Извор: РИА Новости
Павел Третјаков (1832-1898)
Извор: РИА Новости |
Третјаков е клучната фигура во руската уметност. Познатиот московски трговец ја замислувал својата колекција како основа за идна галерија. Во својот тестамент што тој навремено го составил, главна точка била зачувувањето на целосноста на колекцијата. Ова ја спасило Третјаковската галерија од разнесување по музеите во советскиот период.
Колекцијата на слики што се наоѓа во Третјаковската галерија е најпозната во целиот свет. Таа го проследува целиот пат на руската уметност: од ремек-делата на руските иконописци (во прв ред оригиналот на „Троица“) преку реализмот на передвижниците (Саврасов, Шишкин, Репин) до бескомпромисната авангарда од почетокот на дваесеттиот век („Црниот квадрат“ и други дела на Малевич).
Со изградбата на зградата за галеријата се занимавал самиот Третјаков. За изработката на дизајнот на фасадата тој поканил еден од главните уметници од своето време – фолклористот и писател на сказни Виктор Васнецов. Интересниот модернистички дворец кој е добиен од оваа соработка го предава особениот дух на галеријата и на нејзините експонати.
Сергеј Шчукин (1854-1936)
Извор: РИА Новости |
За трговците-старообредници Шчукини колекционерството претставувало семејна традиција. Од четири браќа колекционери, најуспешен бил Сергеј Шчукин, кој собирал француски модернизам. Како постојан посетител на париските галерии, Шчукин намерно ги купувал ремек-делата на импресионистите, во времето кога тие сè уште не се сметале за истакнати. Можеби меѓу своите браќа тој бил најголемиот ексцентрик, но на крајот неговата колекција излегла највредна: Моне, Матис, Сезан, Гоген...
Сергеј Шчукин може да се смета за еден од најдобрите инвеститори во историјата на светската уметност. Според процените на Sotheby’s, денес вредноста на неговата колекција ви изнесувала 8.5 милијарди американски долари. По револуцијата, колекцијата на Шчукин кој емигрирал во Франција била национализирана. Денес сликите што ги има собирано овој колекционер се претставени во државните руски музеи.
Иван Морозов (1871-1921)
Наследникот на познатата трговска династија Морозов во детството учел да слика кај главниот руски импресионист Константин Коровин. Откако завршил универзитет во Швајцарија, тој го напуштил сликарството и се зафатил со раководење со семејните фабрики за ткаење. Сепак, дружбата со московските уметници наскоро повторно во него го разбудиле интересот за уметноста.
Портрет на Иван Морозов од Валентин Серов. Извор: РИА Новости
Аукциската оценка на збирката на Иван Морозов е поскромна одошто онаа на Шчукин и изнесува 5 милијарди американски долари, но сепак таа е една од највредните приватни колекции во историјата. Меѓу „хитовите“ што ги собрал Морозов се „Девојка на топка“ од Пикасо, „Ноќно кафе“ од Ван Гог и „Портрет на Жана Самара“ на Реноар.
Споена со наследството на Шчукин, колекцијата на Морозов во дваесеттите до четириесеттите години од минатиот век била основа на Музејот на западната уметност. Потоа сликите биле поделени помеѓу Ермитаж и Пушкинскиот музеј во Москва, каде можат да се видат и денес.
Георги Костаки (1913-1990)
Извор: Википедија |
Советскиот Грк Костаки во младоста работел во грчката амбасада како шофер. Должноста му налагала да оди со дипломатите во антикварници. Така кај него се родила љубовта кон уметноста.
Костаки ја собрал својата позната колекција во периодот од триесеттите до седумдесеттите години од минатиот век. Особено внимание тој им посветувал на авангардистите, кои во тоа време ниту ги почитувале, ниту ги ценеле. Костаки бил еден од малкутемина кој можел да го оцени нивниот уметнички радикализам. Најдобар примерок од неговата колекција е сликата на Климент Редко „Востание“, на која е прикажан болшевичкиот револуционерен пантеон во вид на црковно сликарство. Иронично, Костаки бил и најголем колекционер на икони.
Во седумдесеттите години од минатиот век Костаки емигрира во Грција. Поголемиот дел од колекцијата морал да ја остави во СССР (таа била предадена во Третјаковската галерија), но некои дела успеал да ги земе со себе. Впрочем, за Грција дури и тој дел бил толку голем што владата на Грција, откако откупила поголем дел од тие дела, била принудена да основа музеј на современата уметност во Солун.
Игор Савицки (1915-1984)
Извор: Википедија |
Игор Савицки не би требало формално да се смета како колекционер. Тој не поседувал ниту една слика. Сепак, Савицки со сопствени сили собрал уникатна музејска колекција, со што, заедно со Третјаков, станал најголем галерист во историјата на Русија.
Во шеесеттите и во седумдесеттите години од минатиот век Игор Савицки бил директор на музејот во градот Нукус во Узбекистанската ССР. Иако музејот бил замислен како музеј на културата на крајот, Савицки по сопствена иницијатива во него собрал десетина илјади дела на руската авангарда. Во неговата колекција се вклучени дела на Роберт Фаљк, Климент Редко, Љубов Попова и на други руски авангардисти, кои им се добро познати на историчарите на уметноста, но постојат и многу дела што не ѝ се познати на пошироката публика. Ваквата ситуација се должи на тоа дека тие до денешен ден се чуваат во тешкодостапниот узбечки град Нукус во музејот „Игор Савицки“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче