ се произведуваа во Вториот московски, во Петродворцовиот и во Кујбишевскиот завод. Производството беше зголемено, а цената намалена. Во 1956 година класичниот модел чинеше 342 рубли. Тогаш „Победа“ почна да се доделува за службено користење. Го добиваа сите, од инженери до овчари, и секој подарок предизвикуваше воодушевување. 17 варијанти од овој модел се произведуваа за извоз во Кина и во други земји.

„Победа“ ја очекуваше судбината на многу други советски брендови: на почетокот од деведесеттите години од минатиот век во земјата почнаа да се појавуваат странски модели часовници кои беа исклучително попопуларни.

Во 2014 година Петродворцовиот завод го обнови производството на часовници од овој бренд, но тој повеќе не беше механички, ами кварцен. Цената денес изнесува од 7 до 23 илјади рубли (од 80 до 260 евра), а меѓу моделите во понудата се наоѓаат како класичната верзија, така и виолетовата женска варијанта, како и ограничената серија „Крим 2014“, посветена на присоединувањето на Крим кон Русија.

6. Топено сирење „Пријателство“ („Дружба“)

Сирењето „Дружба“ беше идеална состојка за многу рецепти на советските домаќинки, а исто така и пристојна закуска со алкохолни пијалаци. Во 1963 година го произведуваше Московскиот завод за топени сирења Н1. Топеното сирење од млеко и слатка павлака со нежен вкус чинеше само 23 копејки и затоа советските граѓани брзо го засакаа.

Во деведесеттите години од минатиот век Останкинскиот млечен комбинат ја презеде фабриката, но во 1996 година се најде во криза и требаше да биде затворен. Тогаш го откупи Владимир Корсун, поранешен инженер на советската „Асоцијација Молоко“, во која во свое време и беше осмислен „Дружба“. Заводот го смени името во „Карат“. Во него сирењето се произведува до денешен ден и се продава во секој руски супермаркет.

7. Торта „Птичје млеко“ („Птичье молоко”)

Рецептот за воздушестата торта со нежно полнење покриена со чоколадна глазира која практично беше главниот десерт на советската трпеза, во 1978 година го осмисли шефот на ресторанот „Прага“ на улицата Арбат Владимир Гурљаник. Четири години подоцна доби патент за своето кулинарско дело.

Тортата „Птичје млеко“ се произведуваше во партии од по 2 илјади торти дневно и се продаваше во кутии со слика на жар-птица. Гураљник исто така изјави дека по повод одбележувањето на јубилејот на генералниот секретар Леонид Брежњев била подготвена верзија на „Птичје млеко“ од 15 килограми.

„Не знам дали му се допаднала тортата, но тоа е сè што можеше да јаде со сите тие забни протези кои постојано му паѓаа“, изјави Гурљаник, а објави списанието „Дилетант“.

Денес тортата „Птичје млеко“ е препознатлив руски бренд што го произведуваат различни компании, но со додаток на големи количества конзерванси. Од 2011 година брендот ѝ припаѓа на компанијата „Обединета кондиторска фабрика“, која ја сочинуваат „Црвен Октомври“, „Рот Фронт“ и други.

8. Вотка „Престолнинска“ („Столичная”)

Со злато испишан назив на позадината на цртеж на зградата на познатиот московски хотел „Москва“ (денес на ова место се наоѓа Four Seasons) познат е во целиот свет. Шишето на овој пијалак се појави во рацете на Били Боб Тортнтон во филмот „Лошиот Дедо Мраз“ и на Чарли Шин во серијата „Два и пол мажи“, како и во други холивудски остварувања. Од 1973 до 1981 година се продаваше во САД и тогаш нејзината продажба постигна вредност од 24 милиони американски долари, а за дистрибуцијата беше одговорна компанијата PepsiCo.

Рецептот и трговската марка на оваа вотка се настанати во 1938 година, а за првпат е налеана во шише во 1941 година во Ленинград под опсада, додека масовното производство е започнато дури 2 години подоцна (во 1943 година). „Столичнаја“ се сметала за елитен пијалак поради својата цена. Чинела 3 рубли, што било за 30 до 50 копејки поскапо од конкуренцијата во тие години.

Во седумдесеттите години од минатиот век овој бренд беше популарен во САД, па дури имаше и свој слоган: „Only vodka from Russia is genuine Russian vodka!“ (Само вотка од Русија е вистинска руска вотка!). Во тоа време таа се најде на врвот на престижниот рејтинг на светски алкохолни брендови 100 International Top Spirits Brands, се наведува на сајтот на „Сојузплодоимпорт“.

Во деведесеттите години од минатиот век Надворешнотрговската асоцијација „Сојузплодоимпорт“ која со децении ја произведуваше вотката „Столичнаја“ го изгуби правото на тоа по корпоратизацијата на компанијата. Во текот на неколку години вотка под овој назив можеше да произведува секој. Во 1997 година правото на марката го откупи приватна компанија под истиот назив и го продаде на своето друго правно лице Spirits International од Холандија. 20 години брендот „Столичнаја“ ѝ припаѓаше на приватна меѓународна компанија.

Во 2018 година договорот за продажба на правото на брендот беше прогласен за незаконски и државата брендот го предаде на новото федерално државно претпријатие „Сојузплодоимпорт“ кое го контролира производството на вотката и нејзиниот квалитет на територијата на земјата и во странство.

9. Одела од „Болшевичка“ („Большевичка“)

Едноставни сакоа, панталони и капути советската фабрика шие од 1929 година. За време на Големата татковинска војна брендот произведуваше мундири и шинели за борците на Црвената армија, а во 1945 година униформи за учесниците на Парадата на Победата.

Во седумдесеттите години од минатиот век салоните за шиење на машка облека на фабриката „Болшевичка“ се наоѓаа во сите големи стоковни куќи во Москва, а кројачките од овие фабрики дури и ги шиеја дресовите за советската репрезентација на Олимпијадата во 1980 година.

Од осумдесеттите години на минатиот век „Болшевичка“ соработува со странски компании од Франција и од Италија, а во деведесеттите години отвори и свој синџир продавници.

Денес фабриката продава и одела по пристапни цени: од 20 илјади рубли (268 американски долари) па нагоре.

10. Мотоцикл „Урал”

Препознатливите мотоцикли со приколка во јарки бои што ги возат славните личности како што се Бред Пит и Стивен Тајлер фабриката „Ирбит“ ги произведува од 1941 година. Првобитно овој модел беше наменет за војската, а потоа почна и производство за советските граѓани сè до... погодивте, до деведесеттите години од минатиот век.

По распадот на Советскиот Сојуз фабриката банкротираше. Во 2006 година новите сопственици го обновија производството, набавувајќи некои делови во странство, и истата година произведоа 1.755 мотори. Сите беа продадени во странство.

Производството беше намалено од некогашните 130 илјади на 1.200 примероци годишно. Цената на „Урал“ денес се движи од 821 илја рубли (9,4 илјади евра) па нагоре, а успешно се продаваат во САД, Австралија, во Јапонија и во други земји. Во Русија новиот мотор не е популарен зашто е премногу скап, како и поради љубителите на претходните, советски „Урали“ кои се против каква и да е модификација.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња