1. Во 1965 година СССР ја започна програмата „Нуклеарни експлозии за народното стопанство“ со која најразорното оружје на светот требаше да се примени во цивилни цели. Во рамките на оваа програма реализирани се 124 индустриски подземни експлозии, чија цел беше создавање вештачки езера и канали за поврзување реки, како и пронаоѓање и експлоатација на наоѓалишта на руда. Се претпоставуваше дека при подземната детонација може да се избегне ширење на радијацијата на површината, како и загадување на животната средина.
2. Советскиот Сојуз не беше единствената, па дури ни првата земја која го применуваше нуклеарното оружје во цивилни цели. Од 1958 до 1973 година во САД беше спроведена таканаречената операција „Плаушер“, во текот на која на територијата на земјата беа извршени 27 индустриски експлозии.
3. Освен користењето нуклеарен арсенал што го поседуваше советската војска, за индустриски цели специјално беше правена муниција со поголема „чистота“ која претставуваше помала радијациска опасност од воената муниција.
4. Првата подземна индустриска експлозија во СССР е извршена на 15 јануари 1965 година во пловниот дел од текот на реката Чаган во Казахстан. Така настана кратер со пречник од околу 500 и со длабочина до 100 метри, во кој по поврзувањето со текот на реката и собирањето на пролетните врнежи се создаде вештачко езеро. „Чудо-езерото оставаше непријатен впечаток, и тоа не поради радијацијата, која сè уште беше доста висока на насипот, ами поради црната вода на површината и безживотните купишта земја околу него. Тоа беше внатрешност од длабочините на земјата превртена наопаку“, се сеќава нуклеарниот физичар Виктор Михајлов кој го посетил езерото една година по експлозијата.
5. Ваквите „езера“ требаше да послужат како извор на вода за земјоделските стопанства (полевање, одгледување стока и слично). Беше планирано само на територијата на Казахстан да се направат над 40 вакви резервоари.
6. Неколку години се следеше нивото на радијација на Чаганското езеро. Во него беа пуштени 36 видови риба (дури и пирани од Амазон), 150 видови билки, неколку десетици видови мекотели, водоземци, влекачи и цицачи. Меѓутоа, 90% од нив не преживеаја, а останатите развија различни видови мутација. Меѓу другото, во езерото беше уловен џиновски слатководен рак тежок 34 килограми.
7. Денес властите на Казахстан го вбројуваат езерото Чаган меѓу локациите кои особено тешко настрадале поради нуклеарни испитувања. Нивото на радиоактивни материјали во водата неколку стотици пати ги надминува дозволените норми, што ја прави неупотреблива за пиење и за полевање. Но, тоа не го спречува локалното население на ова место да ја носи стоката на поило.
8. Нешто подобро има поминато друго вештачко езеро формирано во нуклеарна експлозија. Езерото со карактеристично име Јадерное (рус. нуклеарно) на север од Пермскиот крај не го оправдува својот назив во целост зашто радијацијата во него е главно во границите на нормалата. Езерото денес е омилено место на рибарите и на собирачите на печурки.
9. Сите индустриски експлозии во СССР не минувале лесно. Неколку пати завршувале со исфрлање на радиоактивни материи на површината. Најпознат ваков случај е неуспешниот проект „Глобус-1“ кој во историјата е запаметен како „Ивановска Хирошима“. На 19 септември 1971 година во централниот дел на Русија, на само 363 километри од Црвениот плоштад, неуспешната подземна експлозија на брегот на реката Шачи заврши со исфрлање радијација во околината, што во текот на следните неколку години доведе до зголемување на онколошки заболувања во населените места на Ивановската област во околината на жариштето. Иако властите делумно ја деконтаминираа територијата, изнесувањето на радиоактивното земјиште од брегот на Шачи траеше сè до средината на втората деценија на 21 век.
10. И покрај сите мерки за претпазливост, за време на индустриските експлозии не можеше да се избегне загадувањето со радијација на рудата и на животната средина. Во 1988 година Советскиот Сојуз ги прекина ваквите експлозии. Денес тие се забранети во целиот свет со меѓународни договори.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче