Како полскиот непријател на Русија стана водечки руски научник и бизнисмен

Russia Beyond
Кога Михаил Јанковски се борел против рускиот цар за слободата на својот народ, не ни насетувал колку во иднина всушност ќе биде заслужен за развојот на науката и на земјоделството во Русија.

Кога в 1863 година во западниот дел на Руската империја избувнало Полското (таканаречено Јануарско) востание, студентот по агрономија Михаил Јанковски имал само 21 година. Како и стотици негови врсници им се приклучил на бунтовниците кои се обидувале да ја обноват независноста на Полска.

Полското (таканаречено Јануарско) востание

Учеството во востанието го чинело скапо. Му била одземена титулата благородник и целокупниот имот, а бил протеран и на Сибир на принудна работа. Неколку години подоцна Јанковски, како и илјадници други прогонети Полјаци бил помилуван. Меѓутоа, им било забрането враќање во татковината и морале да живеат во дивиот, сè уште ненаселен дел, во источниот дел од империјата.

Бескрајно долгите еднолични денови во сибирската забит Јанковски ги минувал во лов, но судбината во еден момент му дала шанса целосно да го смени својот живот. Двајца негови полски познаници, исто така протерани, научници зоолози Виктор Годлевски и Бенедикт Дибовски го повикале да им се приклучи на научна експедиција. Пловеле по реката Амур, истражувајќи ги флората и фауната, за по две години да дојдат до брегот на Тихиот океан.

Управник на рудник за злато

Јанковски „по руски“ Михаил Иванович (Јанович) се доселил на руското приморје, Усуриски регион. Во 1874 година стапил на должноста управник на рудник за злато од островот Асколд, оддалечен 50 километри од Владивосток. Новиот управник со одговорната задача одлично се носел. Успешно го одбранил островот од наездата на кинеските бандити (хунхузи) и од шверцерите, воспоставил ефикасна експлоатација на злато, ја отворил првата метеоролошка станица на островот. Благодарение на неговите напори обновена е речиси истребената популација на сика елените, а одгледувачницата што тој ја основал била единствена од овој вид во светот.

Јанковски не ја запоставил ниту науката. До најситни детали ја проучил природата на островот Асколд, а на светските музеи им испратил десетина збирки птици, билки и инсекти што тој ги правел.

Бизнисмен

Во 1879 година на Михаил Јанковски му била вратена благородничката титула. Меѓутоа, можел да се врати во Полска, но рускиот Далечен Исток станал негова втора татковина каде основал семејство и се занимавал со работата што ја сакал.

По пет години поминати на Асколд, Јанковски се преселил на полуостровот Сидеми на западниот брег од заливот Петар Велики, во близина на Кореја. Тоа била дивина полна со тигри и хунхузи. Изградената семејна куќа личела на помала тврдина која била подготвена за долготрајна опсада. Михаил секогаш имал подготвено наполнета пушка, а локалните Корејци поради неверојатната прецизност го нарекле Јанковски „ненуни“ што значи „четириок“,

Стекнувајќи на овој полуостров голем имот, Михаил Иванович успеал во целиот свој сјај да ја покаже својата дарба за бизнис.

Како што подоцна велеше неговиот син Јуриј, стопанството тргнало од нула. Основата за фармата за коњи биле неугледното руско ждребе Атаман и десетина ситни корејски, манџурски и монголски кобили, од кои првата зима четири заедно со целото потомство ги распарчил некој тигар.

Сепак, Михаил успеал да одгледа нова раса коњи, прилагодени на условите на Далечниот исток. Таканаречениот коњ Јаневски станал популарен кај еланите, го купувала и војската за потребите на нејзината коњица и коњичка артилерија, а има освоено и награди на трки и на сточарски изложби. Фармата со коњи на полскиот бизнисмен продавала до сто вакви коњи годишно.

На Сидеми Михаил Јанковски продолжил со одгледување на сика еленот и ја основал првата плантажа на лековитата билка женшен во Русија, растение познато по своите скапоцени својства во источната медицина. За жал, десетици илјади уникатни корени пропаднале в Граѓанската војна во Русија во 1922 година.

Научник

Комерцијалните причини и интересот не го спречувале Михаил Иванович Јаневски да се занимава со омилената наука. Истражувајќи го далекоисточниот регион имал забележливи резултати како во географијата, така и во ентомологијата, во орнитологијата и во многу други области.

Јанковски открил неколку видови бубачки, околу сто видови дневни и ноќни пеперуги, од кои 17 го носат неговото име. Тој ја истражувал и ја опишал ретката птица на Далечниот Исток, денес позната на како Стрнадица жолтоволка на Јанковски.

Стрнадица жолтоволка на Јанковски

Михаил дал голем придонес и на археологијата. Неговото име го добила археолошката култура на јужното приморје што ја открил. Интересно е што овие истражувања ги финансирал големиот мецена на Далечниот Исток Јулиус Бринер, дедо на познатиот холивудски актер Јул Бринер.

На почетокот од дваесеттиот век здравствените проблеми го натерале Михаил Иванович суровата далекоисточна клима да ја замени со топлото црноморско приморје. Без оглед на преселбата во Сочи, тој до смртта во 1912 година редовно го посетувал својот омилен крај.

Името на научникот и бизнисмен Михаил Јанковски денес е добро познато на рускиот Далечен Исток. Во негова чест е преименуван и полуостровот Сидеми, а неколку улици во Владивосток и неколку населби во Приморје го носат неговото име.

Михаил Иванович Јанковски

„Беше благородник во Полска, протеран во Сибир, а прибежиште и слава стекна во Усурискиот регион. Она што го направи треба да биде пример за углед на идните сопственици на земјата“, напишано е на таблата покрај споменикот во селото Безверхово за овој исклучителен човек.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња