Трговската размена меѓу Русија и Кина во периодот од јануари до јули 2018 година порасна за 25,7 отсто во однос на истиот период лани, надминувајќи ја сумата од 77 милијарди долари, соопшти Главната царинска управа на Народна Република Кина, пренесуваат руските медиуми.
Според прогнозите за оваа година, обемот на билатералната трговија меѓу Русија и Кина ќе го задржи двоцифрениот раст. Двете земји ги оптимизираат трговските структури и ја шират прекуграничната економска соработка.
Се очекува вкупниот обем на трговската размена меѓу двете земји во 2018 година да надмине 100 милијарди долари, нагласи официјалниот претставник на Министерството за комерција на Кина Гао Фен.
Главни ресурси и роба што Русија ја извезува во Кина се метал, сурова нафта, природен гас, фармацевтски производи и медицинска опрема, како и земјоделски и производи на хемиската индустрија. Кина на Русија првенствено ѝ продава градежна техника, опрема за производство, челик, електроника, текстил, облека и бела техника. Во последно време во Русија станаа популарни кинеските патнички автомобили.
Само во септември трговската размена меѓу двете земји изнесуваше 9,65 милијарди долари. Во првите девет месеци на оваа година рускиот извоз во Кина порасна за 39,2 отсто, достигнувајќи 41,95 милијарди долари, додека Кина на Русија ѝ испорача роба во вредност од 35,2 милијарди долари, што е 12,7 отсто повеќе од истиот период лани, пренесува порталот „Взгљад“.
Трговската размена меѓу Русија и Кина во 2016 година достигна 69,52 милијарди долари. Минатата година овој показател е зголемен на 84,07 милијарди долари. Брзиот раст на билатералната трговија е поврзан во одредена мера со порастот на побарувачката во Русија во која се забележува стабилизација на националната економија. Освен тоа, зголемен е и обемот на роба увезена од Русија во Кина, рече Гао Фен.
Како што истакна тој, зголемувањето на трговската размена се објаснува и со растот на кинеските инвестиции во Русија и јакнењето на соработката во сферата на енергетиката и аерокосмичката индустрија. Двете земји се подготвени да преземат мерки во оптимизацијата на трговските структури и развојот на нови извори на раст за да ја задржат постигнатата динамика, додаде Фен.
Од Меѓународната трговска комора на Кина порачуваат дека елементите на увозот главно заемно се дополнуваат и дека меѓу Русија и Кина нема директна конкуренција.
Се проширува и соработката во сферата на научните истражувања. На полето на образованието се постигнати значајни резултати, воспоставена е директна размена на ниво на универзитети, вклучувајќи заеднички образовни програми во областа на екологијата, енергетиката и информационите технологии, додаде тој.
Експертите забележуваат дека постои огромен потенцијал кој може да биде реализиран благодарение на иницијативата „Еден појас, еден пат“ и руската политика на замена на увозните производи. Поцврста економска соработка, според нивна оцена, може да биде заемно корисна и да помогне во решавањето на проблемите како што се протекционизмот и едностраната трговска политика на САД.
Потпретседателот на Кинеската академија за меѓународна трговија и економска соработка Ли Гуанхуеј истакнува дека кинеските инвеститори имаат големо искуство во реализација на бројни големи инфраструктурни проекти во Африка, Јужна Америка и на Блискиот Исток. Според него, сега е вистинскиот момент тие инвеститори да се привлечат во прекуграничните инфранструктурни проекти кои ги поврзуваат Далечниот Исток на Русија и Североисточна Кина, пренесува „Росијскаја газета“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче