Симнат печатот на државна тајна: Тие се „кумовите“ на првата советска атомска бомба

Првата советска атомска бомба беше тестирана на 29 август 1949 година на полигонот Семипалатинск (Казахстан)

Првата советска атомска бомба беше тестирана на 29 август 1949 година на полигонот Семипалатинск (Казахстан)

Getty Images
Слободно може да се каже дека татко на советската атомска бомба е физичарот Игор Курчатов, но без помош на воените разузнавачи СССР немаше да може да им парира на Американците, а можеби ни да избегне нуклеарен напад.

Началникот на Службата за надворешно разузнавање Сергеј Наришкин на 17 септември му предаде на претседателот на Институтот за физика „Курчатов“ Михаил Коваљчук документи од тајните архиви на Лубјанка за почетоците на советскиот атомски проект. Меѓу нив се и пишани сведоштва за операцијата „Енормоз“ (од англискиот збор enormous – „огромен“), односно за тоа како се добиени информациите за атомските програми на другите држави.

Тајната операција е водена од почетокот на Втората светска војна: советските шпиони во САД, Велика Британија и Третиот рајх бараа траги на нуклеарна фисија. Веќе во 1941 година, заврбуваниот британски дипломат Доналд Меклин ѝ предаде на Москва „Извештај за ураниумот“, подготвен за премиерот Винстон Черчил.

„Во документот се зборуваше за почетоците на работата во Велика Британија и САД над атомскиот проект, за можниот изглед на атомската бомба, производството на неопходниот ураниум 235 и пренесувањето на работата од Велика Британија во САД“, вели воениот историчар, пензиониран полковник на Службата за надворешно разузнавање Владимир Антонов. „Есента истата 1941 година нашите оперативци во Лондон воспоставија контакт со Клаус Фукс“.

Германскиот физичар Клаус Фукс соработуваше и се дружеше со многу американски научници кои работеа на проектот „Менхетен“. Тој податоците добиени од Американците ѝ ги предаде на Москва, што им помогна на Советите брзо да го срушат нуклеарниот монопол на Соединетите Американски Држави.

Во февруари 1942 година во околината на Таганрог е заробен еден германски офицер кој во џебот имаше нотес со некакви формули. Излезе дека се работи за атомски физичар кој барал наоѓалиште на ураниум во Донбас (подоцна Советите навистина го пронајдоа).

„Научната експертиза на формулите од нотесот покажа дека Германците веќе наголемо работеле на атомска бомба“, вели Антонов.

Почетокот на Втората светска војна во СССР ги прекина сите планови за создавање атомска бомба, но за тоа дека Германците наголемо работеле на проектот, на Сталин во 1942 година му напиша авијацискиот поручник Георгиј Фљоров (советски нуклеарен физичар и соработник на Курчатов, стручњак во областите на цепење на атомското јадро, синтеза на нови хемиски елементи и истражувањата на нови видови радиоактивност).

Апелот испратен до Сталин од „обичниот војник“ Фљоров итно да се започне со изработка на атомска бомба беше една од главните причини за почетокот на советската нуклеарна програма.

На крајот на краиштата, советската наука за три години го направи она за што на Американците им требаше шест: на 29 август 1949 година на полигонот Семипалатинск беше успешно тестирана првата советска атомска бомба РДС-1.

Треба да се додаде дека тајниот американски план „Тоталити“ од 1945 година предвидуваше да бидат фрлени 20 до 30 атомски бомби на неколку десетици советски градови, а веќе во 1948 година беше одлучено дека со околу 200 бомби е изводливо да се уништат 70 советски градови.

„Американците навистина предничеа во нешто. И тоа не треба да нѐ чуди, ним не им паѓаа бомби на глава, а Германците дојдоа до Москва. И дури 1942-1943 година СССР започна активно да работи на создавање атомска бомба. Советскиот Сојуз за двојно пократко време направи бомба и само благодарение на нашите разузнавачи“,  заклучува Владимир Антонов.

Прочитајте повеќе: Како САД планирале да го уништат СССР во 1949

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња