Пет земји на кои СССР со задоволство им помогнал (и така потрошил многу пари)

ZUMAPRESS/Global Look Press, Getty, Robert Pastryk/Pixabay
Уште за времето на Студената војна Москва им позајмуваше на земјите во развој милијарди американски долари за на тој начин да добие социјалистички сојузници во странство. Излегло дека во поголемиот број случаи огромни пари биле „фрлени“, односно заемот никогаш не бил вратен.

„Пролетери од сите земји, обединете се!“, вели Комунистичкиот Манифест на Карл Маркс и Фридрик Енгелс од 1848 година. Партијата на болшевиците, подоцна Комунистичка партија, ја сочинувале загрижени Марксисти. Тие во 20 век дошле на власт во Русија и никогаш не го заборавиле мотото на своите духовни учители – им помагале и им давале поддршка на сите земји во светот чии власти покажувале макар и најмало тежнеење за изградба на социјалистичка држава.

Кога кон крајот на четириесеттите години од минатиот век избила Студената војна, а СССР се спротивставил на западните капиталистички земји на чело со САД, идејата за доминација во светот станала уште поактуелна. Москва не жалела ни пари, ни воена помош, ни вооружување во тежнеењето да им помогне на новопечените социјалисти. За жал, многу од тие земји подоцна не успеале да ги вратат парите што ги добиле од СССР за потребите на развојот на економијата. Да ги погледнеме одблизу овие „вечни должници“.

 1. Куба

Фидел Кастро го испраќа Леонид Брежнев на меѓународниот аеродром „Хозе Марти“ по неговата посета на Куба. 3.02.1974.

Хавана била апсолутен шампион по големината на долгот. Во 2014 година Владимир Путин отпиша 31.5 милијарди кубански долг (90%), а вкупната сума изнесуваше над 35 милијарди американски долари. За Советите оваа тврдина на социјализмот на западната полутопка била премногу важна за да се штеди на неа.

Москва ѝ даваше на Куба кредити „на тони“ и на тој начин ѝ помагаше да го подобри системот на образование и на здравство, како и да ги обезбеди потребните количества нафта, производи и техничка опрема. Од друга страна, Куба во големи количества извезуваше во СССР шеќерна трска, и што е уште поважно, се заложуваше за комунизмот. Покрај тоа, испрати свои единици како доброволци во Ангола и во Етиопија кога таму избувнаа конфликти, секогаш поддржувајќи ја просоветската партија.

 2. Сирија

Леонид Брежнев на средба во Куба со претседателот на Сирија Хафиз ал Асад. Москва, СССР, 27 септември, 1974.

 

Секако, станува збор за старата предвоена Сирија, уште од времето на Студената војната кога со земјата управуваше Хафиз ал Асад, таткото на сегашниот претседател Башар ал Асад. Тој беше наклонет кон социјализмот, така што СССР го третираше како еден од најважните сојузници на Блискиот Исток.

Во 2005 година Сирија ѝ должеше на Русија 13 милијарди американски долари. Истата година Владимир Путин отпиша 10 милијарди, а Сирија вети дека ќе им даде некое олеснување на руските компании кои работат во оваа земја. Сега, меѓутоа, се чини дека ефикасната економска соработка е малку одложена.

3. Монголија

Леонид Брежнев и претседателот на советот на министри на Монголија Јумџагин Цеденбал (десно) се ракуваат по потпишувањето на Договорот за пријателство, соработка и заемна помош помеѓу СССР и Монголија во рамките на посетата на советските власти и на Комунистичката партија на Монголија.

Оваа земја беше прилично незабележлива уште од падот на империјата на Џингис хан во средниот век. Од дваесеттите години на минатиот век до распадот на СССР, Монголија беше негова верна сојузничка. Монголските единици во Втората светска војна се бореа против Јапонија, рамо до рамо со Црвената армија. Згора на тоа, Монголија во 1956 година го замоли Советскиот Сојуз да стане негов дел, но Москва го одби овој предлог.

Како и да е, Москва му има позајмено на Улан Батор 11.4 милијарди американски долари. Не е ни чудо што толку слабо развиената држава од Источна Азија не можеше да ги врати. Во 2003 година Русија отпиша 11.1 милијарди долари од тој долг. Монголија на крајот врати само 300 милиони американски долари, а Русија подоцна отпиша уште неколку помали долгови.

4. Северна Кореја

Генералниот секретар на ЦККП на СС Никита Хрушчов (втор оддесно), претседателот на Врховниот Совет на СССР Леонид Брежњев (десно) и претседателот на Кореја Ким Ил Сунг (трети оддесно) во Кремљ, Москва, Советско Сојуз. 7 јуни 1961.

По Втората светска војна СССР и САД дефакто ја поделија Кореја на две држави. Оттогаш Северна Кореја уживаше поддршка на Советскиот Сојуз и остана еден од социјалистичките бастиони во Азија. Во текот на седумдесеттите години од минатиот век Ким Ил Сунг ја спроведе на дело идеологијата на Џучи, која подразбираше „потпирање на сопствените ресурси“ и го отфрли марксизмот со советски стил, но тоа не му пречеше на Пјонгјанг да зема пари како од Москва, така и од Пекинг.

Сè на сè, Северна Кореја од СССР има позајмено 11 милијарди американски долари и не го враќаше долгот, особено по економскиот колапс што го доживеа во текот на деведесеттите години од минатиот век поради кусокот на прехранбени производи. Русија, како по обичај, во 2012 година ѝ отпиша на Северна Кореја 90% од долгот.

5. Виетнам

Леонид Брежнев го пречекува на аеродромот Ле Дуан (десно во преден план) генералниот секретар на Работничката партија на Виетнам. Москва, Советски Сојуз, 27 октомври 1975.

Ова е земја која силно се противеше на тежнеењето на Америка да не дозволи ширење на комунизмот во Индокина. Поради тоа Виетнам уште во текот на седумдесеттите години од минатиот век беше важен сојузник на Советскиот Сојуз. „СССР во шеесеттите години од минатиот век му испорача на Виетнам големи количества вооружување кое вкупно чинеше 15.7 милијарди долари и изгради 117 воени објекти“, истакнува весникот „Аргументи и факти“. За волја на вистината, голем дел од тоа му беше подарен на Виетнам, сепак оваа земја на своите советски браќа им остана должна.

Ако на тоа се додадат кредитите и заемите, Виетнам му должеше на Советскиот Сојуз 11 милијарди американски долари, а Русија во 2000 година отпиша поголем дел од долгот, односно 9.5 милијарди американски долари. За разлика од другите земји од овој список, Виетнам сега интензивно развива економски врски со Русија, а размената на стока помеѓу двете земји расте (5.3 милијарди долари во 2017 година).

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња