Гасот за Европа преку Турција

Извор: Ројтерс

Извор: Ројтерс

Рускиот гасен монопол „Гаспром“ им предложи на европските потрошувачи да изградат гасоводи за транспорт на гас од Турција – имено преку оваа земја од 2020 година Русија планира да доставува гас, заобиколувајќи ја Украина. Новиот проект треба да го замени Јужен тек, од кој Русија реши да се откаже поради спорот со Европската комисија.

Од 2020 година целиот транзит на гасот преку Украина ќе биде запрен. Ова на 14 јануари 2014 година го изјави првиот човек на „Гаспром“ Алексеј Милер, пренесува рускиот бизнис-весник „Комерсант“. На тој начин, според зборовите на топ-менаџерот, до овој момент Европа ќе треба да изгради гасовод за добивање 63 милијарди кубни метри гас од Турција, а до тој момент треба да биде готов гасоводот Турски тек, кој Русија ќе го изгради наместо Јужен тек. 

„Гаспром, на крајот, зазеде цврста позиција, ставајќи ја Европа пред ултиматум“, вели Иван Капитонов, доцент на катедрата за државно регулирање на економијата на Институтот за државна служба и управување при Руската академија за народно стопанство и државна служба. Според него, сега ризиците за реализација на проектот се во рацете на европските партнери на „Гаспром“. „Гледаме примери на засилување на преговарачките позиции на руската страна, кои се поткрепени со адекватни аргументи“, смета тој. 

Суштина на преговорите 

Турски тек е единствена маршрута по која можат да се испорачуваат 63 милијарди кубни метри руски гас, кои засега транзитираат преку Украина“, изјави првиот човек Алексеј Милер. Според него, Европејците треба да почнат да го градат гасоводот „веднаш“, инаку „овие обеми гас можат да се најдат на други пазари“. 

Русија ја прави ЕУ зависна од Турција
На 1 декември Владимир Путин беше со официјална посета во Република Турција. Оваа посета е најкусата во историјата на руско-турските односи (таа траеше само неколку часа), но, според резултатите, таа е многу значајна. Русија и Турција се договорија за изградба на атомска централа во износ од 20 милијарди американски долари и за изградба на нов гасовод, кој ќе биде замена за Јужен тек и ќе ја направи Турција најголем регионален енергетски центар.

Претходно беше планирано да се испорачува, избегнувајќи ја Украина, преку Јужен тек – гасовод со моќност од 63 милијарди кубни метри, кој требаше да биде спроведен по дното на Црното море. Гасоводот требаше да минува низ територијата на Бугарија, Србија, Унгарија, Австрија, Италија и Словенија, а желба за учество во проектот изјави и Македонија. Русија ја прекина реализацијата на проектот Јужен тек во декември 2014 година, а истиот беше пренасочен кон Турција и беше преименуван во Турски тек. Официјална причина за запирањето на проектот беше позицијата на Бугарија која во август 2014 година го замрзна проектот поради несоодветството со нормите на Третиот енергетски пакет на Европската Унија. Според тие правила, сопственици на гасоводот на територијата на ЕУ не можат да бидат компаниите-производители на гас. 

Нов круг преговори беше одржан во Москва на 14 јануари во рамките на посетата на европскиот комесар за енергетика, вицепретседателот на Европската комисија Марош Шефчович. „Јас бев многу зачуден на оваа изјава на Гаспром“, изјави Марош Шефчович по средбата. Впрочем, според него, Европската комисија е подготвена да го разгледа новиот предлог на Гаспром. 

Нов тек 

Како што забележува главниот аналитичар на UFS IC Иљја Балакирев, во ЕУ многумина сè уште не можат да поверуваат дека откажувањето од Јужен тек е реалност. „Долго време се чинеше дека тоа е лукав потег со кој 'се набива цена' на Јужен тек, но како што минува времето ваквиот 'пресврт' станува реалност“, вели тој. Освен тоа, според Балакирев, откажувањето од транзитот на гас преку Украина изгледа сосема реално, без разлика на тоа кој од алтернативните проекти ќе се реализира, со оглед на тоа што зголемените економски ризици се надополнуваат со политички. „Ниту една од постоечките варијанти на организација на транзитот преку Украина не гарантира непрекината испорака во Европа“, додава Иљја Балакирев. 

Според водечкиот експерт на управувачката компанија „Финам Менаџмент“ Дмитриј Баранов, Гаспром има целосно право да ја определува својата стратегија за развој, меѓу другото и за прашањата за транспорт на гас. „Имено, компанијата тоа и го направи, изјаснувајќи се за неопходност од измена на една од традиционалните маршрути“, вели тој. Притоа, според Баранов, компанијата не се откажува од испорака на гас во Европа и строго ќе ги почитува сите обврски, но сака да се откаже од услугите на земјата-транзитер – Украина. „Во дадениов случај Гаспром ѝ предлага на Европа да земе учество во решавањето на проблемот“, додава Баранов.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња