Извор: Ројтерс
Гаспром е подготвен да ја намали цената на гасот за европските потрошувачи. Во компанијата се плашат од новите меѓународни санкции и од засилена конкуренција на европскиот пазар. На Гаспром не му одговара да го изгуби својот дел од пазарот – за првпат по шест години корпорацијата забележа чиста загуба според кварталните резултати.
Украинскиот долг го остави Гаспром без заработка
Во вториот квартал од 2014 година Гаспром има остварено 7.5 милијарди рубли (207 милиони американски долари) чиста загуба – се вели во извештајот на компанијата според рускиот стандард за водење сметководство. Во целост, според резултатите за половина година чистата добивка на компанијата е намалена за 38%, односно изнесува 155 милијарди рубли (4.2 милијарди американски долари). Претходно Гаспром според рускиот стандард за водење сметководство последен пат има покажано загуба во 2008 година, кога погрешно ги оцени финансиските вложувања по паѓањето на берзата за време на финансиската криза. Сега клучна причина за падот е создавањето резерви според сомнителни долгови во износ од 179,3 милијарди рубли (околу 5.1 милијарди американски долари). Станува збор за долгот од страна на нафтената компанија „Нафтогас на Украина“ која го нема платено рускиот гас, кој ѝ бил испорачан во периодот за ноември-декември 2013 и за април-мај 2914 година.
Експертите забележуваат дека загубата, во основа, ќе влијае негативно врз исплатата на дивидендите. Но, одлуката за овие исплати обично се носи на крајот од годината, а тоа значи дека Гаспром има уште време да го надополни изгубеното. Изданието Комерсант, кое се повикува на изјавите на експертот Сергеј Вахрамеев од „Анкор инвест“, пишува дека во второто полугодие може да се очекува пораст на финансиските показатели на Гаспром, но монополот тешко дека ќе може да смета на враќањето на парите за испораките во Киев. Според пресметките на аналитичарот, поради падот на показателите во првото полугодие, дивидендите на Гаспром за 2014 година можат да се намалат за 10%.
Рускиот гас времено ќе поевтини
Но, компанијата сега е повеќе загрижена за друго прашање, а тоа е европскиот пазар: Гаспром спроведува оптимизација на ценовната политика, а исто така и географска диверзификација на испораките, се вели во извештајот на концернот.
Постојат неколку причини за намалување на цените – засилување на конкуренцијата на европскиот гасен пазар, глобално намалување на побарувачката на гориво, а исто така и заканата од воведување нови меѓународни санкции за Русија поради украинската криза. Определен ризик за Гаспром, исто така, претставува разликата помеѓу цените за долгорочните договори на компанијата и цените за гас на моменталниот пазар (на моменталниот пазар пресметката се врши веднаш во моментот на заклучување на зделката, односно цените се формираат секојдневно – заб. ред.), се вели во извештајот.
Кога понудата ја надминува побарувачката, високите цени за долгорочните договори на компанијата можат да покажат негативно влијание врз преземањето гас од страна на купувачите. Истото може да се случи кога цените на моменталниот пазар се пониски, одошто оние кај долгорочните договори, предупредуваат од концернот. За да не го дозволи тоа Гаспром воведува моментален елемент во некои договорни формули, иако се обидува да ја зачува центата на нафтата онаму каде што е можно. Во исто време, концернот времено го намалува степенот на испорака според системот „земи или плати“ (станува збор за услов во договорот според кој купувачот треба да плати фиксна цена за договорениот обем, без разлика на тоа колку гас навистина има искористено – заб. ред). Но, ова намалување ќе биде компензирано со соодветно зголемување, кога нивото на користење ќе се врати во претходните граници, забележуваат во компанијата.
Аналитичарот на Rye, Man & Gor Securities Сергеј Пигарев забележува дека „слободен“ гас, по правило, повеќе има налето. Имено тогаш моменталните цени одат надолу, и затоа побарувачката за гас за долгорочни договори, исто така, се намалува. Но, назима моменталните цени и побарувачката растат, така што преземањето руски гас значително се колеба.
Според Пигарев, побарувачката на гас во Европа се намалува трета година по ред, а ваквата тенденција особено се забележува во гасната електрогенерација. Таму уделот на гас за периодот од 2009 до 2013 година е намален од 22 на 14%. Уделот на јагленот, пак, е пораснат од 25 на 26%.
Во моментов е тешко да се каже колку ќе се намалат цените на гас. Според Сергеј Пигарев, партнерите на Гаспром толку многу не се стремат кон самото намалување на цените, колку кон поголемата еластичност на формирањето на цените. Експертот смета дека цената ќе се коригира заедно според моменталниот пазар.
Во првото полугодие од 2014 година Гаспром, според извештајот, ја има коригирано цената за гас во договорите со низа турски компании, а исто така и со грчката Depa. Ваквата ценовна еластичност веќе носии резултати. Во првото полугодија компанијата го има зголемено извозот на гас во Западна Европа за 4.3%, односно 64.75 милијарди кубни метри. Низа други клиенти, како што се германската E.ON и швајцарската AXPO Trading, се борат за корекција на цената на гасот во Стокхолмскиот арбитражен суд.
Текстот е напишан врз основа на rbcdaily.ru.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче