Мислите дека западните санкции против Русија ги погодуваат руските милијардери? Напротив, нивното вкупно богатство изгледа дека се зголемува, како и бројките што ги следат нивните имиња. Ова го покажува најновата ранг-листа на најбогатите руски бизнисмени на „Форбс“.
Според податоците на „Форбс“, вкупното богатство на 200 најбогати руски бизнисмени во последниве 12 месеци се зголемило за 25 милијарди американски долари и достигнало 485 милијарди американски долари, додека бројот на милијардери во истиот период се зголемил од 96 на 106. Минималниот имот за влез на ранг-листата е исто така зголемен: од 12.4 милијарди на 12.5 милијарди американски долари. Ви ги претставуваме десетте најбогати државјани на Русија. Речиси сите од нив имаат имот во странство.
1. Владимир Лисин, 61 (19.1 милијарди долари)
Претседателот на бордот на директори и мнозинскиот сопственик на железарницата НЛМК Владимир Лисни не е само бизнисмен, ами и водечки експерт за металуршки процеси. Поседува голем број патенти и има објавено бројни академски трудови и статии. Исто така е голем љубител на стрелаштвото. Тој е претседател на Рускиот стрелечки сојуз и потпретседател на Меѓународната стрелечка организација. Поседува имот во Шкотска и редовно таму оди на лов.
2. Алексеј Мордашов, 52 (18.7 милијарди долари)
Уште еден олигарх од светот на челичната индустрија, претседателот на бордот на директори и генерален директор на компанијата „Северстаљ“ Алексеј Мордашов е син на двајца вработени во металуршкиот комбинат. Освен „Северстаљ“ исто така е сопственик на 23% од акциите на германската компанија TUI, една од најголемите туристички агенции во светот, како и на 98.4% од акциите на меѓународниот производител на злато NordGold. Исто така поседува акции во глобалната компанија за машиноградба „Силовие машини“.
3. Леонид Михељсон, 62 (18 милијарди)
Претседателот на бордот на директори на руската гасна компанија „Новатек“ и сопственикот на 48% од акциите на нафтено-хемиската компанија „Сибур“ Леонид Михељсон меѓу пријателите и колегите е познат како непосредна, грижлива, решителна и исклучително професионална личност. Како син на градежник, својата кариера ја започнал како градежен надзорник при изградба на гасовод.
4. Вагит Алекперов, 67 (16.4 милијарди)
Роден во Баку во Азербејџан во семејство на стручњак за експлоатација на нафта, Вагит Алекперов е најголемиот нафтен олигарх во Русија. Тој е сопственик на „Лукоил“, компанија која во март оваа година ги надмина „Роснефт“ и „Гаспром“, достигнувајќи вредност од 58 милијарди долари според „Форбс“. Сосопственик е на холандското бродоградилиште Heesen Yachts, каде во 2016 година е направена неговата јахта „Galactica Super Nova. Уште еден потфат на претседателот на „Лукоил“ е Музејот на Меѓународниот нумизматички клуб во Москва кој беше отворен во 2016 година.
5. Генадиј Тимченко, 65 (16 милијарди)
Пријателот на рускиот претседател и акционер на бројни компании, вклучувајќи ги и „Новатек“ и „Сибур“, Генадиј Тимченко исто така е и основач на „Volga Group“, приватна инвестициска групација која е насочена кон енергетиката, сообраќајот и инфраструктурните проекти. Со својата сопруга Тимченко води сопствена хуманитарна фондација. Исто така е претседател на бордот на директори на Континенталната лига во хокеј. Освен тоа, Генадиј Тимченко е почесен конзул на Србија во Санкт Петербург.
Една занимливост: Тимченко има женско куче кое се вика Рони, а е ќерка на лабрадорот Кони на рускиот претседател Путин.
6. Владимир Потанин, 57 (15.9 милијарди долари)
Доколку сте биле во Сочи, веројатно го познавате скијачкиот центар „Роза Хутор“. Владимир Потанин во него инвестираше 8.7 милијарди рубли (141 милион американски долари). Тој поседува 30% од акциите на компанијата „Норникељ“, еден од најголемите производители на никел, паладиум и бакар во светот. Љубител е на хокејот и многу инвестира во спортот, во културата и во образованието: околу 10 милиони американски долари годишно, според податоците на „Форбс“.
7. Андреј Мелниченко, 46 (15.5 милијарди долари)
Индустријалецот Мелниченко е сопственик на мнозинскиот дел акции на производителот на ѓубриво „EuroChem”, на производителот на јаглен SUEK и на Сибирската енергетска компанија. Својот прв бизнис го започнал во раните деведесетти години од минатиот век, отворајќи менувачница, откако го завршил Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“. Денес практично живее на својата јахта вредна 500 милиони американски долари, која се смета за најголема приватна јахта во светот. Како и многу други милијардери, Мелниченко има колекција слики од импресионисти, а дел од своето богатство го дава во хуманитарни цели. Според „Форбс“, во текот на минатата деценија овој руски бизнисмен има потрошено 400 милиони американски долари во добротворни цели.
8. Михаил Фридман, 53 (15.1 милијарда долари)
Основачот на една од најголемите руски приватни банки „Алфа банк“ Михаил Фридман започнал со продавање влезници за театар и организирање концерти и забави за студенти. Денес е главен сопственик на компанијата „Алфа груп“ (која ги опфаќа „Алфа банк“, осигурителната компанија „Алфа иншуренс“ и компанијата за малопродажба „X5 Retail Group“) и на инвестициската компанија „LetterOne со седиште во Луксембург која има акции од германската нафтена компанија DEA и меѓународниот мобилен оператор „Веон“. Фридман има и израелско државјанство, а поголем дел од времето поминува во Лондон. Во 2016 година тој купува запуштена вила во северен Лондон. Вилата Athlone House му беше продадена за 65 милиони фунти, а новиот сопственик во нејзината реконструкција вложи околу 130 милиони фунти.
9. Виктор Вексељберг, 61 (14,4 милијарди долари)
Виктор Вексељберг, еден од руските олигарси на американската листа на санкционирани руски државјани, своето богатство го има стекнато во Русија на алуминиум и нафта, како и благодарение на инвестициската компанија „Ренова“. Денес, меѓутоа, поголем дел од неговиот имот се наоѓа во странство. Тој поседува 40% од акциите на швајцарскиот технолошки конгломерат „Oerlikon“ и 57% од швајцарската компанија за индустриски инженеринг и производство „Sulzer“. Вексељберг е исто така и претседател на главниот руски иновациски центар „Фондација Сколково“, како и горд сопственик а најголемата колекција на јајца Фаберже. Во 2004 година ја купи оваа колекција од оставината на покојниот Малком Форбс, американски издавач на списанието „Форбс“ и ги врати во Русија. Сега јајцата Фаберже се изложени во Дворецот на Шувалов во Санкт Петербург.
10. Алишер Усманов, 64 (12.5 милијарди долари)
Узбек по националност, бизнис-магнатот Алишер Усманов богатството го има стекнато низ операции со метал и руд и по пат на добри инвестиции. Денес поседува 48% од компанијата „USM Holdings“ со значајно учество во производството на метал и рударство (Металоинвест, Бајкалска рударска компанија), во телекомуникациите (мобилниот оператор Мегафон) и во секторот на Интернет. Поседува и имот во медиуми (издавачката куќа „Комерсант“), во развојниот сектор (градежната компанија „Химки груп“) и во спортот (англискиот клуб „Арсенал“). Од 2008 година Усманов е претседател на Меѓународната федерација во мечување (IFE) и инвестира во промоцијата на овој спорт.