Русија ги засилува гасните врски со Иран

Иранскиот претседател Хасан Рухани, оди да се ракува со рускиот претседател Владимир Путин по потпишувањето на документите во текот на  Форумот на земјите-извознички на гас во Техеран, Иран, понеделник, 23 ноември, 2015.

Иранскиот претседател Хасан Рухани, оди да се ракува со рускиот претседател Владимир Путин по потпишувањето на документите во текот на Форумот на земјите-извознички на гас во Техеран, Иран, понеделник, 23 ноември, 2015.

AP
Во блиска иднина Русија ќе ја зголеми трговската размена со Иран, изјави во Техеран претседателот на Русија Владимир Путин. Според експертите, специјалистите од Русија можат да му помогнат на Иран во разработката на наоѓалиштата на гас.

Русија ќе ги зголеми трговските врски со Иран. Ова на Форумот на земјите извознички на гас, кој се одржа во Техеран на 23 ноември 2015 година, го изјави рускиот претседател Владимир Путин. Според него руските власти планираат да ја зголемат трговската размена со Иран, меѓу другото и за сметка на користењето на националната валута во заемните пресметки. „Имаме намера да ја зголемиме динамиката на нашите трговски врски“, изјави првиот човек на државата по руско-иранските преговори.

Како што спомена Владимир Путин, со целосна моќ работи првиот блок на атомската централа Бушер, а во блиска иднина ќе започне изградба на уште два блока. Од своја страна рускиот железнички оператор РЖД ќе се зафати со изградба на делот од пругата Гармсар – Инче Бурун во должина од 495 километри.

Сепак, како што забележуваат руските експерти, во основа соработката помеѓу Русија и Иран може да се продлабочи во сферата на гасот, и токму на ова прашање бил посветен голем дел од излагањето на Владимир Путин на прес-конференцијата.

Форумот на земјите извознички на гас понекогаш се нарекува „гасен ОПЕК“, со оглед на тоа дека во него се обединети државите-лидери од делот на извозот на гас. Државите кои влегуваат во овој Форум контролираат 45% од светскиот пазар, а во него, покрај Русија, учествуваат Алжир, Боливија, Венецуела, Катар и други земји.

Плановите на Русија

Според претседателот на Русија Владимир Путин, потребата од гас во светот ќе се зголеми за 32% до 2040 година, односно за 4.9 билиони кубни метри годишно. Порастот на потрошувачката отвора големи можности за зголемување на производството и на извозот на јаглероводороди, меѓу кои и на компримиран природен гас, рече претседателот. Според неговите податоци, Русија планира за трипати да ја зголеми продажбата на компримиран природен гас, односно за 60 милиони тони. Како што објасни Путин, во ваква ситуација потрошувачите на гас треба да ги поделат инвестициските ризици со производителите. Според него, само на таков начин можат да се оправдаат вложувањата во инфраструктурата: гасоводите, фабриките за компримирање природен гас, флотата танкери.

Во целост, според помошникот на рускиот претседател Јуриј Ушаков, Русија планира да ја зголеми својата експлоатација од 639 милијарди кубни метри во 2014 на 885 милијарди кубни метри во 2035 година, меѓу другото и за сметка на зголемувањето на производноста на постоечките наоѓалишта и освојувањето на нови делови за експлоатација во Источен Сибир и на Далечниот Исток. Како што од своја страна изјави претседателот на Иран Хасан Рухани, Иран по симнувањето на санкциите планира да извезува гас во Европа и во Азија.

Заемна соработка со Иран

Според раководителот на аналитичката управа на Фондот за национална енергетска безбедност Александар Пасечник, интересите на Русија и на Иран на гасниот пазар не си противречат. Стратешката улога на Иран ќе расте како што земјата излегува од санкциите, додава тој. Сепак, според Пасечник, за тоа на Иран му се потребни огромни инвестиции.

Според директорот на Фондот за енергетски развој Сергеј Пикин, руските компании би можеле да земат учество во разработката на иранското наоѓалиште за гас Јужен Парс.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.