Поради ниските цени на нафтата складиштата за нафта во САД и во Европа се преполнети до рекордно ниво. Во перспектива вишокот резерви може да доведе до намалување на побарувачката на нафта и до нагло намалување на цената на јаглероводородите, се вели во аналитичкиот извештај на Goldman Sachs, објавен а 27 октомври.
На пример, според податоците на Министерството за енергетика на САД, комерцијалните резерви на нафта во земјата за само една недела, која заврши на 23 октомври, пораснале за 3.4 милиони барели, односно сега тие изнесуваат 480 милиони барели. „Ова потсетува на настаните од 1998 и од 2009 година, кога складиштата на нафта беа преполни, а цената на суровата нафта нагло падна“, предупредуваат експертите на Goldman Sachs.
Ваквото сценарио претставува сериозна закана за руската економија: како што сведочи истражувањето на CitiGroup, падот на цената на нафтата за 20 американски долари за барел доведува до намалување на БДП на земјата за 0.8%.
Не е првпат аналитичарите на Goldman Sachs да го плашат пазарот со прогнози за пад на цената на нафтата, забележува началникот на управата за операции на руската берза на инвестициската компанија „Фридом Финанс“ Георгиј Вашченко. „Неодамна: цената на нафтата може да стигне на нивото од 20 американски долари за барел и да остане на тоа ниво со децении“, вели тој.
Падот на цените на нафтата е поврзан со обемот на резервите, објаснува Вашченко, сепак станува збор за спротивни причинско-последични врски: резерви има сè повеќе, со оглед на тоа дека цените паѓаат, а не обратно.
Според аналитичарот на UFS IC Пјотр Дашкевич, резервите растат со стравување од можни прекинувања во испораката од Блискиот Исток. „Засега не постојат гаранции дека ова задолжително ќе прерасне во масовен „вишок“ на нафта на пазарот“, вели тој. Иако котацијата веќе реагира на уште една порција негативни прогнози. Така, на 29 октомври 2015 година нафтата од марката Brent поевтини за 1.57% односно падна на 48.3 американски долари за барел.
Периодот на ниски цени трае веќе година и пол, вели Георгиј Вашченко, а тоа е доволно време за потрошувачите да ги наполнат резервоарите. „Сета позната информација е земена предвид во сегашните цени и, меѓу другото, информацијата за пренатрупаност на резервоарите“, смета раководителот на одделот за оценки на „Финекспертиза“ Алексеј Баскаков. Според него, во секој случај овој факт ќе изврши незначителен притисок на нафтата и до состанокот на ОПЕК во декември 2015 година може да се очекува само мало намалување на цената.
Фактички постојат два излеза за оваа гранка – или да се чека пораст на побарувачката, или да се намали експлоатацијата на нафта, објаснува Пјотр Дашкевич. „Никој не сака намалување на побарувачката, така што од пазарот заминуваат најнеефикасните производители, вклучувајќи ги шелфовите проекти и определени шкрилични наоѓалишта“, вели Дашкевич. Притоа, како што забележува аналитичарот, без оглед на прогнозите, падот на цената на нафтата не доведува до затворање на шкриличните наоѓалишта во САД.
„САД продолжуваат да експлоатираат нафта и при 45 американски долари за барел, количеството на затворени пумпи е незначително“, вели Алексеј Баскаков. Според Георгиј Вашченко, американските наоѓалишта се рентабилни дури и при цена од 40 американски долари за барел.
Во последнава година експлоатацијата на нафта во САД практично не се промени, утврдува аналитичарот на инвестициската компанија РУСС-ИНВЕСТ Семјон Немцов. Според него од пазарот заминуваат најнеефикасните компании, а поуспешните го заземаат нивното место во експлоатацијата. Ефикасноста на експлоатацијата во САД годишно расте за десет проценти, а новите технологии што активно се применуваат, ги намалуваат трошоците за експлоатација за околу 5 до 10 американски долари, објаснува Немцов.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче