Извор: shutterstock / Legion-Media
Забраната е воведена на една година. Во неа влегуваат говедското и свинското месо во кој било вид, птиците и производите од нив, сувомеснатите производи, млекото и млечните производи, меѓу кои и сирењата, а исто така и рибата, зеленчукот, овошјето и јаткастите плодови.
Загуби за увозниците
Санкциите со увозот на производи најмногу ќе ги почувствуваат земјите од ЕУ. Тие се најголеми извозници на прехранбени производи во РФ. Според податоците на Институтот за комплексни стратегиски истражувања (ИКСИ) Русија од Европа купува 31.5% месо, 42.6% млечни производи и 32% зеленчук.
Повеќе на оваа тема
Аналитичар: Турција ќе стане главен снабдувач на производи во Русија
Бразилските произведувачи изразија подготвеност да ги заменат производите од САД на рускиот пазар
Велика Британија не очекува големи последици од забраната за увоз во Русија
„Се претпоставува дека за ЕУ ова ќе значи загуба од 12 милијарди евра, со оглед на тоа дека прехранбените производи се претставени со 10% од она што ние го продаваме во Русија“, изјави претставникот на Европската Унија во Москва Вигаудас Ушацкас во интервју за радиостаницата „Говорит Москва“. Притоа тој забележа дека ова се приближни оценки, без анализа на конкретните забранети производи.
Eкспертите подвлекуваат дека Русија во голема мера е зависна од увозот на овие производи. Така, според податоците од Царинската служба на Русија, во 2013 година увозот на прехранбени производи во Русија изнесуваше 41,3 милијарди долари, а според податоците од Институтот за комплексни стратегиски истражувања, РФ од странство купува 70% од овошјето и околу 50% од млекото во прав и од сирењата.
Доколку се погледне одделното влијание врз земјите од ЕУ, најмногу ќе настрадаат извозниците од Латвија, од Литванија, од Полска и од Финска. Тие најмногу извезуваат путер, сирења, урда. На пример, 77% од сирења и повеќе од 70% од путерот и мастите, како и 47% од замрзнатата риба кои ги извезува Финска одат за Русија. Во Латвија и во Литванија 43% од сувомеснатите производи што ги извезуваат, отпаѓаат на Руската Федерација. Полска и Литванија, пак, голем дел од зеленчукот, овошјето и јаткастите производи го извезуваат во Русија.
Повеќе на оваа тема
Медведев: Русија е принудена да преземе реципроцитетни мерки
Кога станува збор за Германија, Италија, Велика Британија и за Шпанија, кај нив исто така за определени производи ќе се почувствува загуба, сметаат во Институтот за комплексни стратегиски истражувања. На Русија отпаѓа 9% од шпанскиот и 6% од италијанскиот извоз на замрзнато говедско, а 6% од германскиот извоз на свинско и на сушено овошје (според статистичките податоци на ИКСИ).
Кога станува збор за САД, Канада и за Австралија, Русија од нив исто така купува месо, риба и зеленчук, но процентот на увоз е помалку значаен. Според податоците од Федералната царинска служба, целокупниот извоз на месо и птици од САД во Русија во 2013 година учестуваше со 5,3% во рускиот увоз на месо и месни производи, додека околу 6% од американскиот извоз на месо од птици отпаѓа на Русија.
Поради санкциите горенаведените земји ќе останат без пазар. Но, негативни влијанија ги очекуваат и Русите.
Ќе се испразнат ли полиците во руските продавници?
Изданието „Комерсант“, кое се повикува на владини извори, ја објаснува логиката и роковите на воведените санкции. Од една страна станува збор за „прехранбена безбедност“: во перспектива неколку месеци РФ може да ги издржи националните ограничување за извоз на прехранбени производи за „земјите-санкционери“. Освен тоа властите се надеваат дека со тоа ќе се даде импулс за замена на увозот. Како што се претпоставува, ограничувањата ќе ги повлече СТО: Русија има намера да ги исполни одлуките на арбитражата. А, трговските спорови треба да им дадат време на аграрите да ги пополнат ослободените пазари.
Сепак, експертите сметаат дека тешко ќе може толку брзо да се започне сопствено производство или дека, најверојатно, ќе мора да се бараат нови доставувачи. „Русија не може моментално да ја пополни дупката со производи од внатрешно производство. Со правилна државна политика по една година 15-20% од производите кои се најдоа во списокот на санкции, ќе можат да бидат заменети со домашно производство. Но, до тој период Русија ќе мора да соработува со странски доставувачи“, изјави за „Руска реч на македонски“ шефот на катедрата за регионална економија и за економска географија на Вишата школа за економија Алексеј Скопин.
Главни кандидати за увоз се доставувачите од Азија и од Јужна Америка. Притоа, станува збор за зголемување на обемот на постоечката соработка.
„Руските полици сигурно нема да останат празни: Турција и земјите од Латинска Америка се подготвени во целост да ја затворат настанатата „европска“ дупка. Единствен проблем е порастот на транспортните трошоци, кои ќе бидат пресметани во цената. Исто така, новите производи по квалитетот можат да бидат пониски од европските“, претпоставува Скопин. Според него, растот на цените на земјоделските производи ќе изнесува од 5 до 10%.
Учесниците на пазарот, што ги анкетираше „Руска реч на македонски“, исто така потврдуваат дека цените на производите ќе пораснат. Претставниците на малиот бизнис уверуваат дека доставувачите, во услови на привремен дефицит, можат да ги покачат цените, како на увозните, така и на домашните производи.
Но постои и друга варијанта. Европските производи би можеле да останат на руските полици, но поинаку означена. Според Дмитриј Потапенко од Management Development Group Inc., не се исклучува можноста европските производи да продолжат да се увезуваат но само преку земјите од Царинската Унија – Белорусија и Казахстан.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче