Како влијае коронавирусот на руската економија?

Мигељ Кандела/Sputnik
Откажани летови, гнили банани, откажување од кинески производи и евтина нафта – ова е кус преглед на досегашните последици од вирусот 2019-nCoV во Русија.

Светската здравствена организација на 30 јануари објави дека епидемијата на коронавирус во Кина претставува опасност на меѓународно ниво. Истиот ден Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) призна дека епидемијата има влијание врз глобалната економија. За Русија ширењето на вирусот против кој засега не постои вакцина во секој случај ќе има последици. Во Кина, имено, оди над 12% од вкупниот извоз од Русија. Прашање е само колку ќе бидат погубни последиците. Еве каква е моменталната ситуација.

Евтина нафта и ослабување на рубљата

Најпрво реагираа цените на нафтата со оглед на тоа што Кина е еден од најголемите потрошувачи на оваа суровина. Побарувачката за гориво во Кина падна, па паднаа и доларските цени на нафтата. Во јануари цената на нафтата од марката Брент изгуби 12.6% од вредноста, а руската нафта Уралс поевтини и во долари и во рубли. На 10 февруари цената на марката Уралс го достигна минимумот во последниве две години: падна под 3.4 илјади рубли по барел (56 американски долари). Ова е најниската цена од онаа која е предвидена со федералниот буџет.

Евтината нафта влијаеше на слабеењето на рубљата, но засега не во критична мерка: од почетокот на јануари рубљата во однос на американскиот долар изгуби 3.35% од вредноста,

Трговците се откажуваат од кинеските производи

Русија од Кина набавува стока во вредност од 50 милијарди американски долари годишно. Околу половина од оваа сума оди на увоз на автомобили, радиостаници и телефони, а руските компании засега немаат добиено известување за откажување на испораките од Кина.

Кога станува збор за кинеските прехранбени производи, нивниот удел на рускиот пазар не е поголем од 2%. Од Кина главно се увезува ѓумбир, лук, домати, црн пипер, мандарини, грозје и помело, но како што тврдат трговците, сето тоа може да се надомести со увоз од други земји.

Така, на пример, на 3 февруари еден од најголемите трговски синџири во Русија „Магнит“ соопшти дека повеќе не увезува овошје и зеленчук од Кина поради опасноста од ширење на вирусот и комплицираната логистика. Наместо со Кина синџирот засега ќе тргува со Турција, Израел и Мароко. Потрага за нови снабдувачи најави уште еден трговски синџир: X5 Retail Group. Но, трговските синџири „Лента“ и „Метро“ не планираат да ги откажуваат испораките, додека останатите синџири (како што се „Ашан“ и „Дикси“) засега не ја коментираат ситуацијата.

Проблемот е во тоа што поголем дел од испораката на сите кинески производи заминува на Далечниот исток и во Сибирскиот федерален округ, региони кои се мошне зависни од увозот, па затоа таму полиците почнаа да се празнат. Локалните медиуми објавија дека нагло поскапеле краставиците и доматите или дека во продавниците во Владивосток, Хабаровск и Усуријск недостасува стока. Првата „жртва“ на коронавирусот во Владивосток беа бананите. Некој пушти гласови дека се заразени (иако се стасани од Еквадор), па тие едноставно изгнија.

Загуби во туризмот: 100 милиони американски долари

Ваква прогноза поради воведување карантин за периодот од јануари до март 2020 година дава Асоцијацијата на туристички агенции на Русија. Кина беше најголем „испорачател“ на туристи во Русија, па затоа на земјата сега ќе ѝ недостасуваат најмалку 1.3 милиони кинески туристи.

Воздушниот сообраќај со Кина е делумно блокиран од февруари. Моментално се активни само четири лета на Аерофлот и неговите партнери за Пекинг, Гоанџу, Шангај и Хонгконг. Но, загубите нема да бидат толку големи: според аналитичарката на „ВТБ Капитал“ Елена Сахнова од речиси 130 милиони патици на Кина отпаѓаат само 2 милиони годишно. За Аерофлот тоа се 4% од патниците и 5% од профитот.

Побарувачката за медицински маски скокна за 220%

Оние што се моментално неспорно во добивка се фармацевтските компании и аптеките. За некои производи и антивирусни препарати веќе постои зголемена побарувачка. Тие поради недостатоци од лек за коронавирус се купуваат според принципот „ќе пробам сè по ред“. На пример, продажбата на маски, според податоците на оператерот со фискални податоци „Платформа ОФД“, е зголемена за 220%.

Што понатаму?

Никој во Русија засега не мисли дека влијанието на вирусот од Кина би можело да биде погубно. Директорот на најголемата банка во Русија, Сбербанк, Герман Греф, и покрај сите загуби ова влијание го нарекува „малку значајно“.

Меѓутоа, сето тоа би можело да се смени, доколку ширењето на вирусот не биде запрено и доколку ситуацијата потрае подолго време. Во тој случај руската економија ја очекуваат тешкотии. Сметководствената комора на Русија предвидува сериозни последици. Ќе наведеме само еден пример: автомобилскиот концерн Нисан веќе предупреди дека ќе го запре производството на автомобили во Русија, доколку до март не се промени ситуацијата.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња