Како Русија и САД го тестираат своето нуклеарно оружје кога тоа е забрането?

Getty Images
И покрај Спогодбата за забрана на нуклеарни проби, двете земји најдоа начин да ја тестираат технологијата на нуклеарните боеви глави на своја територија.

Сеопфатната спогодба за забрана на нуклеарни проби од 1963 година не дозволува никакви пробни детонации на нуклеарно оружје со исклучок на подземни.

„Нуклеарни експлозии и експерименти со оружје се вршат и денес во окната (подземните тунели) на Невада и во архипелагот Нова земја. Научниците за тоа користат макета на атомска бомба сместена во специјален контејнер кој го обложуваат со бентонитна глина. Потоа го бетонираат влезот во окното и се оддалечуваат на безбедно растојание“, објаснува за порталот Russia Beyond главниот уредник на магазинот „Арсенал Отечества“ Виктор Мураховски.

Според него, „макета“ е условен назив за нуклеарното полнење затоа што моќта на ова експлозивно средство изнесува 0,001% од силата на боевата глава која се монтира на ракета.

„Тоа е имитација на вистинска експлозија, каде што се проверува текот на верижните реакции во новото полнење. Сите показатели се обработуваат компјутерски, така што денес воопшто не е потребна „атомска печурка“ за да се пресмета како новата боева глава ќе се однесува во реална примена“, додава експертот.

Како што истакнува тој, за новите полнења се прави контејнер кој овозможува да се вршат подкритични експерименти без опасности по природната средина и луѓето што се наоѓаат во непосредна близина на експлозијата. Ако на контејнерот се појави пукнатина, бентонитот се стврднува како стакло под влијание на ослободената топлина на хемискиот експлозив и со самото тоа ги затнува сите дупки во експлозивната направа.  

„За време на тестирањето експлодира полнење со мала сила, па затоа детонацијата е практично нечујна и не може да се детектира со помош на ехолокатор“, додава Мураховски.

Рускиот и американскиот нуклеарен арсенал

Како што минуваат годините, Русија и САД мораат да ги рециклираат застарените нуклеарни боеви глави и да ги заменат со нови.

Макета на нуклеарна боева глава

Денес бројот на сите стратешки боеви глави и нивните носачи е ограничен со Спогодбата за намалување на арсеналот на стратешко оружје (Новиот СТАРТ).

Според таа спогодба, бројот на подготвени стратешки боеви глави не може да биде поголем од 1550, а бројот на лансери на интерконтинентални балистички ракети, лансери на балистички ракети со подводно базирање и тешки бомбардери не може да биде поголем од 700.

Според оваа спогодба, секоја земја може да користи сателити за набљудување на ракетните силоси на своите партнери и локациите на кои се распоредени бомбардерите и подморниците, како и годишно да изврши 18 воени инспекции на место за да се увери дека никој не ја прекршува спогодбата.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња