Русија, Индија и Иран имаат поевтина алтернатива на Суецкиот канал

Економија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА

Русија, Индија и Иран имаат во план до крајот на овој месец да го разгледаат отворањето на меѓународниот транспортен коридор Север-Југ, јавува иранската телевизија Press TV, пренесуваат руски медиуми.

Проектот е замислен како пократка и поевтина алтернатива на Суецкиот канал. Како што се наведува, должината на коридорот ќе изнесува 7200 километри, а ќе подразбира и железнички и воден сообраќај. Робата од Индија ќе се праќа во иранскиот град Бендер Абас на брегот на Персискиот залив, од каде ќе патува до Бендер Ензели на брегот на Каспиското езеро и понатаму по морски пат до Астрахан, па со железница во Европа.

Бидејќи проектот е осмислен како поевтина и пократка алтернатива на Суецкиот канал, времето и цената на транспортот ќе се намалат за 30 до 40 отсто. Така, во споредба со Суецкиот канал, робата од Мумбај до Москва преку коридорот Север-Југ ќе патува дваесет дена помалку. Како што се очекува, по новиот пат годишно ќе се транспортираат 20 до 30 милиони тони товар.

Министерот за трговија и индустрија на Индија Суреш Прабху изјави дека со користењето на новиот коридор би требало да се почне што побргу. Пробните испораки по новиот пат веќе беа извршени во 2014 година.