Дали „Утро во боровата шума“ навистина ја насликал Шишкин?

Иван Шишкин; Константин Савицки
Додека ја гледаат сликата „Утро во боровата шума“, посетителите на Третјаковската галерија се насмевнуваат како да гледаат стар познаник. Но, ако погледнете малку подобро, на етикетата на дното на сликата ќе забележите уште едно презиме - К. Савицки. Кој е всушност авторот на ова ремек-дело?

Пријатели-передвижници

Портрет на сликарот И. И. Шишкин. 1880. Масло на платно.

Иван Шишкин и Константин Савицки биле пријатели. И двајцата биле во Здружението на патувачки сликарски изложби (Товарищество передвижных художественных выставок – ТПХВ) и си помагале еден на друг. Според сеќавањето на Валерија Димулен, втората сопруга на Савицки, на пејзажните слики на Шишкин нејзиниот сопруг „секогаш сликал фигури“, како што е кочијата на пејзажот „Дожд во шумата“.

Како вистински пријатели, тие не ја споделувале само радоста, туку и тагата. Константин бил кум на крштевањето на еден од синовите на Шишкин и многу тагувал кога тригодишното дете починало. Дури и по загубата на нивните сакани сопруги, пријателите пронаоѓале заемни зборови на утеха. Имено, во 1874 година од туберкулоза починала првата сопруга на Шишкин, а една година подоцна самоубиство извршила првата сопруга на Константин Савицки, Екатерина Васиљевна.

Портрет на сликарот К. А. Савицки

Тие ги споделувале и своите креативни идеи. Димулен се сеќава како се родила идејата да работат заедно на сликата „Утро во боровата шума“. Савицки работел на сликата „Во војна“ кога на ум му паднала нова композиција. Цела ноќ ја скицирал „Мечки во шума“. Шишкин бил воодушевен кога ја видел скицата, па Савицки предложил заедно да ја завршат сликата: „Ти ја знаеш шумата подобро од мене“. Така и било. Шишкин насликал борова шума во зори, а неговиот пријател насликал забавни мечки кои се катерат по паднато стебло.

„Утро во боровата шума“

„Ја убивме мечката, а мечкината кожа ја поделивме!“

„Кога почнав да ги сликам мечките во шума, доста се загреав на сликата. Изработката на пејзажот ја презеде И. И. Шишкин. Сликата беше успешна и Третјаков ја купи. Така ја убивме мечката и ја поделивме кожата! Со поделбата, сепак, излезе некако трапаво“. Така Савицки им ја опишал на своите роднини ситуацијата поврзана со оваа слика.

Селанец со коњ

Сликата ѝ била претставена на јавноста на 17-тата изложба на передвижниците. Познатиот колекционер Павел Третјаков понудил многу голема сума за неа - 4000 рубли. Савицки добил само четвртина од тоа.

Во каталозите на галеријата како автор е наведен само Шишкин. Постојат различни верзии за тоа. Можеби дошло до некакво недоразбирање меѓу пријателите, па Савицки сам си го избришал презимето. Но, не е исклучена ни можноста презимињата на двајцата автори да биле првично на платното и дека Савицки бил „избришан“ лично од Третјаков.

Пречек на икона

Познатиот покровител на уметниците бил во лоши односи со Савицки поради неговата слика „Пречек на икона“ („Встреча иконы“). Откако ја купил, Третјаков забележал дека со текот на времето слојот боја на неа пука. Савицки му ветил на основачот на галеријата дека ќе го поправи недостатокот, но решил да го стори тоа во негово отсуство. Меѓутоа, одбрал нијанса на боја која не била соодветна, правејќи ги новите облаци прилично розови и „болни за очи“ наспроти преовладувачката студено сива позадина. Третјаков наредил оригиналната боја веднаш да се врати, дури и ако била испукана. На сликата ѝ бил вратен првобитниот изглед, но во односите дошло до заладување.

Потписот на Шишкин под кој се едвај видливи трагите од потписот на Савицки.

Така, според една верзија, колекционерот не трпел дополнителни промени на купените слики, па го избришал презимето на Савицки кога го видел на „Утро во боровата шума“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња