Русија и Кина до крајот на годината потпишуваат договор за премин на плаќање во националните валути

Reuters

Русија и Кина подготвуваат договор за премин на плаќање во националните валути кој, како што се очекува, би требало да биде потпишан до крајот на годината, изјави првиот човек на руската банка „ВЕБ банк“ Игор Шувалов.

„Русија веќе има свој канал, како што Кина има свој. Треба едноставно да се договори како ќе соработуваме користејќи ги тие канали, како и другите форми, со цел вршење на трансакциите“, изјави Шувалов по разговорите на ниво на руско-кинеските меѓувладини структури, пренесуваат руските медиуми.

Според него, иако веќе се знае како би функционирала шемата, таа мора да биде образложена во договорот. „Договорот би требало да се потпише во најкраток можен рок, би било одлично доколку успееме да го сториме тоа до крајот на годината“, истакна тој.

Рускиот премиер Дмитриј Медведев изјави дека трговската размена меѓу двете земји до крајот на оваа година ќе достигне сто милијарди долари, што само пред десет години било речиси незамисливо.

„Во овој момент зборуваме за нешто друго, за можна трговска размена од двесте милијарди долари, а јас мислам дека таа бројка е по мерка на нашите сили доколку активно ја унапредуваме соработката во договорените области“, истакна премиерот Медведев. Како што кажа тој, со својот кинески колега се договориле за низа дополнителни чекори во поддршката на малото стопанство, унапредувањето на електронската трговија и платниот систем. Тој додаде уште и дека Русија и Кина имаат бројни инвестициски проекти во сферата на енергетиката, нафтата, гасот, преработката на нафтата, високите технологии, меѓу другото на пилотираната космонаутика и создавањето вештачка интелигенција. Перспективи за успешна соработка, како што истакна тој, постојат и во сферата на земјоделството.

„Го зголемивме извозот на руски прехранбени производи во Кина, додека кинеските партнери исто така работат во ист правец. Ние, се разбира, сме заинтересирани за реализација на нови проекти, вклучувајќи го извозот на руска соја во Кина и цела низа други области, имајќи го предвид развојот на транспортно-логистичките можности“, нагласи рускиот премиер. Медведев исто така изјави дека со премиерот на Државниот совет на НР Кина Ли Кекијанг разговарале за состојбата во меѓународната трговија. Двајцата премиери се согласија во оцената дека е недозволиво кршењето на правилата на Светската трговска организација и воведувањето неразумни трговски бариери и санкции.  

„Нашиот став тука е идентичен, сметаме дека сите потези во таа сфера мораат да придонесуваат за глобалната трговија, глобалната размена на инвестиции и дека затворањето во рамките на одредени земји или региони генерално го спречува развојот“, изјави тој.

На маргините на саемот China International Import Expo во Шангај Русија и Кина вчера потпишаа три извршни договори во врска со проектот за изградба на нови блокови на кинеската нуклеарна електрана Тианван и нуклеарен реактор со брзи неутрони CFR600.

Прочитајте повеќе: Трговската размена меѓу Русија и Кина порасната за четвртина од почетокот на годината

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња