Позната агендата на „рускиот Давос“

На форумот е планирано да земат учество канцеларот на Германија Ангела Меркел и премиерот на Холандија Марк Руре. Извор: ИТАР-ТАСС.

На форумот е планирано да земат учество канцеларот на Германија Ангела Меркел и премиерот на Холандија Марк Руре. Извор: ИТАР-ТАСС.

Најголемиот бизнис и политички настан во Русија – 17 Петербуршки меѓународен економски форум – ќе се одржи од 20 до 22 јуни. За перспективите на глобалната економија и патиштата за постигнување економски раст ќе дискутираат повеќе од пет илјади учесници од 30 земји во светот.

Седумнаесеттиот Петербуршки меѓународен економски форум (ПМЕФ) годинава ќе се одржи од 20 до 22 јуни. Основен предмет за дискусија на „Рускиот Давос“ 2013 (според својата големина ПМЕФ може да се спореди имено со форумот во Давос) ќе биде мошне актуелна тема: „Перспективите на глобалната економија: време за решителни акции“. „Санктпетербуршкиот меѓународен економски форум е едно од клучните места за дискусија на прашањата поврзани со економијата, и тоа како на руската, така и на меѓународната. Ние се обидовме тоа да биде одразено во агендата“, изјави директорот на одделот за инвестициска политика и за развој на јавното приватно партнерство при министерство за економски развој на РФ Игор Коваљ. 

Особено значење на темата ѝ дава тоа што во 2013 година Русија ќе претседава со Г-20. „Во програмата на форумот оваа година исто така ќе влезе темата за дискусија за агендата на „големата дваесетка“, вели господин Коваљ. Всушност, станува збор за стимулирање на инвестиции за забрзување на растот на економијата, управување на државата со долговите, реформата на меѓународниот финансиски систем, постојан развој на енергетските пазари и зацврстување на светската трговија. На форумот е планирано да земат учество канцеларот на Германија Ангела Меркел и премиерот на Холандија Марк Руре. Впрочем пред почетокот на „Рускиот Давос“ на местото на спроведување на форумот ќе се одржат уште два настана: „Млада дваесетка“ (Y20) и самитот „Деловна дваесетка“ (B20).

ПМЕФ доживеа вистински расцут, станувајќи еталон за деловен форум во Русија.

Основна тема за дискусија на 17 Петербуршки меѓународен економски форум ќе биде излезот од стагнацијата и патиштата за постигнување на сигурен економски раст – прашања кои во денешно време се актуелни за многу земји. На сесиите кои се обединети под темата „Глобална агенда за сигурен економски раст“ ќе се дискутира за основните фактори кои го определуваат развојот на светската економија, а исто така и за тоа какви мерки треба да се преземат за преструктуирање на економијата и стимулирање на постојан раст. 

Форумот ќе ги собере клучните претставници на меѓународната бизнис сцена, политичките и економските елити од целиот свет, кои ќе станат херои на традиционалниот за ПМЕФ и веќе широко признаен циклус средби „Разговори кои го менуваат светот“. На пример, минатата година средби од сличен формат се водеа со шефот на Goldman Sachs Ллојд Бланкфејн, основачот на Mangrove Capital Partners Џерард Лопез и добитникот на Нобеловата награда Хенри Кисинџер. 

Други не помалку важни теми за дискусија ќе бидат „Русија во глобалната агенда“ (правците на развој на руската економија и улогата на Русија во глобалниот свет – со учество на претставници на владата на Руската Федерација) и „Нови катализатори на промените“, која ќе биде посветена на можноста за користење на напредната технологија и на иновациските приоди во решавање на задачите на економијата и на општеството. 

На ПМЕФ ќе се одржи и традиционалниот самит на енергетските компании, во чии рамки минатата година „Роснефт“ потпиша серија спогодби, меѓу кои и со Eni и Statoil за Арктикот, добивајќи во замена пристап до преработката на нафтата во Европа, до наоѓалиштата во Северна Африка и до други активи.

Треба да се забележи дека за сето време на своето постоење ПМЕФ успеа да помине голем пат. Доколку до средината на минатата декада тој имаше само локален карактер, а бројноста на учесниците ретко надминуваше две илјади лица, веќе од 2005 година за ПМЕФ како меѓународен настан почна активно да лобира поранешниот шеф на министерство за економски развој, а сега претседател на бордот на „Сбербанк“ Герман Греф. Како резултат на тоа со поддршка на Игор Шувалов ПМЕФ доживеа вистински расцут, станувајќи еталон за деловен форум во РФ. 

Имено на него сега се ориентираат руските чиновници при подготовката на меѓународните настани. „МПЕФ стана еталон за форумите што ние ги правиме во Русија“, вели заменик-министерот за економски развој Олег Фомичев. Навистина, тука нема со што да се споредуваме: минатата година на ПМЕФ зедоа учество повеќе од 5347 претставници на бизнисот, меѓу кои 157 шефови на најголемите странски компании, од кои 55 влегуваат во рејтинзите на Forbes и Fortune. На форумот беа потпишани 84 спогодби, од кои девет спогодбени договори во износ од повеќе од 360 милијарди рубли (околу 1151064000 американски долари), меѓу кои четири кредитни спогодби на сума од 164.4 милијарди рубли (околу 525652560 американски долари), а овој настан го следеа 1139 новинари од 30 земји од светот.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.