Зависни од увозната мувла

Извор: shutterstock / Legion-Media‏

Извор: shutterstock / Legion-Media‏

Руските сирења со мувла се многу солени и зависат од странските доставувачи на култури на печурки што произведуваат мувла, дознава новинарот на Газета.Ru, кој беше во фабриката што го произведува сирењето со мувла, кое го снема од продавниците. Експертите предлагаат да се почека неколку години, време додека домашните производители на сирења добијат искуство и почнат да произведуваат сирења со мувла, кои си имаат свои потрошувачи во Русија.

По воведувањето на ембарго на прехранбени производи, во Каневскиот реон на Краснодарскиот крај дојдоа претставниците на трговските синџири – ова е единствено место во Русија каде се произведуваат сирења со мувла. Претходно, велат работниците, беше сложено да се убедат партнерите дека кубањското производство не заостанува зад француското и зад данското. Денес трговците од Москва и од Санкт Петербург се принудени да се обидат да преминат на руско производство. 

Русија одговори на санкциите
Земјите на ЕУ можат да претрпат загуба од 12 милијарди евра поради ембаргото на производи што Русија го воведе како одговор на санкциите. Освен за ЕУ забраната се однесува и за низа производи од САД, Канада, од Норвешка и од Австралија. Јапонија не влезе во црниот список, иако воведе санкции против РФ. Русите се исплашени дека полиците во продавниците ќе се испразнат и дека цените ќе се вивнат до небо. Учесниците на пазарот, пак, се уверени дека бизнисот нема да трпи, дека постои можност да се надминат санкциите, а освен тоа Русија ќе се преориентира на увоз од Јужна Америка и од Азија.

Во фабриката „Калорија“, која произведува три вида сирење со бела мувла и едно со сина, се подготвени да ја зголемат моќноста за четири пати – до 30 тони месечно. Главниот технолог на фабриката Ољга Шабанова за „Газета.Ru“ вели дека идејата за производство на сирења со мувла пред околу десет години ја донел генералниот директор на претпријатието по едно патување во странство. 

Вкусот не е ист

„Сирењата со мувла во Советскиот Сојуз се произведувале уште во триесеттите години од минатиот век. Но, производството немало побарувачка, -  вели Шабанова. – Како основа ние ги зедовме советските стандарди, но ги преработивме според современите вкусови“. 

Моравме да ја намалиме соленоста во рокфордот, кој се произведува според нормативите од триесеттите години од минатата година, со оглед на тоа дека излезе оти сирењето е многу солено за современите гурмани. Кубањското производство се разликува од производството на сирења од Франција. „Таму има поизразен вкус на амонијак, а камемберот и брито се многу меки. Кај нас тие се поблиску до вкусот на кој се навикнати руските потрошувачи и тие се поцврсти“, зборува за разликите главниот технолог. 

„Неколкуте први партии излегоа неуспешни. Зошто? Не можевме да сфатиме. Потоа ни текна дека треба да се прочисти воздухот“, велат во производството. 

Па, така, сега работниците влегуваат во погонот преку одделен ходник, по туширање и по термичка обработка на облеката. За да не се развиваат други бактерии, воздухот се чисти со филтри. Тие ги задржуваат полезните бактерии од распространување низ останатото производство, со цел адигејското сирење и сулугуни да не фатат мувла. 

Мувлата не е под ембарго 

Кога започна производството се појави проблем со доставувачите на мувла – руските биофабрики не ја произведуваа, а странските даваа само мали количества. 

Првите количества мувла од една позната данска фирма ги донесоа речиси шверцувани, а потоа се договоривме за соработка. Сега културата на печурките што произведуваат мувла е единствената увозна компонента на кубањските сирења. 

„Проблеми во испораката поради санкциите засега нема. Доколку се појават проблеми, ние сме подготвени брзо да реагираме во врска со своето производство“, вели Ољга Шабанова. 

„Со воведувањето на санкциите нарачките се зголемија, сирењата почнаа да ги купуваат синџирите од големите градови. Сега произведуваме околу 7.5 тони месечно, но моќноста на фабриката е пресметана на 30 тони. Тоа значи дека можеме да го замениме производството на Valio и на други странски фирми“, велат од претпријатието. 

Без оглед на пофалните зборови од страна на производителите за своите производи, кубањското сирење со мувла практично е невозможно да се најде во трговските синџири во соседниот Краснодар. Производите на „Калорија“ успеавме да ги најдеме само во големите супермаркети „Магнит“: меко сирење со бела  мувла рависман чини 146 (3 евро) за 150 грама. Кубањ-плезир, аналог на камамбер, чини 1072 рубли за килограм (22 евра). 

Подобро помалку, но подобро

Земјоделските претпријатија со зголемена вредност
Забраната за увоз на прехранбени производи во Русија од земјите кои воведоа санкции ги поттикна инвеститорите да обрнат внимание на руските агроиндустриски компании. Акциите на овие компании во рок од една недела се зголемија за 30-40% Според експертите, засега станува збор за шпекулативен пораст, но овие производители во следниве години би можеле и да привлечат странски инвестиции.

„Не е тајна дека на многу потрошувачи им е тешко да преминат на друг вкусот и на друга конзистенцијата различна од онаа што ја знаат кај увозните сирења со мувла. И прекрасно е што руските производители го зеле тоа предвид“, коментира за „Газета.Ru“ доцентот на Кемеровскиот технолошки институт за прехранбена индустрија Владимир Ермолаев. Соговорникот претпоставува дека доколку домашните производители на сирење ја земат предвид оваа особеност, тогаш нашите сирења со мувла ќе го прошират сегментот на пазарот.

„Ги немам пробано сирењата на фирмата 'Калорија', но имав можност да пробам сирења со мувла на две фабрики за сирење од близината на Москва. Тие изгледаа одлично, но беа премногу солени и вкусот на мувлата не се чувствуваше. Нашите производители не можат да ги заменат француските или италијанските сирења со мувла, додека со данските или германските можеме да се обидеме. Секако тука не станува збор за неколку месеци, па дури и за ваквата споредба е рано да се зборува“ вели за „Газета.Ru“ сопственикот на московската продавница за елитни сирења „Сирно сомелиер“ Александар Крупецков. Експертот претпоставува дека дури и да го зголемат своето производство на 30 тони месечно, кубањските производители нема да можат да ја покријат побарувачката за сирење со мувла во Русија.

Притоа тој е уверен дека популарноста на домашните „посебни сирења“ зависи исклучиво од вкусот, зашто конкуренцијата ќе остане – одлични сирења со мувла се прават и в Швајцарија, Тунис и во Ирска, кои не се ставени под ембарго.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња