USM Holdings на рускиот Олигарх Алишер Усманов инвестираше во проектот Virtus.pro повеќе од 100 милиони американски долари, соопштија кон средината на октомври обете компании. Претходно Усманов се прослави со инвестиции во меѓународни проекти, а меѓу другото стана и сосопственик на социјалната мрежа Фејсбук и на интернет-продавницата Алибаба.
Како што велат за „Руска реч на македонски“ од Virtus.pro, инвестициите се наменети за период од две години. „Во прв ред, средствата ќе бидат наменети за проекти со потенцијално висок инвестициски поврат. Станува збор за организација на нови турнири на федерално ниво, развој на медиа-ресурси, создавање нов информативен портал за сајберспортот, развивање спортски арени“, вели за „Руска реч на македонски“ Алексеј Назаров, маркетинг-директор на Virtus.pro.
„Со вакви инвестиции клубот Virtus.pro станува светски лидер, со оглед на тоа што во ниту една сајберспортска организација не постои толкав капитал“, ја коментира зделката Јарослав Комков, продуцент на проектот Cyber.sport.ru. Притоа, тој забележува дека Virtus.pro е еден од најсилните сајберспорт клубови во Русија. Екипите учествуваат во дисциплините Counter-Strike Global Offensive, Dota 2, Heroes of the Storm.
Сајберспортот е релативно нова појава. Иако првите натпревари во стратегија StarCraft се одржаа уште кон крајот на деведесеттите години од минатиот век, својата голема публика тие почнаа да ја собираат дури во последниве години. Ваквите натпревари најмногу ги организираат специјалистите кои разработуваат нови игри. „Сајберспортот е популарен кај младината, и тој сè повеќе станува елемент на шоу, затоа го разгледуваме како извор на содржина која може да се продаде, - забележува Алексеј Назаров. – Се работи со стандардниот медиумски модел на монетизација: пренос, реклама, спонзори“.
Спонзори на турнирите, по правило, се технолошките компании (производители на гаџети, на компјутери, на тастатури итн.), производителите на електроника, телекомуникациските компании. Понекогаш финансиска поддршка даваат обичните спортски организации. Во Турција, на пример, спортскиот клуб Бешикташ го купи клучниот турски тим во сајберспорт и стана негов спонзор.
Колку се заработува во Русија од сајберспортот не се знае. Колку медиумските компании плаќаат на организаторите на турнирите за пренос, сè уште никој не пресметал, вели Назаров. Но, тоа дека пазарот на сајберспортот не е доволно искористен, може со сигурност да се каже, смета Јарослав Комков од Cyber.sports.ru. Според него, иднината е во рацете на организациите кои на играчите можат да им обезбедат плата, напредок, поддршка во медиумскиот простор и на социјалните мрежи.
„Името на Усманов гарантира појавување на повеќе пари во сајберспортот во следниве 5 години, - вели Комков. –Тој (Усманов – заб. ред.) купува место на пазарот каде има обрт од милијарди во следиве години. Тоа е како и во случаите со социјалните мрежи, каде сè уште не се знае како да се монетизира купувањето публика“.
Според оценките на Назаров, во перспектива пазарот на сајберспорт во Русија ќе расте за 30-40% годишно.
Руските сајберспортисти отсекогаш биле едни од лидерите во сајберспортот. „Тие имаат победувано на шампионатите во Warcraft, CS 1.6 и во многу други дисциплини, па затоа во целиот свет се сметаат за мошне талентирани“, вели Јарослав Комков.
Никаде во светот, освен во Јужна Кореа, сајберспортот не е официјално признаен како вид спорт. Во Русија имаше обид за негово признавање, така што во 2001 година доби официјален статус, но во 2006 година беше исклучен од Серускиот регистар на спортови поради несоодветност со критериумите. За влегување во регистарот неопходно е спортот да се развива во повеќе од половината региони.
Според Комков, основни центри на сајберспортот во Русија и во земјите од ЗНД се само Москва и Киев. Имено тука се базирани двата најкрупни клубови рускиот Virtus.pro и украинскиот NAVI.
За пазарот на Сајберспорт, меѓу другото, е заинтересиран и друг голем руски бизнисмен, поранешниот партнер на Усманов, Јуриј Миљнер. Во август 2015 година тој инвестираше 26 милиони американски долари во Super Evil Megacorp. Оваа компанија ја разработи онлајн-стратегијата Vainglory и направи место со истиот назив за натпреварување на играчите од сиот свет.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче