Зошто Русија побрза да се ослободи од долговите?

Reuters
За првпат од 2014 година монетарните резерви на Русија се поголеми од нејзиниот долг. Зошто е тоа толку важно?

Русија, судејќи според сè ја подигна својата политичка и финансиска независност на ново, повисоко ниво. Руската власт одговори на западните санкции и на падот на цената на нафтата со натрупување резерви со кои ќе може да ја обезбеди својата финансиска стабилност. Строгата должничка дисциплина доведе до состојба во која задолженоста на земјата е „помала од нула“, соопштува РБК Дејли.

Официјалната статистика покажува дека Кремљ сега лесно може да ги подмири своите долгови ако одненадеж тоа биде потребно. На први август вкупниот долг на земјата (надворешниот и внатрешниот државен долг) изнесуваше 16.2 билиони рубли (248 милијарди американски долари) или 15% од бруто домашниот производ (БДП), што е помалку од 17.6 билиони рубли (269 милијарди американски долари) или 16.2 од БДП, колку што Русија има на готовинските депозити во Централната банка и во комерцијалните банки.

Русија помалку должи од Кина и од САД

Во овие бројки не е прикажан комерцијалниот долг, но дури и ако и тој се земе предвид, руската економија повторно изгледа подобро од... Од целиот останат свет! По глобалната финансиска криза од 2008 година многу светски економии беа принудени да земат големи заеми за да избегнат рецесија. Според податоците на ММФ, најбогатите земји се воедно и најзадолжени.

Вкупниот светски долг во 2017 година достигна рекордни 184 билиони американски долари (225% од светскиот БДП). Доколку тој долг би се поделил на сите луѓе на планетава, би изнесувал 86.000 американски долари по жител. Три најголеми должници се САД (256% од БДП), Кина (254% од БДП) и Јапонија (395% од БДП). На овие три земји отпаѓа повеќе од половина од светскиот долг. Нивниот долг е поголем од нивниот удел во светското производство.

„Кога станува збор за Русија, нејзиниот долг во 2017 година изнесуваше 84% од БДП, од кои 71.5% комерцијален (или приватен) долг, што изнесува 897 американски долари по жител“, вели Гајдар Гасанов, експерт на Меѓународниот финансиски центар во Москва. „Резервите на Русија оваа година за првпат надминаа 500 милијарди американски долари. Тоа значи дека руската економија може да обезбеди стабилност на својата национална валута во случај на опасност од нови потенцијални санкции во иднина“.

Дали оваа состојба беше изнудена?

Сепак, ваквата политика си има своја цена, велат експертите. Резултатот на штедење средства наместо нивно вложување во стимулирањето економски раст, предизвика понатамошна стагнација, смета Сергеј Суверов, постар аналитичар на финансиската компанија „БКС Премиер“. „Порастот на бруто домашниот производ во првото полугодие од 2019 година изнесуваше само 0.7%“, вели тој. „Тоа доведе до уникатна ситуација која укажува на високата солвентност на руските обврзници, но воедно и на помалата привлечност за инвестирање во Русија. Инвеститорите сакаат да видат економски развој, а тој изостанува“.

Од друга страна, ваквото економско штедење можеби и беше изнудено решение, смета Антон Биков, постар аналитичар од Центарот за аналитика и за финансиски технологии. „Ваквата политика ги принуди властите да ги редуцираат социјалните трошоци и да ги зголемат даноците, што не оди во прилог на популарноста на сегашната власт“, вели тој. „Што можело да ја поттикне владата кон ваква политика? Веројатно во иднина се очекува намалување на државните приходи поради побавното темпо на пораст на светската економија, и тоа во ситуација кога пристапот на Русија кон западниот инвестициски пазар е затворен“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња