Фотографија: Reuters.
Русија е многу поуспешна во борбата со светската економска криза отколку поголемиот број развиени земји, покажуваат податоците на Светската банка што се објавени во јули. Русија со својот БДП по глава на жител споредено со паритетот на куповната моќ (ПКМ) во 2012 ги престигнала сите земји во ЕУ, вклучувајќи ја и Германија, која се наоѓа на шестото место во светот. Во првата петорка пред Русија се наоѓаат САД, Кина, Индија и Јапонија. Треба да се додаде дека податоците на Светската банка го потврдија кредитниот рејтинг што Меѓународниот монетарен фонд го објави уште кон крајот на 2012 година, иако, според него, Русија во определен степен заостануваше зад Германија и го зазеде шестото место.
Јулскиот рејтинг на Светската банка во однос на рускиот БДП во однос на ПКМ е уште една потврда за завидното ниво на руската економија, истакнуваат стручњаците. Според номиналниот БДП (податоците на ММФ) Русија напредувала од деветтото на осмото место. Освен тоа, Светската банка на почетокот на јули ја премести Русија во групата земји со висок национален приход по глава на жител (во последниве десет години Русија беше во групата земји со приход над просекот). Напредокот во рејтингот секако ќе биде важна предност за време на придружувањето на Русија на Организацијата за економска соработка и развој (OECD), кое е предвидено за 2015 година. За уште поголем раст на БДП по глава на жител стручњаците на OECD препорачуваат да се зголеми продуктивноста, да се стимулираат иновациите, а потоа и да се усовршат финансиските и даночните регулативи.
За стручњаците успесите на руската економија не претставуваат изненадување. Според главниот економист на „Deutsche Bank“ Јарослав Лисоволик, рејтингот на БДП во однос на ПКМ во целина прилично реално ја одразува состојбата на потрошувачка на стоки и услуги во економијата. „Руската економија генерира раст поради поволните цени на нафтата, додека Европа е во рецесија и изгледите за излезот од кризата не се извесни. Особено е сериозна ситуацијата во Јужна Европа која секако влијае и на Германија и на другите земји. Затоа Русија губи помалку во моменталните услови на криза во однос на Европа. Освен тоа, во последниве година и пол рубљата покажува добри резултати“, додава Лисоволик.
Генералниот директор на „Агенцијата за политички и економски комуникации“ Дмитриј Орлов исто така смета дека местото на Русија на ранг-листите според БДП е сосема соодветно. „Во однос на нашиот бруто домашен производ и на куповната моќ и со сите наши проблеми далеку сме од Кина, но сме многу понапред од Европа“, истакнува стручњакот.
Што ја очекува руската економија во иднина? Ова е прашањето што посебно ги интересира како жителите на Русија, така и светските инвеститори кои мошне внимателно ги следат случувањата во Русија. ММФ неодамна ја намали прогнозата за рускиот раст за 2013 година на 2.5%. Прогнозите на Светска банка се само незначително пониски – пораст од 2.3%. Но, овие бројки се чинат сосема солидни во однос на изгледите за пораст на американскиот БДП (1.7%) и на европската рецесија (од -0.6%). Динамиката на економскиот раст кај двата соседи од групата БРИК и понатаму е повеќе од импресивна во однос на руската (Кина – 7.8%, а Индија 5.6%).
Анкетираните стручњаци веруваат дека во следната година заради стагнација во Еврозоната предноста на Русија во однос на Европа ќе се зголемува сè повеќе, но и дека Русија во голема мера ќе заостанува зад споменатите азиски држави. „Кина и Индија сè повеќе ќе ги зацврстуваат своите позиции на ранг-листите поврзани за БДП“, уверен е Орлов. Со него се сложува и Лисоволик, кој во исто време напомнува дека без оглед на напредокот во рејтингот на Светска банка, проблемот со недоволниот економски раст во Русија сè уште постои и сосема е сигурно дека ваквата тенденција ќе продолжи и понатаму.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче