Рено вложува 340 милиони евра во руски „АвтоВАЗ“

Вработени во АвтоВАЗ работат на составување а автомобили во фабриката во Толјати.

Вработени во АвтоВАЗ работат на составување а автомобили во фабриката во Толјати.

Ројтерс
Француската компанија има намера да купи акции на „АвтоВАЗ“ со цел фабриката со тие пари да може да врати дел од долговите.

Француската компанија Рено е подготвена да ги откупи сите дополнителни акции на компанијата АвтоВАЗ, најголемиот руски производител на автомобили, во вредност од 25 милијарди рубли (343 милиони евра). Акциите ќе бидат емитувани во декември 2016 година, соопштува рускиот бизнис-весник Ведомости.

Средствата што АвтоВАЗ ќе ги добие од Рено ќе бидат искористени за враќање на долговите, вели за „Руска реч на македонски“ аналитичарот на холдингот ВТБ капитал Владимир Беспалов. Кон крајот на јуни 2016 година вкупниот долг на руската компанија изнесуваше 97 милијарди рубли (1.3 милијарди евра). „Загубите во работењето во вториот квартал се трипати помали во однос на првиот квартал. Ова, меѓутоа, не е доволно за постигнување позитивни резултати, така што е неопходна помош однадвор“, објаснува за „Руска реч на македонски“ Екатерина Третјакова, портпарол на компанијата Рено Русија.

Со оглед на тоа што АвтоВАЗ се најде во тешка финансиска ситуација, главните акционери на концернот Рено-Нисан и руската државна корпорација Ростех, веќе се договорија дека ќе учествуваат во дополнителна емисија, вели Беспалов. Рено-Нисан и Ростех во 2014 година се стекнаа со 74.51% од сопственичкиот капитал на фабриката, потсетува Евгениј Есков, уредник на специјализираното списание AutoBusinessReview.

Рено смета дека вложувањето е исплатливо

Откупувајќи ги акциите на АвтоВАЗ, Рено има долгорочни планови и надежи дека подоцна оваа инвестиција ќе се исплати, смета Беспалов. Денес АвтоВАЗ го произведува моделот Лада Граната, кој во 2015 година беше најпродаван автомобил во Русија. Оваа компанија покрива речиси 20% од рускиот пазар, истакнува аналитичарот. „Сега ситуацијата е тешка, но ние и понатаму веруваме во иднината на рускиот пазар и на АвтоВАЗ како негов водечки производител“, коментира Третјакова. Според податоците на Асоцијацијата на европскиот бизнис, продажбата на автомобили на рускиот пазар во текот на 2015 година опаднала за 35.7%.

Во моментов АвтоВАЗ ги произведува руските модели Лада Иксреј и Лада Веста кои се направени заедно со компанијата Рено. „Овие модели се покажаа како многу добри на пазарот. Лада Иксреј е стабилно меѓу првите 25, а Лада Веста меѓу првите 10 најбарани автомобили“, смета Есков. Според него, овие модели имаат добар потенцијал за извоз во странство.

„Компанијата ги презема сите мерки за сопствена рехабилитација, оптимизација и за зголемување на извозот“, потврдува Третјакова. Според неа, АвтоВАЗ планира до 2017 година да започне сериско производство на моделот Веста карван и на неговата верзија Крос, а потоа и на моделот Веста во верзија Крос.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња