„На дваесет и петти октомври се очекува потпишување на договор за слободна трговска зона меѓу Србија и Евроазиската економска унија. Ова е важен настан, медиумите му посветуваат особено внимание. ЕАЕУ е ефикасен проект за интеграција кој одговара на современите потреби“, напиша Боцан-Харченко на Твитер.
Претходно во август премиерот на Русија Дмитриј Медведев изјави дека е неопходно да се забрзаат процедурите за потпишување договори за слободна трговија на ЕАЕУ со Србија и Сингапур, пренесува агенцијата РИА „Новости“.
„За Белград реализацијата на овој документ ќе значи сосема нова фаза на присуство на просторот на Евроазија, излегување на пазар со 182 милиони потрошувачи и вкупен бруто домашен производ од 1,9 билиони американски долари. Во перспектива Србија може да стане една од алките што го поврзуваат просторот меѓу ЕУ и ЕАЕУ“, додаде рускиот амбасадор.
Евроазиската економска унија е формирана врз основа на Царинската унија и Единствениот економски простор. Функционира од 1 јануари 2015 година. Членки на ЕАЕУ се Ерменија, Белорусија, Казахстан, Русија и Киргистан. Во 2018 година Молдавија доби статус на набљудувач при ЕАЕУ.